Старец Паисиј Светогорски

Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Проповедта на најлошиот светогорски монах
Се сеќавам, додека бев на Света Гора, еден ден дојдоа луѓе од некаква телевизиска куќа. Таму беше забрането новинарите да земаат интервјуа, но понекогаш и тоа се случува, тајно, кој ли ќе ги знае. Некој новинар дошол со камерата и започнал да го интервјуира најлошиот монах на Света Гора. Мислиш – како да знаеја кој е! Знаете, сето она најлошо што може да си го замислите, најлошата слика што можете да ја видите. Тој, клетиот, беше човек кој целосно ја изгубил насоката. Кога чувме дека токму од тој наш несреќен брат зеле интервју, си рековме: „Ај, Пресвета Богородице! Што ли зборел сега, како ли се претставил…“ А, еве што се случило. Го прашале дали има светители на Света Гора, и тој одговорил: „Има!“ „Можеш ли да ни кажеш кој свет човек познаваш“, продолжиле да го распрашуваат и тој им одговорил: „Старец Паисиј“. Кога дознавме дека го рекол ова, кога го гледавме интервјуто, се зачудивме. И си рековме, „Зарем тој да рече вакво нешто?!“. Секако, луѓето не му веруваа на овој монах, и го прашаа: – Добро, зошто е свет? – Видете, го нарекуваат свет, а јас не знам дали е свет, дали пости, дали бдее, дали се моли со бројаницата и прави поклони, не знам за тие работи, можеби и ги прави. Но едно нешто знам – јас, како што можете и да видите, не сум добар монах и тоа го кажувам – пијам, се опивам, никогаш не постам, не одам на служби… Точно, пустиот по цели денови скиташе по кафеаните во Кареа, и секоја ноќ полицијата го прибираше. – Другите отци ме презираат, не ме сакаат, ме сметаат за ништо и би биле многу среќни, доколку некако се решат од мене. Но секоја година, бидејќи немав друг начин да заработам за малку леб, Паисиј ме викаше кај него да му ги пресечам дрвата, иако имаше многу други подобри монаси кои можеа да го сторат тоа. Тој ми велеше „ела, оче, да ги пресечеме дрвата за оваа година“. Ќе појдев кај него, и ќе ме прашаше колку пари му барам за тоа, и јас ќе му речев, на пример, десет илјади драхми, а тој ќе ми одговореше – „Петнаесет илјади ќе ти дадам! Ти си добар и сиромав човек, ќе ти дадам петнаесет!“ Кога работам кај други монаси, ме убиваат од работа, ме тераат да ги сечам, да ги носам, да ги редам, им задоволував еден куп хирови, а тој честопати ме прашуваше: „Оче, се измори ли? Седни си малку да отпочинеш!“ И, додека ги сечев дрвата, ги носев и ги редев, тој цел ден ќе ми помагаше, како да беше мој работник и слуга; ми плаќаше повеќе и се грижеше за мене. Тој не знаеше да готви, но внимаваше да има конзерви, да има вино, да се најадам добро, постојано ме честеше со разни нешта и ми велеше: „Одмори малку, да те почестам, да каснеме“. И како да не беше доволно, кога ќе дојдеше некој посетител, ме фалеше пред него и велеше: „Гледаш ли колку добар монах имаме овде, земете благослов од него!“ И ете, јас мислам дека овој човек е свет, затоа што ги прави овие нешта. Кога го чувме, ова, ние си рековме: „Гледаш, најлошиот светогорец ја кажа најубавата проповед за Света Гора!“
Извор: http://agapi.mk/propovedta-na-najlosiot-svetogorski-monah/
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Трогателно чудо на гробот на старец Пајсиј

„Од свои дванаесет години страдав од демон. Животот ми стана мачеништво.
По егзорцизмите кои ми ги читаа се чувствував како да ме имаа тепано.

Првата сабота од постот, во 1995та година, мојот духовник испланира да одиме на бдение во Суроти (женски манастир, посветен на „Свв. Јован Богослов и Арсениј Кападокиски“ кој го основа старец Пајсиј и каде се наоѓа неговиот гроб, н.з.).

Пред да тргнеме почувствував ѕверска борба во себе. Во текот на бдението воопшто не ми се спиеше. Бев седната во средината на храмот и околу мене монахињи. Кога заврши бдението, почнаа да пеат водосвет. Многу здивев. Ме однесоа да ги целивам моштите на свети Арсениј.

Беше прв пат, еве кажувам и се ежам, да почувствувам како горам телесно. На крајот се завртев и почнав да викам: ‘Пај... Пај...’ Игуменијата ме запраша: ‘Пајсиј?’, при што климнав со главата потврдно. Тогаш многу здивев, почнав да врескам, по што ме однесоа на гробот (на старец Пајсиј) и таму трипати извикав ‘Свет!’

Сакав да побегнам и се обидував, но ме фатија и со сила ме легнаа на гробот на старецот. Тогаш го видов старецот како се подига од половината нагоре како да се буди од сон, не како мртов. Беше потполно истиот со брада и со расо. Тоа беше прашање на секунди.

Со својата рака ме допре на челото и во истиот миг видов како излегува црн чад од мојата уста. Конечно се смирив, но телесната болка не ме напушти веднаш. Заспав и од болки се будев, велејќи ‘Многу ме боли.’

Но, во текот на четириесет дена чувствував една таква радост, што од радост плачев. Можеби беше премногу дрско тоа што реков: ‘Боже мој, и цел живот да се мачам како претходно, доволно ми е само уште еднаш да ја почувствувам, барем за една минута, истата таа радост’.“
http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=vesti_od_pravoslavieto&action=details&record_id=1640
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Добрите и лошите помисли

- А зошто, старче, понекогаш еден ист настан еден човек го смета за благослов, а друг за несреќа?

-Секој од нив го толкува во склад со својата помисла. Секое нешто можеш да го видиш од добра или од лоша страна. Сум чул за следнава случка: „Во еден манастир кој се наоѓал во населена област, според типикот вечерна и утрена служеле на полноќ, а доаѓале и мирјани, бидејќи манастирот бил опкружен со куќи кои малку по малку биле изградени веќе и сосема блиску до манастирот. Еднаш еден млад монах, почетник, заборавил да ја затвори својата келија и во неа влегла некоја жена. Кога дознал за тоа, секирации, грижи, зло! О, се осквренила келијата. Страшно, крај на светот! Зел алкохол, го истурил на подот и го запалил за да ја исчисти! Малку недостигало да го изгори целиот манастир. Подот на својата келија го изгорел, но својата помисла – не. А требало, пред сé, својата помисла да ја изгори, бидејќи злото било во неговата помисла. Да имал добра помисла, би рекол дека жената која била во неговата келија влегла од побожност, за да и биде за добро, за да прими благодат, за и она во својата куќа да се бори за духовно да се збогати и да Го слави Бога.


