Пратениците на ДПА чекаат инструкции од врвот
10.03.2008 21:25 - Весна В. Тодоровска
Тачи денеска по вторпат најави дека ќе го напушти Груевски. Неговите пратеници не сакаа ништо да коментираат.
И вториот коалиционен партнер Тито Петковски откако најави дека ќе излезе од Владата, уште чека премиерот Груевски да ги пополни нивните испразнети места.
„Кога ќе биде официјално, тогаш ќе се изјасниме, ако навистина има такво нешто“, рече Иван Анастасовски, НСДП.
„На последната средба што ја имавме со премиерот, потврди дека Трпевски останува како најсериозен кандидат за министер за економија и ние очекуваме премиерот да побара седница и да биде многу брзо избран Трпевски“, вели Горан Мисовски, НСДП.
СДСМ го повикаа Груевски да работи во интерес на сите граѓани.
„Веројатно ја делиме загриженоста со сите граѓани на Македонија, за ова детско однесување што го прават сите коалициони партнери во Владата, не го сфаќаат моментот дека сме само на три недели пред историската одлука за Република Македонија, во која сите очекуваат наместо блефови и подметнување помеѓу коалиционите партнери, претставниците и членовите на Владата да работат во интерес на граѓаните на Македонија“, изјави Јани Макрадули, СДСМ.
Заканата дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги исполни ветувањата, а не да купува време дојде преку пратеничката Флора Кадриу.
Таа побара до Букурешкиот самит на НАТО Груевски да ги исполни нивните две барања - Закон за борците на ОНА и Закон за јазици.