Официјален Белград ќе ја игнорира протесната нота што македонското МНР му ја врачи на амбасадорот во Македонија Зоран Поповиќ по признанието на српското министерство за вера дека со владини пари ја финансира црквата на Јован Вранишковски.
„Одговор не се подготвува и најверојатно нема ни да има“ изјавија за Канал 5 од кабинетот на Воислав Коштуница во врска со дипломатскиот инструмент, во кој што македонските власти предупредија дека давањето државни пари на Јован може да ги наруши добрите односи меѓу Белград и Скопје и побараа стопирање на донациите кон т.н. Охридска Архиепископија.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, кој застана зад Јован кога се водеше неговиот судски процес, смета дека нема ништо страшно во таквиот вид финансирање. И самиот комитет добива пари исклучиво од странски донатори и влади, посочува претседателката Најчевска.
„Нашиот комитет добива пари од странска земја. Македонија ја финансира во македонската православна црква во Австралија. Дали тоа значи дека владата на тие земји се мешат во работата на тие земји“, рече Најчевска.
Најчевска има порака до македонските власти – да се занимаваат со своите, а не со парите на Јован и да им помогнат на верниците во странство.
Зошто МПЦ не отвора свои делови во своите соседни земји каде има верници“, праша Најчевска.
Евроамбасадорот Фуере деновиве седнал да го доразгледа случајот Јован Вранишковски. Затоа е воздржан во врска со финансирањето на неговата црква.
„За нас, како и во секоја друга земја, дијалогот е основна врска меѓу различните верски заедници и сигурен сум дека ова е духот со кој владата се справува со ваквите прашања. И тоа не само овде, туку и со соседните земји, со СЦГ, Грција“, рече Фуере.
Воздржани за контото на јовановата црква се и од ОБСЕ, кои исто така застанаа во негова одбрана кога му се судеше. Засега потврдија дека само го разгледуваат случајот.