Од тоа какви се помислите на некој човек се гледа неговата духовна состојба. Луѓето носат суд за нешто во зависност од тоа каква содржина имаат нивните помисли. Ако нивните помисли не поседуваат духовна содржина, донесуваат погрешни заклучоци и на другиот му нанесуваат неправда. Ако, на пример, човек кој дели милостиња навечер за никој да не го види, види некого доцна навечер на улица, никогаш нема да помисли нешто лошо за него. Но ако тој човек го види доцна навечер на улица човек кој ја минува ноќта во грев, ќе рече: „Види го ти никаквецот, кој знае каде ја минал ноќта“, бидејќи и самиот има такви искуства. Или, ако навечер од горниот кат се слуша дум дум, некој кој има добри помисли ќе рече: „Оној горе прави метании“, а од друга страна, некој, кој нема добри помисли, ќе рече: „Цела ноќ танцува“. Ако се слуша музика, оној првиот ќе рече: „Колку е убава музиката“, а оној другиот: „Ама какви песни се тоа?!“
Старец Пајсиј Светогорец
 
Последно уредено:
Член од
25 октомври 2010
Мислења
736
Поени од реакции
704
- Старче, еднаш ни рековте: „Во духовната борба е неопходна опсада“. Што сакавте со тоа да кажете?

– Во војна се трудат да извршат опсада на непријателот. Го опколуваат, го затвораат во ѕидини, го оставаат да гладува. Потоа и водата му ја прекинуваат, затоа што непријателот без неопходната опрема и оружје ќе биде принуден да се предаде. Сакав да кажам дека исто така низ пост и бдение се разоружува ѓаволот и заминува. „Со пост, бдение и молитва прими небесни дарови[1]…“ вели химнопоецот.

Преку подвиг човекот ја губи врската со тварноста и потребата за неа. Секако, човек треба да се воздржува имајќи пред себе возвишена духовна цел. Ако се воздржува за да се ослободи од отровите и вишокот маснотии, пак се грижи само за својата телесна добросостојба. Тогаш подвигот личи на јога. За жал, прашањето за подвизување го имаат турнато настрана дури и луѓе од Црквата. „Треба да ги изедам“, велат, „своите оброци, да уживам во ова и она, зашто Бог сето тоа го створил за нас“. Знаете ли, за време на една трпеза, во една прилика што ми рече еден архимандрит? Не можев да се присилам да јадам повеќе од што сум навикнал, а тој тоа го забележал, па ми рече: „Кој го уништува храмот Божји, него Бог ќе го разори“ (1 Кор. 3,17). „Да не си го разбрал тоа наопаку?“, му велам. „Дали тоа се однесува на блудничењето или на подвизувањето? Тој цитат се однесува на оние кои со блудничење и злоупотреба го разоруваат храмот Божји. Тоа не се однесува на оние кои се подвизуваат од љубов кон Христа“. Но гледаш, тој и понатаму ја оддобруваше својата помисла и продолжи да зборува: „Треба да јадеме, за да не го разориме храмот Божји“. Друг, пак, после својата посета на еден манастир, ми рече: „Бев во еден манастир и монасите се разболеа од преголем пост. Јадат исклучиво боб и грав со масло. Ете, тоа прават, мој оче, постот и бдението“. Што да кажеш? Таквите луѓе не сакаат да се лишат од било што. Ги јадат своите оброци, овошје, колачиња, а потоа, за да си најдат оправдание, ги обвинуваат другите кои се подвизуваат. Никогаш не ја вкусиле духовната радост на подвигот. Друг пак ти вели: „Треба да испијам толку и толку филџани млеко. Ќе постам за Четириесетница, а потоа ќе надокнадам, зашто морам да земам толку и толку бела храна.“ Не е во прашање потребата на неговиот организам, туку тоа го вели само да ги одобри своите помисли, дека тоа е на место и дека не е грев. Ма грев е и да се помисли такво нешто! До каде оди човековиот разум? Дека е во ред да го надокнади она што му недостигало во текот на постот кој го одредила Црквата. Како тогаш Светиот Дух да остане во него?

А да видиш само колку усрдност имаат некои татковци на семејство! Појде еднаш да се исповеда еден од нив, извонредно простодушен, кој имал девет деца, а духовникот му рекол да пристапи на причест. „Но, како да се причестам?“, вели. „Ставаме малку масло во јадењето, затоа што работиме и јас и децата“. „Колку деца имаш?“, го праша духовникот. „Девет“. „Колку масло ставате во јадењето?“ „Две лажици“. „Па колку тогаш масло ти стига тебе, мој несреќнику?“, му рече духовникот, „оди ти само да се причестиш! Беа единаесетмина и јаделе две лажици масло сите заедно, а него го мачела помислата!

