Откако пред некое време кога масовно ги испоапсија се мрсулавеа и цмиздреа дека биле наместени, нивните лакоми колеги научени на лесна пара кои спасија глава наместо да извлечат поука си продолжуваат по старо. Шо ќе праиш, навиките не се менуваат лесно:
Жена цариник на граничниот премин Табановце, побарала од скопјанка да и даде четири илјади денари за да не и ја царини стоката што ја увезувала. Случајот е пријавен во полиција, a Гордана Т. (38) од Куманово, вработена во Царина била фатена и заработила кривична пријава за примање поткуп, информираат од МВР.
На први овој месец на преминот Табановце, царинскиот службеник при контрола на автобус во кој како патничка била Л.А, и побарала четири илјади денари, за текстилната стока. Нејзината намера била да заработи нешто под рака. Притоа, Гордана и рекла дека за увезените производи, таа требало да плати осум илјади денари, царински давачки. За да и излезе во пресрет и побарала половина од сумата. Скопјанката и одговорила дека во себе има само 35 евра, и истите и ги дала. Гордана незадоволна од понудената сума и побарала уште 2.500 денари. Се договориле друг ден Л.А. да и го донесе остатокот од парите.
Оштетената случајот го пријавила на телефонот 197 на Царината. Отаму била контактирана полицијата која превзела мерки. На Л.А. и дале технички обработени пари. Таа се договорила со Гордана да се сретнат на четврти овој месец. При примопредавањето на 2.500 денари, осомничената била фатена и од Одделот за организиран криминал заработила пријава за сторено кривично дело примање поткуп, наведено е во полициското соопштение.