A1
30.04.2008 19:45
Ацо Спасеноски
Странски инвестиции, конкуренција во млечниот бизнис, повисоки откупни цени на млекото, зголемен интерес на сточарите за краварството. Ова е новото време на македонското млекопроизводство.
„Десет години сум фармер, ништо не сум напреднал. Еве, за неполна година дена со „Сведмилк“ како работиме, благодарни сме“, рече Стамен Јовановски, сточар од Куманово.
„Ако имате 30 крави, купете 60. Ние ќе го купуваме тоа млеко што ќе го произведете двојно, затоа што системот така ќе функционира“, изјави Роџер Оскарсон, генерален менаџер на „Сведмилк“.
Евидентно е стопирањето на негативниот тренд во краварството. Сега следна фаза е зголемување на бројот на грла и производството на квалитетно млеко.
Субвенциите од два денара за литар млеко и 100 евра од хектар за производство на житарици следните четири години треба да придонесат за натамошен развој на краварството.
„Сега веќе одиме во нагорен тренд на развој на сточарството. Мораме да се прилагодуваме и спрема ЕУ од областа на законодавството и имплементирање на оние барања што ги бараат во ЕУ“, вели Ацо Спасеноски, министер за земјоделство.
До 2012 година домашното производство на млеко ќе се стимулира со 100 милиони евра или за догодина по 3,5 денара за литар, а за во 2010-та, 2011-та и 2012-та сточарите ќе добијат премија од пет денара за литар млеко.
„На Македонија и треба поголемо производство на храна. Македонија може да произведе храна и може да биде конкурентна во производството на храна, што значи извозот може драстично да порасне и веруваме дека така ќе биде“, рече Никола Груевски, претседател на Владата.
„Тоа е прилив на девизи во земјата, тоа е нови вработувања, тоа е намалување на невработеноста, тоа е нови капитални инвестиции во земјоделието и тоа е инвестиција на долг рок“, додаде Груевски.
Препознавањето на потребата од инвестирање во аграрот за една влада значи и сигурен влез на земјата во Европската Унија.
Домашното производство на храна на долг рок значи сигурност за една држава, беше речено на трибината на „Фармер“.
http://a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=92403