Закон за сопственост и други стварни права („Сл. весник на РМ“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010)
http://pravda.gov.mk/download.asp?Lang=mak&id=908
Отсек 1
Заедничка сопственост во брачна и вонбрачна заедница
Стекнување имот во брачна заедница
Член 66
Имотот на брачните другари може да биде заеднички и посебен.
Член 67
Имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен
заеднички имот.
Член 68
Имотот кој едниот брачен другар го имал во времето на склучувањето на бракот
претставува негов посебен имот.
Како посебен имот ќе се сметаат и имотот и правото врз имотот што брачниот другар ќе
го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и стварите стекнати во бракот, а кои
исклучиво служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари, доколку
не преставуваат несразмерно голема вредност во споредба со вредноста на вкупниот заеднички
имот.
Секој брачен другар самостојно управува и располага со посебниот имот, доколку
брачните другари во писмена форма поинаку не се договорат.
Член 69
Правото на сопственост на брачните другари врз недвижности кои се нивен заеднички
имот во смисла на член 67 од овој закон се запишува во јавните книги на името на двајцата
брачни другари како нивен заеднички имот.
Ако во јавните книги како сопственик на заедничкиот имот е запишан само едниот од
брачните другари ќе се смета дека уписот е извршен на името на двајцата брачни другари.
Ако во јавните книги се запишани двајцата брачни другари како сосопственици на
определени делови, ќе се смета дека на тој начин ги утврдиле деловите во заедничкиот имот.
Член 70
Брачните другари заеднички и спогодбено управуваат и располагаат со заедничкиот
имот.
Со својот дел во заедничкиот имот пред тој да се определи брачниот другар не може
самостојно да располага ниту да го товари со правно дело меѓу живите.
При продажба на определен дел од заедничкиот имот кој му припаѓа на едниот брачен
другар се применуваат правилата за првенствено купување на сосопствениците.
Член 71
Брачните другари во писмена форма можат да се договорат управувањето и
располагањето со заедничкиот имот или со дел од него да го врши едниот од нив.
Договорот може да се однесува на сите работи на управување и располагање или само
на редовното управување или на точно определени работи.
Кога не е поинаку договорено, управувањето опфаќа и располагање во рамките на
редовното работење.
Секој брачен другар може да го раскине договорот за управување или располагање со
заедничкиот имот во секое време, освен кога со раскинувањето очигледно му се нанесува штета
на другиот брачен другар.
Член 72
Во вршењето на работите кои ги надминуваат рамките на редовното управување,
односно располагање со имотот, потребна е согласност на другиот брачен другар изразена во
форма која се бара за соодветното правно дело.
Член 73
Ако за управувањето со заеднички имот или за одделна работа во врска со
управувањето, брачните другари не можат да се спогодат, а ниту еден од нив не бара
утврдување на деловите на заедничката сопственост, судот во вонпарнична постапка може по
предлог на еден од брачните другари да определи потребни мерки кои се однесуваат на
управувањето.
Член 74
За време на траењето и по престанокот на бракот брачните другари можат спогодбено
да го поделат заедничкиот имот.
Со делба на заедничкиот имот на брачните другари настанува режим на посебен имот.
Член 75
Ако не дојде до спогодба, делбата на заедничкиот имот, на барање на еден од брачните
другари, судот ја врши во вонпарнична постапка.
При утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот, судот тргнува
од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови.
По барање на еден од брачните другари, судот може да му определи поголем дел од
заедничкиот имот, ако тој докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и
значително е поголем од придонесот на другиот брачен другар.
Член 76
При делбата на заедничкиот имот, по барање на брачниот другар, во неговиот дел
првенствено ќе се внесат оние ствари од заедничкиот имот кои служат за вршење на неговата
дејност.
Од задничкиот имот ќе се издвојат и ќе му се предадат на брачниот другар, покрај
неговиот дел и оние ствари стекнати со работа во текот на брачната заедница кои служат
исклучиво за негова лична употреба.
Ако вредноста на стварите од ставовите 1 и 2 на овој член е несразмерно голема во
однос на вредноста на сиот заеднички имот, ќе се изврши делба и на тие ствари, освен ако
брачниот другар кој овие ствари би требало да ги добие, не ја надомести на другиот брачен
другар соодветната вредност или на другиот брачен другар со негова согласност, не му отстапи
други ствари.
Член 77
На брачниот другар кому му се доверени заедничките деца на чување и воспитување,
му се доделуваат во сопственост, покрај неговиот дел и стварите кои им служат на децата или
се наменети само за нивна непосредна употреба.
При делбата на заедничкиот имот на брачниот другар кому се доверени заедничките
деца на чување и воспитување му се доделуваат и оние предмети за кои е очигледно дека е во
интерес да бидат во имот и во сопственост на брачниот другар кому децата му се доверени.
Член 78
Ако при делбата на заедничкот имот се утврди дека на еден од брачните другари му
припаѓа значително помал дел судот може на барање на еден од брачните другари да определи
тој дел да му се надомести во пари.
Член 79
За обврските што еден брачен другар ги имал пред склучувањето на бракот, како и за
личните обврски што ќе ги прими по склучувањето на бракот, не одговара другиот брачен другар.
Брачните другари одговараат солидарно за обврските што едниот брачен другар ги
примил спрема трети лица за намирување на тековните потреби на брачната заедница, како и за
обврските што според општите прописи ги товарат двата брачни другари.
Брачниот другар кој од својот посебен имот ја исполнил солидарната обврска има право
да бара другиот брачен другар да му го надомести делот на обврската што паѓа на него.
Член 80
Подароците што брачните другари си ги дале еден на друг пред склучувањето на бракот
или во текот на бракот не се враќаат.
Стекнување имот во вонбрачна заедница
Член 81
Имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивен
заеднички имот.
Во поглед на управувањето и располагање утврдувањето на деловите на имотот стекнат
во вонбрачната заедница и при делбата на имотот во вонбрачната заедница соодветно се
применуваат одредбите на овој закон за заедничкиот имот на брачните другари.