Сум запознал мирјани кои преку подвиг достигнаа до светоста. Ете, нема многу години откако на Света Гора некое време работеа еден мирјанин и неговиот син. Потоа се појави добра работа во нивното родно место и таткото беше одлучил да оди, да го поведе со себе и синот, за цело семејство да биде заедно. Меѓутоа, на неговиот син го беше привлекол монашкиот подвижнички живот и, откако со подвижничкиот живот го споредил животот во светот со сите негови грижи, не сакаше да појде со татко му и да се врати во светот. „А ти, татко, затоа што имаш и други деца“, му рече, „остави едно во градината на Пресвета Богородица“. Затоа што тој беше упорен во своето, таткото беше принуден да го остави. Момчето беше неписмено, но многу сочувствително, усрдно и простодушно. Себе се сметаше за недостоен за монашки постриг, затоа што мислеше дека не би бил во состојба да одговори на сите монашки должности. Пронајде некоја мала колиба, која некогаш ја користеле за добиток, ги затвори со камења вратата и прозорците, остави само еден округол отвор низ кој едвај можеше да се протне и кој од внатре го затвараше со некаков престар капут кој го беше нашол. Ниту оган не палеше. Дури и птичјите гнезда и животинските дувла беа подобри од тоа негово пребивалиште. Но, толку радост колку што имаше таа душа, немаат заедно сите оние кои живеат во богати палати, затоа што тој се бореше за Христа и Христос беше покрај него, не само во неговата колиба, туку и во неговата духовна куќа, во неговото тело, во неговото срце. Затоа живееше во рајот. Од своето живеалиште од време на време излегуваше и наминуваше до оваа или онаа келија, каде отците имаа бавчи и потреба некој да им помогне околу нив. Им помагаше во работата, а тие му даваа по малку двопек и по некоја маслинка. Ако не му дале да работи, не ги земаше благословите. Благословите кои ги земаше, требаше да ги плати со двојна работа. Секако, неговиот духовен живот го познаваше само Бог, затоа што својот живот го минуваше тивко и едноставно. На основа на една случка, за која се зборуваше, може многу да се разбере. Еднаш навратил во еден манастир за да праша кога е Великата Четириесетница – иако за него речиси цела година беше Велика Четириесетница – а потоа отишол да се затвори во своето гнездо. Било минало речиси три месеци, а тој ниту забележал. Еден ден излегол и отишол да праша во манастир кога е Воскресение. Присуствувал на службата, се причестил на Божествената Литургија, а потоа пошол со отците на трпеза. На трпезата здогледал црвени јајца. Се зачудил и прашал еден од браќата: „Зарем веќе е Воскресение?“„Какво Воскресение?“, му одговорил братот, „Утре е Вознесение!“ Тој, значи, поминал во пост цела Велика Четириесетница и уште четириесет дена до Вознесение! Така се подвизуваше сè додека не му чукна смртниот час. Мртов го пронашол некој ловец два месеца откако умрел, ја известил полицијата и лекарот. Тој лекар ми рече: „Не само што не мирисаше (непријатно), туку напротив, мирисаше на миро!“







Усрдниот пост


Постејќи, човекот ја покажува својата добра волја. Од усрдност се подвизува и Бог му помага. Но, ако тоа го прави со сила и вели: „Што да правам, петок е, па ред е да постам“, тогаш се мачи. Меѓутоа, ако му е една смислата на постот и ако пости од љубов кон Христа, тогаш ќе се радува. „На овој ден“, треба да помисли, „Христос бил распнат: ни вода не му дале да се напие. Му давале оцет. Ни јас нема да пијам вода цел ден.“ Ако тоа го прави, тогаш во себе ќе почувствува повозвишена радост од оној кој ќе испие највкусен освежителен напиток!

А гледаш, многумина мирјани ниту на Велики Петок не можат да постат, дури ниту на тој еден ден. Но, пред некое министерство можат да седат по цел ден и да штрајкуваат со глад заради некој ќејф, за да постигнат нешто. Таму ги бодри ѓаволот. Тоа што го прават е самоубиство. Други пак, кога ќе дојде Воскресение, радосно и со цела сила пеат „Христос воскресе“, затоа што добро ќе јадат. Личат на Јудејци кои сакаат Христа да Го направат цар, затоа што ги нахрани во пустината[4].

Се сеќавате ли што вели Пророкот? „Проклет да биде оној кој немарно го врши делото Господово“ (Еремија 48:10). Едно е кога некој има добра волја да пости, но не може, затоа што ако не јаде, му се тресат нозете, паѓа во несвес – значи, не му помага неговата издржливост, или здравје итн. – а друго е кога има сила и не пости. Каде е тогаш добрата волја? А жалоста на оној кој сака да се подвизува, а не може, го надоместува подвигот и тој има поголема плата од оној кој има храброст и се подвизува, затоа што тој чувствува и задоволство. Денеска дојде една сиромашка од околу 55 год. целата расплакана затоа што не може да пости. Маж ј се развел од неа. Имала едно дете и го загубила во сообраќајна несреќа, па останала сама. Мајка ј умрела, нема ни каде да живее, ни каде да се храни, па ја земаат жените да им работи за стан и храна. „Имам голем грев на совеста, оче“, ми рече таа сиромашка, „затоа што ништо на правам: а најлошо од сè е што не можам да постам. Јадам што ќе ми дадат. Некогаш во среда и петок ми даваат посна храна, но често ми даваат мрсна, а јас сум принудена да ја јадам, затоа што се исцрпувам и не можам да стојам на нозе.“ „Јади“, ј реков, „ако не можеш да издржиш“. Човек треба да ги испита своите можности. Ако види дека не може да издржи, нека јаде уште нешто. „Измери се самиот себе“, вели преподобен Нил.

- Како, старче, некогаш жените по селата издржувале без да јадат ништо од бел понеделник сè до св. Теодор? А имале толку работа, куќа, деца, добиток, ниви, како можеле тоа да го издржат?


