ИЗВЕШТАЈ НА ВЛИЈАТЕЛНИОТ ВАШИНГТОНСКИ ЦЕНТАР ЗА СТРАТЕГИСКИ МЕЃУНАРОДНИ СТУДИИ (ЦСИС)
Израел со атомски бомби ќе го гаѓа Иран
Далечината до Иран е основниот аргумент што укажува дека тактичките атомски бомби се единствената опција за Израел
Иако се смета за „егзистенцијално загрозен“ од атомската програма на Техеран, Израел никогаш досега не помислувал да го употреби својот таен нуклеарен арсенал за да се ослободи од заканата, се' досега, смета влијателниот вашингтонски Центар за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС).
Експертите сметаат дека користењето тактички нуклеарни бојни глави, со далеку послаба разорна моќ од класичните, е единствениот начин да се уништат добро утврдените комплекси во кои Техеран ја развива нуклеарната програма.
- Некои се убедени дека атомското оружје е единственото што може да уништи бункери и тунели длабоко под земјата - објавува ЦСИС во својот нов извештај.
Други, пак, наведуваат дека „чистиот атомски напад“ е мит и оти таквата акција повлекува со себе преголем политички ризик за да биде оправдана.
ИРАН Е ПОДАЛЕКУ ОД ИРАК
Далечината до Иран е основниот аргумент што укажува дека тактичките атомски бомби се единствената опција за Израел. За уништување на иранските постројки, Израел не може да употреби друго средство, освен да ја копира операцијата „Опера“, со која во 1981 го уништи атомскиот реактор на режимот на Садам Хусеин во Осирак.
Проблемот со Иран е тоа што е многу подалеку.
Израелските борбени авиони ќе мора да поминат илјадници километри преку непријателска територија и да се пробијат низ противвоздушните системи само за да стасаат до своите цели, кои, пак, се вкопани длабоко под земја. Во таква ситуација пилотите ќе имаат можност само да ги фрлат бомбите и веднаш да тргнат назад.
НАПАД СО ПРОЕКТИЛИ, А НЕ СО АВИОНИ
Израел има конвенционални бомби за уништување бункери, но дури и при идеално прецизен напад нема гаранции дека бомбите ќе ја уништат целта.
Тактичките атомски бомби, пак, имаат многу поголема разорна моќ и гарантираат уништување на целта дури и ако нападот не е „хируршки прецизен“.
Во студијата „Опции во соочувањето со иранската нуклеарна програма“ аналитичарите на ЦСИС, Абдулах Тукан и Ентони Кордесман, предвидуваат Израел да користи тактички атомски бомби, како замена за конвенционално оружје. Во извештајот на 208 страници се наведува дека атомските бојни глави може да бидат монтирани на балистички проектили или на крстосувачки проектили, лансирани од подморници, со што значително би се намалил ризикот носачите на бомби да бидат соборени од иранската противвоздушна одбрана.
НУКЛЕАРНОТО ОРУЖЈЕ ПОСТОИ ЗА ДА НЕ СЕ УПОТРЕБИ
Се смета дека Израел е единствената земја на Блискиот Исток што поседува нуклеарен арсенал. Израелските лидери не го коментираат овој капацитет, а претседателот Шимон Перес неколкупати кажал дека „Израел нема да биде првиот што ќе употреби нуклеарно оружје во регионот“.
Промената на стратегијата би била голем шок и за израелските воени сили. Израелски офицер, кој инсистирал да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека „превентивните нуклеарни напади“ воопшто не се спомнати во националната доктрина.
- Таквото оружје постои за да не се употреби - вели одбранбениот ветеран.
Нуклеарниот арсенал беше темел на стратегијата на НАТО и на Советскиот Сојуз за време на Студената војна. Тактичките бојни глави беа дизајнирани да предизвикаат фокусирано разорување на мала територија, без да се прошири контаминација на густо населени места, односно спротивно на ефектот што го имаа атомските бомби што САД ги фрлија врз Јапонија во 1945 година. Штетата од нападот со тактички атомски бомби би била дипломатска изолација на земјата што ќе ги употреби.
Досега имаше шпекулации дека такво оружје против Иран може да употребат и САД, кои јавно не се откажале од примена на сила за да се запре спорната нуклеарна програма на Техеран. Во документ на Пентагон од 2002 година е наведена потребата да се развијат нови „мини-атомски бомби“ заради уништување непријателски бункерски системи. Како потенцијална цел во документот беше спомнат Иран.
ШТО КОГА ЌЕ ПАДНЕ ТАБУТО?
Тукан и Кордесман од ИСЦС сметаат дека е малку веројатно дека кој било американски претседател би одобрил употреба на нуклеарно оружје, а се исклучува дури и можноста Белата куќа да охрабри свој сојузник да употреби такво оружје, освен во ситуација ако САД и сојузниците не се директно загрозени од напад со нуклеарни бомби. Експертите се убедени дека улогата на САД ќе биде клучна при постигнување какво било дипломатско решение за иранскиот проблем.
- Кој може да предвиди што ќе се случува кога некој ќе го прекрши табуто за користење нуклеарно оружје? Нашата цел треба да биде контрола на тактичкото нуклеарно оружје, наместо неговата промоција преку производство на нови бомби - напиша поранешниот директор на ЦИА, Стенсфилд Тарнер, во книгата „Тактичко нуклеарно оружје“ објавена во 2003 година.
Професорот Роберт Нелсон од Универзитетот „Принстон“ наведува и дека е „мит“ верувањето дека тактичкото нуклеарно оружје, детонирано длабоко под земјата, не предизвикува ризици за цивилите и за природата.
- Ова е опасен мит. Подземните нуклеарни експлозии, всушност, имаат многу поголеми локални ефекти отколку детонациите со иста моќ на површината или во воздухот - тврди Нелсон.