Во саботата, на 26 јули, по повод четириесет години од катастрофалниот земјотрес што го зафати Скопје, беше поставен камен-темелник на Транспортниот центар. Стартот на градежните работи, симболично го означи премиерот Бранко Црвенковски, како и министерот за транспорт и врски Милаим Ајдини и градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов. Со тоа, конечно, ќе се реализира долгонајавуваниот проект за транспортен центар, во чии рамки требаше да се гради и меѓуградска автобуска станица.
Новата автобуска станица ќе ги задоволува потребите на градот за наредните сто години. Планирано е дневно да опслужува 40.000 патници.
Проектот за автобуската станица е изработен од тим архитекти од проектантското биро ?Балкан консалтинг°, на чие чело е архитект Лилјана Кик. Новата автобуска ќе се гради на простор од 13.000 квадратни метри, а габаритот на објектот ќе опфаќа 1.600 квадратни метри.
Градежните работи ќе ги изведува градежната компанија ?Гранит°, а изградбата ќе се одвива во три фази. За изградбата на првата фаза Градот ќе инвестира околу 20 милиони денари, а парите за реализирањето на втората и третата фаза допрва треба да се обезбедат. За потребите на Транспортниот центар ќе бидат изградени 24 перони, нов паркинг-простор, нови улици и нов мост на реката Вардар, кој би претставувал поблиска врска со Скопски саем. Проектот ќе биде завршен до крајот на годинава, а објектот ќе биде ставен во функција идната пролет. Симболично првиот автобуски билет за релација Скопје - Охрид им беше доделен на децата од Детското село, кои ќе бидат првите патници на новата автобуска станица кои ќе отпатуваат на екскурзија.