ОБЈАВЕНИ ГЛАВНИТЕ ХЕДЛАЈНЕРИ
Kaiser Chiefs доаѓаат на Таксират
Британските инди ѕвезди Kaiser Chiefs ќе настапат како главни хедлајнери на годинешниот Таксират што на 3. декември во скопската Метрополис арена ќе го има своето 13 издание. Популарниот англиски бенд, кој е дел од големата светска инди тројка со Franz Ferdinand и Arctic Monkeys, доаѓа во Скопје за првпат, а ќе настапи со најдобрите хитови од својата кариера.
Покрај Kaiser Chiefs, истата вечер ќе настапат и нашите рокенрол ѕвезди Т.Б. Трачери, кои покрај задолжителните хитови на Таксират ќе го свират и нивниот нов, долгоочекуван албум "Кинки во нервозна џунгла".
Kaiser Chiefs се алтернативен рок бенд кој е оформен во Лидс, Англија на почетокот на 2003. година. Составот на бендот го сочинуваат Ricky Wilson (вокал), Andrew White (гитара), Simon Rix (бас), Nick "Peanut" Baines (клавијатури) и Nick Hodgson (тапани), тимот кој стои зад четирите објавени албуми досега и 11-те синглови меѓу кои и хитовите како „I Predict A Riot“, „Oh My God“, „Ruby“ и „Never Miss A Beat“.
Некои од членовите на бендот се жестоки фанови на фудбалскиот тим Leeds United (од нивниот роден град Лидс), па оттаму е и нивната инспирација групата да ја именуваат според фудбалскиот клуб Kaiser Chiefs од Јужна Африка, кoj е поранешниот клуб на Лукас Радебе, долгогодишниот капитен на Leeds United.
Пред да настапат под ова име, уште од 1996. година момците настапуваат како гаражен рок бенд под името Parva. Но, откако пропадна нивната издавачка куќа од тој период, Mantra Records, групата се повлекува враќајќи се на своите корени и го присвојува бритпоп звукот, кој ќе го доведе бендот до популарноста во Велика Британија и ширум светот.
Нивниот енергичен стил на пост-милениумски гитарски рок, кој во изминатата декада би бил сместен во инди брендот, брзо наиде на фанови во локалните музички кругови. Квинтетот прво го издаде својот деби сингл „Oh My God“, по што следуваше договорот за албум со B-unique етикетата. Групата почна да го привлекува вниманието на широкиот аудиториум, особено кон крајот на 2004. година со издавањето на нивниот следен сингл, молскавичниот хит I Predict A Riot. Со овој сингл, кој беше прв од нивниот деби албум Employment, Kaiser Chiefs во 2005. беа лансирани на глобалната музичка сцена.
Албумот е музички инспириран од њу вејв и панк рок музиката од доцните 70ти и 80ти, и достигна меѓународен успех со повеќе од три милионии продадени копии. Employment во 2005. година влезе и во најтесниот избор за наградата Mercury Prize. „I Predict A Riot“ се емитуваше на радио станиците ширум светот, а групата таа година го отвори Live8 фестивалот во Филаделфија и беше дел од NME Awards Tour.
Вториот албум на Kaiser Chiefs, насловен Yours Truly, Angry Mob (2007), за разлика од деби албумот, доби различни рецензии од критичарите кој го оценија истовремено како „албум полн со џубокс хитови“ и „предвидлив“. Но токму овој албум го донесе најгомелиот хит на Kaiser Chiefs и број еден синглот во Велика Британија - „Ruby“.
Следниот студиски запис Off with Their Heads групата го издаде во 2008 година, а по три годишна намерна пауза која имаше за цел, за момент да го извлече бендот од центарот на вниманието, во јуни 2011та, момците го издадоа и нивниот последен албум The Future is Medieval. Овој албум е сниман во период од 18 месеци на различни локации, а бендот со него повторно успева да ги здружи спонтаноста и возбудата на процесот на музичко творење и во звукот додава различни сегменти од нивните музички влијанија – отсечен и прецизен њу вејв, остроумно отклонување кон David Bowie и Pink Floyd изненадувања – влијание видливо на нивната целокупна музичка, но и визуелна идеја.
Ако се вбројувате во малкумината кои не знаат која е всушност терористичката банда Трачери еве ексклузивна можност да дознаете: Формирани се во уникатното Куманово во 1994 година, но покрај бројните концертни настапи дури по седум години, во 2001 година, успеваат да го издадат својот прв албум „Клати и тркалај„ кој во круговите на нашиот андерграунд денес ужива култен статус.
Тогашните хитови „Елтон факинг Џон“, „Кинки“, „Мама не ти дава“, „Ја сам убав“ ... се пуштаа на “Канал 103“ но, за жал, другите радија, а за телевизиите да не зборуваме, воопшто не сакаа да пласираат нешто поинакво од хипер-кичот кој до ден денес суверено владее со целиот наш медиумски простор. Веќе во 2003 излегува вториот албум „Купи ме“, а 2005 и третиот „Шлагери од Содома“. Видео записот за песната „Икона“ во режија на Дејан Пројкоски е една од најпопуларните песни на новата македонска музика.
Трачери се вистински борци за ретро стиловите кои ги практикуваат во нивната музика. Иако секогаш може да се направи паралела со нешто што денес е многу популарно во рокенролот, Трачери сепак имаат своја оригиналност која ги прави да се посебни. Нивниот последниот албум „Кинки во нервозна џунгла“ има 16 песни и за првпат се промовира токму на Таксират. И не заборавајте: Трачери никогаш не свиреле на плеј-бек. Трачери секогаш го даваат својот максимум.
Извор:
КАЈГАНА