Здраво!
Дојде време да напишам и мал извештај од предавањето вчера. Значи, на Православниот богословски факултет во Скопје имаше излагање од д-р Патрик Штрајф - теолог од Швајцараија и Епископ за Централна и Јужна Европа за Евангелско-Методистичката Црква.
>>Тука<< може да ја видите и неговата биографија (на германски).
Изненадени?!
Јас
секако бев и слушнав доста интересни работи - дел ќе споделам тука, а дел ќе може и самите да слушнете. Да,
>>тука<< ќе може да симнете снимката од неговото излагање - 50тина минути. За жал, времето за предавањето беше скратено и имаше многу кратко излагање за самата тема - повеќето беше историјат за развој на Евангелско-Методистичката Црква во светот (почнувајки од Англија) и нејзините активности на територија на Македонија (и Бугарија) за време на Османлиското Царство и во поблиското минато.
Ќе издвојам неколку работи:
- Кон крајот на 19тиот век, мисионери од ЕМЦ во соработка со еден православен свештеник, ја имаат преведено Библијата на „бугарски“ јазик. Според отецот (како што го нарече професорот при факултетот) Миле Цеков(*), тоа бил струмичкиот дијалект и според тоа, преводот бил македонски! Исто, истата таа Библијата била користена и при преводот на Библијата на современиот македонски јазик и некои професори сè уште го користат и тој превод.
- Целта на мисионерите во 19тиот и почетокот на 20тиот век биле да ја зајакнат и заживеат Православната Црква во Отоманската империја, но со тек на време, дел од луѓето почнале да се одделуваат во посебни заедништва и така се формирале посебни ЕМЦ локални цркви.
- Во 2001ва, православните, англиканските и протестантските цркви од Европа, имаат потпишано меморандум за соработка „Чарта Екуменика“(**), каде што се признаваат едни со други и си дозволуваат секоја да продолжи да проповеда и да ја исповеда својата вера. Исто, се согласуваат дека секој човек има право сам да одбере за тоа на кој начин ќе ја исповеда својата христијанска вера (повеќе инфо од 10та минута на снимката).
- Денес, од преспектива на ЕМЦ, мисијата е во сржта на самата Црква. Таа е свртена и кон самата себе, за изградување и заживување на Црквата и подобрување на индивидуалната вера и личниот однос на верникот со Господ Исус Христос.
Мене, искрено ме изненади блиската соработката на ПБФ со ЕМЦ (си ги признаваат свештените лица и црквите, се посетуваат и држат заеднички предавања), како и самата „Чарта Екуменика“ - соединувањето на различните христијански цркви околу Господ Исус Христос и Светото Писмо - заедничко за сите. Интересно е ова што на „високото ниво“, веќе е започната соработка помеѓу православните и протестантските цркви, но според мое мислење, помеѓу народот е присутно многу поразлично / спротивно мислење.
И така... па ако имате време, ислушајте го излагањето!
Поздрав и сè најдобро!
Васил
(*)Миле Цеков: проповедник во ЕМЦ и е одговорен за Струмичкот регион. До пред година и нешто, беше одговорен за ЕМЦ Македонија.
(**)„Чарта Екуменија“: брошурата е објавена и на македонски од страна на ЕМЦ и има неколку примероци и на Православниот богословски факултет.
Линкови:
Светскиот совет на црквите
Европсиот совет на цркви