Еве нешто старо , од архива, па вие проценете сами (освен ако не сте полицајци
)
Што навистина се случи утрото на 2 март 2002 година на земјениот пат кај Раштански лозја? Почна со информацијата на МВР, предводена од тогашниот министер Љубе Бошковски, дека единица на Лавовите во 4 часот утрината пресретнале терористичка група кај Раштански лозја. Таа отворила оган и по кусата престрелка, Лавовите ги убиле сите седуммина од групата. Бошковски тврдеше дека тоа се терористи кои планирале напади врз странски амбасади. Истрагата утврди дека 6 од убиените се од Пакистан и еден Индиец. Бошковски својата теорија дека тоа се терористи ја потврдуваше во специјален извештај и веќе фамозното Це-Де со снимени разговори. Покрај сите дупки, таа верзија остана веродостојна се до паѓањето на ВМРО-ДПМНЕ од власта. Ударната тупаница на новата социјал-демократска влада, Хари Костов, веднаш по преземањето на функцијата Министер за внатрешни вети разврска на случајот. Пресвртницата се случи на 28 април 2004 година, ден по претседателските избори. Тогаш специјалната полиција влезе во домовите на обвинетите и ги однесе во затвор во Шутка, каде останаа до вчера. МВР под раководство на Костов ја објави својата верзија на настаните. Убиените се економски имигранти, фатени на границата со Бугарија, чувани в стан во Скопје, пред да бидат однесени кај Раштански лозја за да бидат егзекутирани. Целта на Бошковски била да им се додвори на странците. „Основна поента е дека пропаѓа во вода целокупната таа приказна дека се овие луѓе пресретнати, наоружани и така ликвидирани, туку очигледно дека се работи за ваква стапица“, изјави на 30 април 2004 година Хари Костов, поранешен министер за внатрешни работи. Од премиерската фотеља Костов го уриваше и клучниот доказ на Бошковски - фамозното Це-Де со наводно снимени разговори на убиените. „Ова Це-Де е снимено во Драчево во стан, во кој што четворица вработени во МВР донесени во периодот пред изборите 2002 година, со поделен текст на хартија учествувале во снимање на ова Це-Де“, рече на 3 јуни 2004 година Хари Костов, поранешен претседател на Владата. Тогаш почна потерата по Бошковски. Тој се забарикадира во хотелот „Амбасадор“, од каде се правдаше дека тоа е политичка хајка. „Пред да заминам во притвор, ви ја кажувам вистината. Ова е вистината. Вистината е дека никаква наредба за елиминација на таква терористичка група немам дадено“, велеше на 30 април 2004 година Љубе Бошковски, поранешен министер за внатрешни работи. Но, тој не го дочека притворот во Скопје. Замина за Хрватска, надевајќи се дека неговото хрватско државјанство ќе му помогне. Но, властите во Загреб го презедоа случајот и го притворија Бошковски. Оттаму тој беше предаден во Хаг. Костов замина, дојде Бучковски. Опозицијата од него бараше амнестија. „Не можеме ние да се мешаме во работата на судската власт. Сепак, политичките партии, политичкото влијание не треба да биде присутно во донесувањето на судските одлуки“, изјави на 3 декември 2004 година Владо Бучковски, премиер. Клучните играчи во целиот случај се надвор од политиката. Костов во Комерцијална банка, со лично обезбедување од 7-8 луѓе, а Бошковски во ќелија во Хаг, каде го чека судење за Љуботен.