– Со помислата дека сабота е близу, или можеби говореле: „Христос постеше четириесет дена[5], што е тогаш за мене да постам една седмица?“ А потоа, биле простодушни и затоа издржувале. Ако некој е простодушен и има смирение, ја прима благодатта Божја, смирено пости и се храни божествено. Тогаш Бог му дарува сила и голема издржливост за време на големите постови. Во Австралија едно момче, од околу дваесет и седум години, стигна до таму да не јаде ништо дваесет и осум дена. Неговиот духовник го прати кај мене за да ми го каже тоа. Беше многу благоверен и имаше подвижнички дух. Се исповедаше, редовно одеше на црква, ги изучуваше светоотечките книги, а најмногу Новиот Завет. Еден ден, кога во Евангелието читал како Христос постел четириесет дена, многу се потресол и помислил: „Ако Господ, кој бил Бог, постел како безгрешен човек четириесет дена, што треба да правам јас, како толку грешен човек?“ Затоа побарал благослов од својот духовник и тој да пости, но не му ја доверил својата помисла дека сака да не јаде ништо четириесет дена. Значи, со постот почнал на бел понеделник, ја минал и Крстопоклоната недела, а ни вода не пиел, иако работел во фабрика и работата му била тешка – составал сандаци. Кога стигнал до дваесет и осмиот ден, почувствувал блага вртоглавица додека работел и затоа малку седнал. Потоа се напил чај и изел еден двопек, затоа што му паднало на памет дека ако се онесвести, ќе го однесат во болница, а тогаш би се увериле дека тоа му се случило поради постот, па би рекле: „Ете, гледаш, христијаните умираат од постот“. „Старче“, ми рече, „после толку дена пост, ми се гадеше храната, но се присилував да јадам барем нешто, за да можам да работам“. Но, го мачела мислата што не ги исполнил сите четириесет денови и тоа му го кажал на својот духовник. Тој со расудување му рекол: „И толку колку што си постел, сосема доволно е. Немој да имаш помисли“. Потоа го прати кај мене, за да не остане да го мачи уште некоја помисла. За да бидам сигурен дека неговите мотиви биле чисти, го прашав: „Си се заколнал ли дека ќе постиш четириесет дена?“ „Не сум се“, рече. „Кога зеде од својот духовник благослов за пост, зарем тогаш не ти пана на памет да му ја кажеш својата помисла, т.е. дека имаш намера да бидеш во целосен пост четириесет дена? Да не си ја, можеби, сокрил таа божем добра помисла, за по своја волја да постиш четириесет дена?“ „Не, старче“, рече. Тогаш му реков: „Тоа, се разбира, го знаев, само те прашав за самиот да разбереш дека имаш небесна плата за оние денови што си ги постел, а тие беа сосема доволно и немој да бидеш вознемиреш што не си можел да издржиш четириесет дена. Другпат, меѓутоа, треба да му ги кажеш на својот духовник и своите добри помисли и сè добро што криеш во срцето, а духовникот ќе оцени дали треба да се впушташ во таков подвиг или не“. Бидејќи имаше големо смирение, благодарејќи на смирените помисли, кои ги негувал, и бидејќи во тој пост влегол со голема усрдност Христа ради, Христос заради тоа го ободрил со Својата божествена благодат. Некој друг да започнеше таков пост, можеби од чист егоизам би рекол: „Зошто и јас да не постам така, ако тоа можел да го направи Христос?“, би постел само ден-два и би се срушил. Тогаш и умот би му се помрачил, бидејќи ќе го напушти благодатта Божја, па би жалел што направил и толку напор, колку што направил. Би можел дури да стигне до тоа и да рече: „Што ми требаше тоа?“

Човекот преку постот станува јагне. Ако стане ѕвер, тоа тогаш значи дека подвигот што го започнал или ги надминува неговите сили или се подвизува од егоизам, па затоа не добива помош од Бога. Меѓутоа, постот понекогаш ги прави питоми и смирени дури и дивите животни и ѕверови. Може да ги видиш како му приоѓаат на човекот кога се гладни. Инстинктивно чувствуаат дека ќе умрат од глад, меѓутоа, ако му се приближат на човекот и побараат храна, можеби ништо нема да им се случи. Имам видено волк кој беше како јагне, затоа што беше гладен. Се симна една снежна зима во нашиот двор. Излегов со братот да го нахраниме добитокот. Носев и фенер. Мојот брат зеде цепаница и го удри дсо неа, но тој воопшто не реагираше.

Ако човек не стигне до тоа што било да прави од љубов кон Бога и кон ближниот, само го губи времето. Ако пости и има горда помисла дека прави нешто важно, залудно пости. Тој после тоа е само како празен шуплив казан во кој не може ништо да се чува. Тури внатре вода, малку по малку, сета ќе истече.



Задоволството заради лесниот стомак


Кога човек не се воздржува, го оптеретуваат цели наслаги. Но, ако се воздржува и јаде само онолку колку што му е потребно, организамот тоа го троши и ништо не чува како наслага.

Разновидноста на храната го истегнува стомакот и го зголемува апетитот, а може да предизвика и киселина во стомакот. Ако на трпезата има само едно јадење и не е премногу вкусно, може нема ниту да го изедеме, но ако е вкусно и ствара лакомост, можеби ќе изедеме малку отповеќе. Но, ако на трпезата се најде риба, супа, пржен компир, сирење, јајца, салата, овошје и колачиња, човек може сé да изеде, па и уште да побара. Сето тоа отвара апетит, бидејќи едно се става врз друго. И гледаш, човек без видлива причина не „вари“ ова, не подносува она, а кутриот стомак поднесува и трпеливо вари сé што во него ставаме. Дали некогаш сме го запрашале дали сето тоа го вари и го поднесува? Стомакот, значи, кој нема разум, нé надминува нас во доблеста и се бори да свари сé. А ако еден вид храна не се сложува со друг, се караат кога ќе влезат во стомакот и што ќе прави кутриот тогаш? Тогаш настанува чувство на тежина во стомакот.

- А како, старче, човек да прекине со навиката многу да јаде?


– Треба малку да закочи. Немој да јадеш нешто што ти се допаѓа, за да не отвориш премногу желба за храна, затоа што „шталата“ полека се шири. Стомакот тогаш, како злобен „даночник“, како што вели авва Макариј[6] секогаш бара повеќе и повеќе. После ручекот си ситен и задоволен, но потоа би сакал да спиеш, не можеш ништо да работиш. Но, ако јадеш една врста храна, тоа ти помага да ја пресечеш желбата за храна.


- Ако постои разнбовидна храна, но во мали количини, дали и тогаш, старче, имаме ист проблем?

– Е, проблемот е повторно ист, само мали се… странките и не можат да формираат влада!… Кога разновидноста е голема, тоа е како да се собрале многу… странки во стомакот, па една странка нервира друга, се задеваат меѓу себе, започнува тепачка и пак… проблеми со варењето…

Чувството на ситост од една врста храна е поголемо од чувството на ситост кое го даваат најбираните храни. Кога како дете одев во шумата и имав само еден ѓеврек за јадње, о, не сакав ништо повеќе! Ни најдобрата храна не можеше да го замени духовното задоволство кое го чувствував. Тоа ми беше најголема радост. Меѓутоа, многу луѓе никогаш не почувствувале како изгледа кога стомакот е сит, но лесен. Луѓето на почеток, кога јадат нешто вкусно, чувствуваат задоволство, но потоа се раѓа лакомост, јадат многу и, особено ако се во постари години, чувствуваат тежина и не чувствуваат истовремено и ситост и леснотија во стомакот.
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
МИЛОСТИЊА ВО ТАЈНОСТ

