Продолжија тестирањата за државната матура. Денеска матурантите полагаа странски јазици и математика, основно и напредно ниво.
Најголемиот дел од нив одбрале англиски јазик, а математика напредно ниво само стотина. Се пожалија дека тестовите биле потешки отколку што очекувале, посебно по математика.
„Јас германски јазик полагав, потешко беше од тоа што очекувавме, но не било само германски, биле и останатите - англиски и математика. Јас англиски, многу беше тешко, се подготвував три месеци со професори. Потешко беше, имаше 53 задачи“, рекоа матурантите.
Директорот на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ вели дека тестирањето поминало во најдобар ред, но иако математичка гимназија, повеќето од учениците одбрале странски јазик.
„Очекувавме дека ќе има основно, затоа што само еден факултет - ПМФ бара за упис напредно ниво, сите други технички факултети бараат основно ниво, и затоа најмногу, ако се определуваат за математика, се определуваат за основно ниво“, изјави Драган Арсовски, „Раде Јовчевски Корчагин“.
Директорката на Бирото за развој на образованието и министерот за образование велат дека во тестовите немало ништо надвор од она што учениците го учеле во изминатите 4 години.
„Испитните програми се наполно истите според кои се организираше државната матура во минатата година. Воопшто нема прашања коишто отстапуваат од наставните програми“, рече Перо Стојановски, министер за образование и наука.
„Од некои училишта од Републиката имаме реакции дека учениците не биле задоволни од тестот по математика - основно ниво, меѓутоа тестовите по сите предмети се правени врз основа на истите непроменети наставни програми, како што беа и минатата година, врз основа на истата методологија“, вели Весна Хорватовиќ, директор на Биро за развој на образование.
Интерните тестови матурантите ќе ги полагаат следната недела.
Овие од БРО како да се ретардирани , велат исти испитни програми како лани , исти методи , не знам немам коментар стварно