Ај да ја оживееме темава уште еднаш :tv:
Еве еден интересен блог пост... (не е мој)
ГордостАко сакате луѓето да ве слушаат, денес веќе не е доволно само да им го допрете рамото.
Треба да ги удрите со
токмак и тогаш ќе забележите дека го имате нивното потполно внимание.
Цитатот е од еден од моите најомилени филмови,
Седум. За оние што не го знаат: во некој голем град во САД се појавува убиец што убива луѓе казнувајќи ги за правење на еден од
седумте смртни гревови (класичен христијански концепт). Еден од седумте е и Гордоста. Некои ја сметаат гордоста за најстрашниот од седумте затоа што, како што вели Данте, станува збор за „себе-љубие изопачено во омраза и презир кон ближниот“.
Имајќи го ова во предвид, како и фактот дека националистите во Македонија најчесто се декларираат како христијани, многу е чудно
она што се случи минатиот викенд. Не знам за другите градови, но цело Скопје беше облепено со овие плакати. Нема да навлегувам во тоа колку пари се фрлени за кампањава и колкава логистика им требала за подвигот (имам печатено и лепено колор плакати) – како што неколку пати веќе имам спомнато, демо-христијаниве се мајстори за погрешно/залудно фрлени пари. Нема да дробам ни за тоа што
никој не е потпишан како автор на плакатите. Она што мене ме иритира е пораката дека треба да бидам
горд што сум Македонец затоа што и Филип и Александар и Кирил и Методиј и Крале Марко и Гоце Делчев и Даме Груев биле Македонци.
На страна дискутабилната „македонскост“ на повеќето лауреати од плакатите, зошто да се гордеам со нив? Зошто да се гордеам со фактот (кој што уште одамна стана „тажен“) дека по игра на случајноста сум се родил и сум останал во Македонија? Да, игра на случајноста. Што ако моите родители пред 30 години, откако се венчале, решиле да отидат во Германија или во САД или во Англија? Да се гордеам со нешто за што реално немам никаква заслуга, за мене, е бизарно. Исто како да се гордеам затоа што сум машко. Или затоа што сум белец. Или затоа што, колку што знам, не сум алергичен на ништо… Дури не можам ни да се гордеам дека сум „чист Македонец“. На страна што сум од „
мешано етничко потекло“ – според
истражувањето на ИГЕНЕА, јас сум антички Македонец, Тевтонец, Хелен, Словен, Хун
и Феникиец. Да, тоа е
и, а не
или. Каде е гордоста тука?
И дали може воопшто за нешто да се гордееме? Може да се гордееме што сме станале магистри, доктори, професори, шефови на кабинети, влади, претпријатија? Можеби и може, ако сме вложиле доволно труд во достигнувањето на целта. Но кој ни ја всадил идејата/желбата да станеме тоа што сме? Дали може да се гордееме со нешто во што не сме ја вложиле сета креативност, енергија, волја, страст и љубов? И дали вреди она за што пресметуваме колку проценти сме вложиле?