Се сеќавам во 1957 година живеев во еден манастир со идиоритмиски типик,кадешто за секое послушание монасите добиваа паричен надоместок во склад со тежината на даденото послушание.Бидејки тогаш во манастирите немаше доволно монаси,некои од браќата кои биле посилни извршувале многу послушанија,добивале поголем паричен надоместок,но и повеќе давале.Таму живееше еден монах кого го викаа Циција зашто не даваше пари.кога се упокои тој монах на неговото опело дојдоа сиромаси од различни краеви и го оплакуваа.Тие имаа волови и пренесуваа дрва,греди,зашто тогаш се се принесуваше со волови,не како денес-со камиони и со шлепери!А еве што правеше овој кутар монах,ги собираше парите што ги добиваше од послушанијата што ги извршуваше и кога ќе дознаеше дека некој човек има само еден вол или дека волот му погинал,му купуваше вол.А во тоа време голема работа беше да се купи вол,тоа чинеше пет илјади драхми,што тогаш вредеа многу повеќе отколку денес.Останатите монаси даваа пет драхми на некој сиромав,десет на друг,дваесет на некој трет, односно нивните добри дела се гледаа.А тој беше потполно не забележлив зашто не даваше како другите,туку парите ги собираше и на тој начин им помагаше на луѓето.И така сите го викаа циција,циција.Накрај,тоа му стана име.А кога се упокои,кутрите луѓе се собраа и плачеа...Тој ме спаси...Тој ме спаси говореа сите.
Зашто во тоа време оној кој имаше вол можеше да пренесува дрва и така да го храни семејството.
Манастирските отци беа целосно поразени.затоа ви велам од каде ние знаеме што прават другите?

СТАРЕЦ ПАЈСИЈ СВЕТОГОРЕЦ
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
За старец Паисиј Светогорец

Старецот Паисиј нема потреба од нашите пофалби или од нашето претставување. Со неговата христоподражателна љубов ги успокои Бога и луѓето и затоа голема е неговата пофалба во Божјата Црква. Го имаше реткиот дар да успокојува луѓе од секоја категорија, од секакво образование и од секаква духовна состојба. Се сеќавам на случајот со еден психијатар психоаналитичар кој помина низ нашиот манастир по неговата средба со Старецот. Не само што беше успокоен, туку ми кажа дека она што му го кажал Старецот бил последниот збор на психијатријата. Познато е дека отец Паисиј не читаше други книги освен Евангелието и Ава Исаак Сирин. За да успокои една душа не штедеше време и труд. Еднаш имав недоумица како можеше да исцели еден млад човек со сериозни психолошки проблеми. Од почит не го прашував. По неколку години на оваа моја недоумица ми одговори на следниов начин: „Кога некој има проблем, треба да го слушаш со внимание колку време и да ти зборува, без да покажеш дека си се уморил, затоа што тогаш си загубил сé. Ете, јас тој и тој млад човек еден ден го слушав неподвижен девет часа. Затоа ми настрадаа цревата”. Тоа не беше единствениот случај кога жртвената љубов на отец Паисиј чудотвореше. Друг пат, кога го прашав за еден тежок проблем што како духовник го среќавав во исповедта, ми рече: „Слушни отец, кога некој ќе стане духовник, треба да одлучи да оди во пекол за оние кои што ги исповеда. Инаку нека не станува духовник. Но јас ти велам дека таму во пеколот каде што ќе оди, ќе го направи рај, затоа што ќе ја има љубовта”. Страшни зборови, што само еден богоносен човек би можел да ги изговори. Познато е дека во последните триесет години Пресветата Богородица се погрижи за возобновувањето на Света Гора. Отец Паисиј им припаѓа на оние Старци кои на многу млади луѓе им помогнаа да одлучат да станат монаси. И уште им помогна на многу млади монаси да се вкоренат на Света Гора и да донесат плодови. Го чувствувавме како помошник во нашата борба за раководење на нашите монаси, мелем на мнозина кои се бореа против ѓаволот, страстите и светот. Старецот често советуваше да имаме духовно благородство и усрдност. Со тие добродетели се одликуваше и самиот, како што знаат оние кои го имаа сретнато. Еднаш кога го посетив во неговата стара келија на Свети Јован Претеча, кога по нашиот разговор го поздравив, тој ме испраќаше долго време. Штом му реков дека не треба да се мачи и да се врати во својата келија, ме поздрави и си замина. Да не му реков да се врати, ќе ме испратеше до нашето претставништво во Кареја. Ќе треба уште да кажам дека неговиот дар на прозорливост ретко го пројавуваше и никогаш заради истакнување, туку заради полза на душите. На еден млад монах кој го посетил и имал помисла против игуменот дека не му направил елек, пред да му ја каже помислата, Старецот му рекол: „А бре, каква помисла имаш, дека Старецот не ти направил елек”. Ги утешуваше младите монаси кога ќе се насекираа заради некои нивни слабости (како што е зависта), кои ги карактеризираше како детски недостатоци. Нормално, ги советуваше дека треба да созреат и ќе ги надминат. Отец Паисиј се одликуваше и со највозвишената од сите добродетели: расудувањето. На секоја душа ѝ помагаше да ја открие својата склоност и својот повик од Бога за да го најде вистинското успокојување. Неговата љубов го прегрнуваше целиот свет. На многу луѓе, а особено на младите, им помогна да го живеат христијанскиот живот во светот и во семејството. Кога разговараш со Старецот, имаш чувство дека си во Божјата прегратка. Ќе треба уште да се нагласи дека отец Паисиј беше многу чувствителен во догматските прашања. Еднаш ми напиша: „Догмите не влегуваат во Европската Унија”. И во ова го следеше патот на светите Отци, кои верувале и исповедале дека не само добродетелта, туку и православието на верата е потребно за да се спаси човекот. Својот свет живот го запечати со својата света смрт. Неговата тешка болест ја прифати како Божји дар и се радуваше со мислата дека и христијаните во светот, кои страдаат од истата болест, ќе се утешуваат дознавајќи дека и монасите страдаат од неа. Го имаше надминато себељубието. Не се секираше поради својата болест, туку наоѓајќи се и на болничкиот кревет мислеше на ближните кои страдаат. Дури и во последните денови од неговиот живот се интересираше за проблемите на луѓето. На еден благочестив брачен пар, кој го посети неколку дена пред неговото упокојување и кој имаше неомажени ќерки, им рече: „Ви давам заповед да се заинтересирате за мажењето на вашите ќерки”. Со неговиот благослов и молитва, заповедта и желбата се исполнија. Вечен ти спомен, почитуван Старче. Ти благодариме за она што ни го принесе, што нè утеши, нè утврди, нé поучи со твоите зборови и со твојот живот. Моли се и ние да ги следиме твоите чекори, како што и ти верно ги следеше чекорите на Христос Спасителот.
Архимандрит Григоријатски Георгиј Капсанис
Извор: http://agapi.mk/grigorij-kapsanis-starec-paisij/
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Чудо се случува кога сочувствуваме во туѓата болка


