Не се лутиме за се` и сешто, туку она што ни е важно ќе предизвика реакција кај нас и самата лутина не` тера да се чувствуваме способни да реагираме. Само, уште пред да се налутиш пожелно е да си сфатил дека другите луѓе не ти се виновни.
Ако лутината од неуспехот за одредена работа е потисната, таа ќе излезе на друго место, па најчесто се истура на некој кој нема врска со сето тоа.
Ако си смирен и сконцентриран борец, гневот на човекот кој изгубил не може да ти наштети. Ако противникот стане гневен, значи низ целиот тој процес на „борба” тој трупал лутина, согледувајќи дека постои можност да изгуби. Ако полека се познава неуспехот од некоја работа, незадоволството и лутината се натрупуваат, за на крај да завршат со гнев и истурање на сета негативност кон тој што успеал (катарзична улога на лутината).
Правилно е да веруваме во она што правиме (иначе не би имале мотив за дејствување), но грешката е што некои премногу долго веруваат во нешто што очигледно не оди. Поразот треба да си го признаеш сам на себе, џабе е упорно да се обидуваш да исправиш некои работи, така само може да се влезе подлабоко и да се влоши ситуацијата.
Ако за нешто се борам, ако нешто ми значи, сигурно низ целата таа спонтаност ќе седнам и ќе ги анализирам сите можни ситуации и сите чекори кои ги преземам. Точно дека однапред не можеш да знаеш како другиот(те) ќе реагира(ат) точно во било која ситуација, ама лесно е да претпоставиш ако размислуваш и ако добро ја познаваш ситуацијата. Ќе ја имам предвид и можноста да изгубам и можноста да добијам.
Значи, гледано од агол на губитник. Откако ќе ми стане јасно што можам да изгубам, тогаш нема зошто да чувствувам гнев кон другиот, самата сум била свесна што може да се случи. Може да бидам лута на себеси затоа што не сум вложила повеќе труд и способност, а на другиот само ако сум навредена. Потешко оди да се повлечеш, ама ако успееш што побрзо, поуката ќе дојде побрзо.
Некогаш тој што победил знае да го предизвика гневот на другиот и да турива водичка во жешкото масло, не мора да значи дека сам по себе ќе се појави кај тој што изгубил.