"ЃАВОЛИТЕ" ПОДГОТВУВААТ ПОНУДА ЗА ФУДБАЛЕРОТ НА ЛИОН
Силвестре и пари за Диара
Манчестер Јунајтед е сериозен конкурент на Арсенал и Милан во трката по Мамаду Диара.
Последните информации од Островот говорат дека сер Алекс Фергусон го направил репрезентативецот на Мали свој приоритет во летниот преоден рок и подготвен е да потроши многу пари за да го доведе Диара на Олд Трафорд.
Милан и Арсенал се подготвени да платат по околу 20 милиони евра за овој фудбалер, но адут на "црвените ѓаволи" во оваа трка ќе биде Микаел Силвестре.
Францускиот репрезентативец веќе подолго време е желба на Жерар Улие, а Ферги е подготвен да го испрати на Жерланд и да доплати уште десет милиони евра, варијанта што сигурно ќе биде најприфатлива за челниците на Лион.
Ако го доведат Силвестре во својот тим, првите луѓе на Лион би можеле да го продадат и бразилскиот дефанзивец Крис, кој на фудбалската берза е проценет на преку 15 милиони евра.
Доаѓањето на Диара на Олд Трафорд воедно би значело и завршување на потрагата по наследник на Рој Кин бидејќи црномурниот фудбалер настапува на иста позиција како и Ирецот.