Светот веќе изгуби контрола над себе. Од луѓето отстапија трудољубивоста и духот на самопожртвуваност. Веќе ви кажував за тоа во каква состојба се наоѓав во ќелијата, кога страдав од кила. Кога некој ќе тропнеше, излегував да му отворам, дури и по снег. Ако човекот имаше сериозни проблеми, престанував даја чувствувам својата болка, иако непосредно пред тоа бев закован за креветот. Ќе го послужев гостинот; со едната рака го послужував, а со другата ја придржував килата. Целото време додека разговаравме, не се потпирав на ништо, не обрнувајќи внимание на големата болка за тој да не сфати дека сум болен. А кога мојот гостин ќе заминеше, повторно паѓав во постела од болка. Работата не беше во тоа дека болката поминуваше или дека на некој чудесен начин бев исцелен, туку, сострадувајќи со болката на својот ближен, заборавав на сопствената болка. Чудо се случува кога сочувствуваме во туѓата болка. Работата е во тоа луѓето да ги чувствуваш како свои браќа, да страдаш заедно со нив. Таа болка го трогнува човекот и така се случува чудо. Зашто нема ништо друго што може повеќе да Го допре Бога, како благородната великодушност, односно духот на самопожртвуваноста. Но,во наше време великодушноста стана вистинска реткост зашто со луѓето завладеа себељубието, користољубието. Реткост е да се најде човек што ќе рече: „Ќе им го отстапам мојот ред на другите, а јас можам малку и да почекам". Малку има такви благословени души кои мислат на другите. Дури и меѓу луѓето кои се трудат да живеат духовен живот постои еден спротивен дух, дух на рамнодушност.

„Доброто“ е навистина „добро“ само во случај кога оној што го прави жртвува нешто свое: сон, мир, и на тоа слично. Затоа Христос рекол: Од својата немаштија (Лк. 21, 4). Кога сум одморен и направам нешто добро, тоа нема никаква вредност. Но кога сум уморен, а некој бара да му го покажам патот и јас тоа го направам, тогаш тоа дело нешто вреди. Или, кога сум наспан и целата ноќа поминам со некој на кого му е потребна помош, тоа не вреди многу. Дотолку повеќе ако притоа разговорот ми одговара; можеби јас го правам сето тоа за малку да му се радувам на дружењето, за малку да се забавувам. Но кога сум уморен и принесам некоја жртва за да му помогнам на својот ближен, чувствувам рајска радост. Тогаш Бог ме дарува со благослови.

Старец Паисиј Светогорец
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Молитва



Душата која се возбудува од убавините на овој свет, покажува дека во неа уште живее суетниот свет и затоа тргнува по созданието, а не по Создателот, по глината, а не по Бога. Не е важно дали таа глина е чиста или е кал на гревот, зашто човекот по дух е сроден на Духот Божји и со духот, преку молитва, се соединува со Бога.

Исихастичкиот живот (во пустина) со своите повеќекратни предности многу помага во молитвата. А и самото тихување е една мистична молитва и многу помага во молитвата, како дишењето на човекот.

Молитва во недостиг од сон ја храни душата и ѝдава чувство на сигурност, кое го има детето во прегратките на мајка си. И секако дека е попаметно детето кое трча во прегратките на својата мајка и бива нахрането со љубов и нежност, отколку ние возрасните што го избегнуваме соединувањето со Бога, преку молитва во љубовта, која многупати ја гледаме како задача.

Не постојат поблажени луѓе од оние кои воспоставиле врска со небесната станица и така примаат бранови (пораки) од Бога, исто како што не постојат понесреќни од оние, кои прекинале секаква врска со Бога и зашеметени скитаат по светот.
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Егоизмот е страст која човек тешко отфрла. Таа е како тесната облека која човек ја носи и соблекува многу тешко, бидејќи е многу тесна.
старецот Паисиј.
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Љубовта кон себе ја уништува љубовта кон ближниот



- Оче, денес еден старец со труд се обидуваше да се качи по скалите во храмот и никој не му помогна, иако многумина да преминуваа од таму.

- "Еден свештеник ... штом виде помина ... и еден левит ... помина" (Лк.10: 31). Во право се ... никогаш не го слушале Евангелието за добариот Самарјанин! Што да кажам? Се сакаме себе си, а другите не. Љубовта кон себе ја уништува љубовта кон ближниот, затоа постапуваме така. Но оној што се сака себе не живее во духот на Евангелието. Ако Христос мислеше така за себе, тоа би седел на небото, не би слегол на земјата, не би страдал и не би се распнал заради нашето спасение.

Денес речиси во сите луѓе има себељубење, но нема дух на пожртвуваност. Сега владее духот: "само мене да не ми е лошо". Дали знаете колку е тешко да се гледа на околните! Неодамна во болница бев сведок на следнава ситуација: требаше да дигнат болен за да го пренесат во друга соба; медицинскиот брат не се помести од своето местото , иако тоа беше негова работа. "Не можам, ме боли половината", - рече рамнодушно! А бремена сестра, заедно со друга го зедоа и го пренесоа. Тие не мислеа за себе. Бремената заборави воопшто за тоа дека е во таква состојба, и се упати на помош! Знаете ли колку се радувам гледајќи човек кој сам се наоѓа во тешка ситуација, но се жртвува за другите! Многу се радувам! Моето срце се радува. Чувствувам сродство со таков човек, бидејќи тој е блиску до Бога.
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Торжества во Грција во чест на преподобниот Пајсиј Светогорец
13 јули 2015 лето Господово

Со особено торжество беше прославен споменот на преподобниот старец во манастирот на Св. Јован Богослов во Суроти.
Константинополскиот патријарх Вартоломеј кој беше возглавител на ова торжество, во својата проповед по вечерната богослужба го нарече Пајсиј Светогорец „голем светија, чијашто светлина го развејува мракот на неспокојството, недовербата и стравот од секојдневието“. На Патријархот му сослужуваа митрополитот Касандријски Никодим и претставникот на Свештениот Синод на Грчката Црква, митрополит Навпактски Јеротеј. На службата присуствуваа и митрополитите Неаполски Варнава, Лангадаски Јован, Веријски Пантелејмон, Касторијски Серафим, Кисамски Амфилохиј и Милитијски Апостол.

Во таа прилика на поклонение на Старец Пајсиј дојдоа неколку десетици илјади луѓе. Поклоници имаше од разни области на Грција, Бугарија и Русија. За да можат да се поклонат на гробот на Св. Пајсиј тие со часови стоеа во редици пред неговиот гроб. Реката на верници не престана ни минутка дури и во текот на ноќта.

