ВЕСЕЛА ГЕОГРАФИЈА ВО СУДСКА ПРЕСУДА
Наместо за Тајван, Циле осуден за Тајланд
Тупурковски вчера објави дека, по над 65 дена чекање, конечно ја добил пресудата во писмена форма која, според него, е чист препис од обвинителниот акт, и е скандалозна и испогрешена, со погрешни суми и со неточно презентирани факти од судијата Нича
Бившиот директор на Агенцијата за обнова и развој и поранешен вицепремиер Васил Тупурковски, од судијата за организиран криминал Јани Нича е осуден на тригодишна затворска казна за
кредити од - Тајланд!? Во пресудата место Тајван, стои дека станува збор за кредити од Тајланд. Но тоа не е единствената грешка во документот.
Место Кина, стои Цхина и Хина, Таињан, место Тајван.
Вчера на прес-конференција Тупурковски објави дека, по над 65 дена чекање, конечно ја добил пресудата во писмена форма, која, според него, е чист препис од обвинителниот акт, башка што целата била скандалозна и испогрешена, со погрешни суми и со неточно презентирани факти од судијата Нича.
"Сега гледам дека изјавата на судијата: 'Обвинетиот не ја докажа својата невиност', не била лапсус туку сериозен однос кон правниот систем. Освен што ја презеде улогата на егзекутор од Обвинителството и не ги прифати моите докази за невиност, судијата Нича врши и конструкција на ситуација за да убеди. Во еден од своите аргументи, наведува дека во 1998 година не сум постапил по правилник на Агенцијата, донесен кон крајот на 1999 година, пред да станам вицепремиер. Неприлична конструкција со регулативи кои не биле на место кога сум бил јас директор", редеше примери Тупурковски.
"Натаму, од договорот меѓу Стопанска банка и АОР го извлекол само член 7 дека Банката нема никаква одговорност за враќањето на кредитите, а го игнорирал член 4 кој вика дека нема да се дозволи ниту една рата, ако Банката не обезбеди гаранција за враќање на парите", наведува Тупурковски, кој спомна и дека изјавите на сведоците на одбраната, кои ништо не биле прашани од судијата, биле свртени кон него.
Тој $ порача дека групата која ја извела, според него, оваа конструкција, нема да има вакво финале, иако, како што рече, сака, ама не може да му верува на второстепениот суд.
"Оваа пресуда ќе биде почеток на борбата за правна држава. Жално е што ќе биде на штета на Македонија, бидејќи случајот сигурно ќе отиде до Стразбур и до надлежните меѓународни институции", рече Тупурковски и отвори можност за собирање потписи од граѓаните, со шанса да се формира цивилно движење, чисто, нефинансирано од никого.
Тупурковски рече дека ќе објави кој е мозокот на целата егзекуција. "Не ми е цел да го гонам Јани Нича туку да го ослободам да каже кој го стави во таква инфериорна позиција, да му го скрати правото сам да одлучува", вели тој
http://www.vest.com.mk/?ItemID=B71B6569D55E874F85437DCED601BA17