На 15 септември ќе нема избори за власт, туку референдум за опстанокот и за иднина на Македонија, рече лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски на првиот митинг на коалицијата "За Македонија заедно", прексиноќа на плоштадот во Гостивар.
- Во прашање е Македонија, а кога е во прашање таа, никој не смее да биде неопределен и никој не смее да си дозволи да биде исплашен, зашто немаме друга татковина, ниту друг живот - изјави Црвенковски.
Тој порача дека нивната влада ќе ги врати мирот и спокојството во Македонија, достоинството и гордоста на секој граѓанин.
- Засекогаш ќе ги поразиме и ќе ги закопаме идеите за поделби, за исцртување нови граници со крв, војни и страдања. Ќе ги поразиме криминалот и корупцијата. Ќе изградиме посреќна Македонија во која секое семејство ќе има барем по еден редовно вработен, луѓето нема да се плашат како ќе го школуваат своето дете - рече лидерот на СДСМ.