По вечерната Константинополскиот Патријарх се помоли на гробот на Старец Пајсиј. Видно трогнат тој го нарече „Старец Пајсиј од нашиот род“. Вечерта на 11 јули митрополитот Китрински, Катерински и Платамонски Георгиј ја возглави вечерната богослужба во новоосветениот храм посветен Преподобен Пајсиј Светогорец. Владиката го нарече вбројувањето на Старец Пајсиј во соборот на светиите „голем настан за целиот православен свет“.
http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=vesti_od_pravoslavieto&action=details&record_id=1953
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
За мене ќе се погрижи Бог


Кај старецот Паисиј дојде на посета еден човек кого го измачуваше голем проблем. Постепено започнала да му се парализира едната рака. Одел по лекари, но сите кревале раце, не можеа да му понудат апсолутно ништо. Само му велеа дека парализата постојано се развива и шири. Како што беше загрижен мислеше дека негова единствена надеж беше да се сврти кон Старецот Паисиј, кого го познаваше и кон кого чувствуваше големо благоговение . И така, отиде на Света Гора и му ја сподели болката. Старецот со голема љубов го смири и го советуваше да не се плаши. Го праша уште каде ќе ја помине ноќта и човекот му одговори дека ќе преноќи во манастирот Кутлумуш. Тогаш Старецот му даде елек и му рече:

- Облечи го за да не настинеш!

Човекот го зеде и облече од послушание и тргна за манастирот, каде што требаше да ноќева. Само што во еден момент почувствува дека неговата рака, која беше парализирана во некоја мера, започна да се подобрува и постепено стана совршено здрава. Со молитвите на Старецот се беше закрепнал. На другиот ден се спушти до неговата ќелија и му се заблагодари топло за неговата вистинска татковска љубов.Го соблече елекот, за да му го врати на Старецот,а тој му рече:
- Нема потреба, задржи го за себе.

Братот од љбочестие инсистираше велејќи:

- Ама ... на вас ќе ви е потребна тука! Не е редно да ја земам јас.

- Земи ја бре, дете. За мене ќе се погрижи Бог ...
Во тој момент, додека "спореа", дојдоа двајца верници кои го прекинаа спорот, откако направија поклон и го поздравија Старецот, извадија од чантата една кеса, ја отворија и извадија еден сосема нов елек и му го поднесоа велејќи:

- Оче, не знаевме што да ти донесеме па ти го носиме овој елек.
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Радоста од приемањето на неправдата


- Оче, кога прифаќам со радост укор за беља, која сум направила, тоа мое чувство чисто ли е?

- Види сега, ако вршиш бели и ти се караат, а ти не негодуваш, но се радуваш и велиш: "Фала му на Бога, тоа ми беше потребно", тогаш ќе имаш половина радост. Но, ако не правиш бели и ти се караат неправедно, а ти примаш тоа со добра помисла, тогаш радоста ти ќе е полна. Не велам да се стремиме кон тоа да не онеправдуваат, бидејќи тогаш ѓаволот ќе те фрли во гордост, но да ја примаш неправдата, кога таа доаѓа на природен начин и да се радуваш дека си онеправдана.

Во нашиот став кон неправдата има четири степени. Пример некој те удри неправедно. Ако се наоѓаш на првиот степен,му враќаш. Ако си на втората, чувствуваш во себе силен немир, но се воздржуваш и ништо не кажуваш. При третиот степен не се вознемируваш. А на четвртата чувствувате силна радост, душевно веселба.

Кога човек е онеправдан и докажува дека не е виновен, тој се оправдува и чувства задоволство. Тогаш радоста му е светска. Но ако ја пречека неправдата по духовен начин, со добара помисла и не се стреми да ја докаже својата невиност, чувствува духовна радост. Бидејќи тогаш во душата му доаѓа божествена утеха и во оваа состојба тој го славослови Бога. Дали знаете каква радост чувствува душата, кога ќе биде онеправдана, но не се оправдува, за да и кажат "браво" или "Се извинуваме"? Радоста и е многу поголема кога ја онеправдават отколку ако биде оправдана. Оние кои ја достигнале оваа состојба, сакаат да се заблагодарат на оној кој ги онеправдал заради радоста што им ја предизвикал во овој живот, а и за вечната која им ја обезбедил. Колку е голема разликата помеѓу духовното и световното!

Во духовниот живот работите се во обратен редослед. Ако задржиш за себе лошото, тогаш се чувствуваш добро. Ако го предадеш на другиот, тогаш се чувствуваш лошо. Кога ја примаш неправдата и оправдуваш ближниот свој, тогаш примаш во срцето многуонеправдуваниот Христос. Тогаш Тој останува како постојан станар во душата твоја и те исполнува со мир и радост. Обидете се, деца мои, да ја доживеете оваа радост! Научете да уживате со оваа духовна радост, а не со светската. Тогаш секој ден ќе биде за вас Пасха.

Нема поголема радост од онаа која чувствуваш кога примаш неправдата. Да можеше сите луѓе да ме онеправдават! Ви велам искрено: најслатката духовна радост, која сум ја доживеал, била од неправдата. Знаете ли колку се радувам кога некој ми каже дека сум во прелест.Си Велам : "Фала му на Бога, од тоа заработувам награда, а кога ми велат дека сум свет, задолжувам". Нема послатко нешто од неправдата!

Едно утро некој удри по железото пред надворешната врата на ќелијата. Погледнав низ прозорецот да видам кој е, бидејќи беше уште рано да отворам за посетители. Видов еден младич со просветлено лице и сфатив штом Божјата благодат е очигледна на него, значи има духовни искуства. И иако бев зафатен со друга работа, прекинав ја отворив вратата и го воведов внатре. Му предложив вода и деликатно почнав да го разпрашувам за неговиот живот, бидејќи видов дека во неговата душа има духовна содржина. Го прашав: "Што работиш, момче?". Ми одговори: "Што работам, оче? Јас сум израснал во затвор. Повеќето години од својот живот таму сум ги поминал. Сега сум на дваесет и шест години ". "Добро де, што си правел за да те држат во затвор?". И тогаш тој ми го откри своето срце. Ми рече: "Од мал многу ме болеше кога гледав несреќни луѓе. Ги познавав сите страдаат, не само од нашата парохија, но и од другите парохии. Бидејќи свештеникот и црковните доверители од парохијата постојано собираа пари за да градат згради, приемни сали и слично, или за да прават 'нови украси и мебел, беа заборавиле сосема на сиромашните семејства. Не се работи да судам дали она што правеа, беше неопходно, но гледав дека има многу несреќни луѓе. Затоа одев тајно и крадев од парите кои ги собираа. Не ги крадев сите, но доволно многу. Потоа купував производи и други работи и тајно ги оставајте пред домовите на сиромашните. Потоа, за да не настрада некој друг неправедно, веднаш одев во полицијата и си признавав дека јас сум украл парите и сум ги потрошил, без да објаснувам ништо повеќе. А тие ме тепаа со стап и ми се потсмеваа: "неранимајко, крадец". Јас си молчев. Потоа ме ставаа во затвор. И тоа траеше години. Целиот град во кој живеам (триесет илјади жители) и другите околни градови, ме знаеја како неранимајко и крадец. Јас молчев и чувствував радост. Еднаш дури ме осудија цели три години. А понекогаш ме затвораа неправедно и кога фатат вистинскиот криминалец ме ослободуваа. Ако не го фатат, ја одлежував целата пресуда. Затоа ти реков, оче, дека повеќето години од својот живот сум го поминал во затвор ".Го Слушав внимателно и му реков: "Младо Момче, колку и добро да изгледа сето тоа, немој да го правиш повеќе, бидејќи не е добро. Ќе послуш ли она што ќе ти го кажам? ". "Ќе те послушам, оче". Му реков: "Премести се од тој град и оди таму каде што не те познаваат, во било кој град. Ќе се погрижам таму да се поврзеш со добри луѓе. Почни да работиш и да помагаш според можностите на страдалниците од својот вишок, бидејќи тоа има повисока вредност. Но, дури и човек да нема ништо да им даде на сиромашните, ако неговото срце страда за нив, тој дава многу повисока милостиња, бидејќи тогаш таа е измешана со крв од срцето. Зашто, кога човек има нешто и го даде, тогаш чувства и радост, а кога нема ништо за давање, тогаш чувствува болка во срцето ". Вети дека ќе го послуша советот, и замина радосен. По седум месеци добив негово писмо од затвор во Коридалос . Пишуваше следново: "Оче, сигурно ќе се изненадите дека по толку многу совети кои ми даде, повторно ти пишувам од затвор, иако си ветив дека ќе го сменам својот живот. Знај дека сега одлежувам една пресуда, која веќе сум ја одлежал, бидејќи станала некаква судска грешка. Добро е што не постои човечка правда, зошто инаку духовните луѓе ќе беа онеправдани, бидејќи ќе ја згубеја духовната награда ". Кога го прочитав тоа, се воодушевив на момчето, кој го беше прифатил така при срце духовниот живот и така длабоко ја беше разбираал нај длабоката смисла на животот! Крадец заради Христа! Внатре во себе го имаше Христа. Не можеше да ја задржи себе си радоста што јачувствуваше. Преживуваше божествена лудост, празник!

- Оче, радоста негова од острамувањето ли му произлегувала?

- Радоста му доаѓаше од неправдата. Беше световен човек, не беше прочитал ниту житијата на светиите, ниту други духовни книги. Но иако неправедно го тепаа,го фрлаа во затвор во градот го сметаа за злосторник, крадец , го резилеа, тој сепак не велеше ништо и го пресретнуваше сето на таков духовен начин! Млад човек, но не се грижеше како да оправи себе, а како да им помогне на другите! Големите крадци понекогаш ниту еднаш не ги осудуваат на затвор, а овој сиромав за истата кражба го беа затворле два пати, а друг пат го затворале неправедно, додека го откријат вистинскиот крадец! Но радоста што чувствуваше тој, ја немаше никој од жителите на градот. Нивните триесет илјади радости на куп не можеа да се споредат со неговата радост.


Затоа велам дека духовниот човек нема таги. Кога љубовта се зголеми и срцето изгорува од божествената љубов, тогаш нема место за тага. Големата љубов кон Христа ги победува болките и страдањата кои му предизвикуваат луѓето.
 
Член од
16 декември 2013
Мислења
1.856
Поени од реакции
1.203
Помислите на просветлениот човек и помислите на лукавиот човек


-Старче, дали човек кој живее свет живот сфаќа дека некој е лукав?

Да, ја препознава лукавоста исто онака како што ја препознава светоста кај еден свет човек. Го согледува злото, но истовремено го гледа и внатрешниот човек и согледува дека злото е од ѓаволот и доаѓа однадвор. Со очите на душата ги гледа своите гревови како големи, а туѓите – мали. Навистина ги гледа како мали, а не лицемерно. Може да станува збор за престапи, но тој ги оправдува во добра смисла на зборот и делата на лошиот човек, не го презира, не го смета за подолен од себеси. Дури може да го смета и за подобар од себеси и свесно, поради многу причини, да ги трпи неговите слабости. На пример ја гледа злобата на еден престапник, но си мисли дека тој дошол до таму да прави лоши дела поради тоа што во животот немал помош од никаде, и смета дека можеби и тој би се нашол на неговото место доколку Бог не му помогнел. Поради тоа тој прима огромна благодат. Спротивно на ова, лукавиот човек, макар и да ја гледа светоста на другиот, нема да ги препознава неговите добри помисли, исто така како што ни ѓаволот не ги знае.



Оној што внимава на себе на духовен план, ги оправдува другите, а не себеси. И колку повеќе напредува духовно толку послободен станува и толку посилно Го сака Бога и луѓето. Тогаш тој не може да разбере што значи злото, зашто има само добри помисли за другите, помислите му се чисти и сѐ гледа со духовниот вид, свето. Извлекува полза дури и од падовите на ближните, ги ползува како силна кочница за и тој самиот да не падне. Спротивно на тоа, ако човекот не се очисти тогаш тој размислува на лукав начин и на сите работи гледа лукаво. Со своето лукавство тој ги оцрнува дури и добрите нешта. Не стекнува полза ниту од добродетелите на другите, туку веднаш, бивајќи помрачен од мракот на човекоубиецот ѓавол, ги толкува со својот лукав речник. Постојано е растроен, а и своите ближни ги растројува со својот мрак. Ако сака да се ослободи, треба да разбере дека неопходно е да се очисти, за да може да стекне духовна јаснотија, очистување на умот и срцето.
 

Kajgana Shop

На врв Bottom