Apokalipto
Tredici
- Член од
- 4 март 2007
- Мислења
- 15.576
- Поени од реакции
- 2.585
Преземено од Нова МакедонијаПризнавам, Бугарин сум и дајте ми лична карта!
„Почитуван господине министре, ве молам да ме признаете за бугарски граѓанин, затоа што имам бугарски потекло. И по мајка и по баба сум од бугарско потекло и јас сум Бугарка. Баба ми и дедо ми беа бугарски граѓани. Татко ми од Македонија е Бугарин, исто како мајка ми“.
Оваа молба напишана на бугарски јазик и заверена на нотар е доволна за да добиете привремена бугарска лична карта и со тоа да патувате низ сите европски држави без виза.
Ваков документ пред неколку дена завери и екипата на „Нова Македонија“, преку посредник - процесот н&“232; чинеше околу 200 евра, а бугарската лична карта ќе ја добиеме за околу три месеци. За уште два месеца ќе добиеме постојана лична карта и официјално ќе станеме жители на Бугарија, со лажна адреса на живеење. Со тоа ќе станеме едни од 200.000-те илјади Македонци што добиле бугарски лични карти, заведувајќи се како Бугари. Најголемиот дел од нив ова го прават на незаконски начин, преку посредници и со лажни адреси на живеење. И покрај тоа што во Бугарија сме патувале само неколку пати, во документот што го поднесовме до Државната агенција за Бугари во туѓина, посредникот напиша дека живееме на улицата Рокфелер број 104 во градот Петрич. Во Петрич никогаш не сме биле, но бугарските власти тоа не ги интересира. Кога го прашавме посредникот дали сигурно ќе ни ја заврши работата, тој ни одговори:
- Нема никаков проблем, се додека презимето не ти е муслиманско или српско. Привремената лична карта ја добиваш за три месеци, а за постојаната ќе треба да почекаш уште два.
Ќе живееш на улицата Рокфелер во Петрич, никој нема да те провери
Со посредникот од Струмица се договоривме телефонски, а се сретнавме во центарот на Софија. Освен екипата на „Нова Македонија“, дента имаше уште тројца клиенти што носеа документи за да добијат бугарска лична карта. Се што ни требаше е пасош и извод од матична книга на родените. Седнавме во едно кафуле за да ги пополниме документите. Првиот документ беше молба до бугарското министерство за правда за добивање бугарско жителство. Посредникот напиша дека имаме бугарско потекло и дека сите членови од нашето семејство биле Бугари.
- А што ако тука напишете дека сум Македонка, а само барам бугарска лична карта - прашав.
- Е тогаш нема да ја добиеш - ми одговори посредникот.
За да го заштитиме неговиот идентитет, решивме да не го објавуваме неговото име. Ни кажа дека е од Струмица, а речиси секој ден патува во Софија. Не работи ништо друго освен што посредува при добивање бугарски лични карти.
- Порано имав по 20 клиенти дневно, но откако ги воведоа визите заинтересираноста опадна. Сега, како што гледате, имам по 4-5 луѓе дневно - ни рече тој.
Според она што ни го кажа, произлегува дека тој заработува најмалку по 500 евра во еден работен ден. Само во Струмица има триесетина лица на кои основната работа им е да посредуваат во добивањето бугарски лични карти. Нивните информации покажуваат дека досега 200.000 Македонци се изјасниле како Бугари по националност, 60.000 добиле државјанство, а уште 100.000 чекаат одговор на барањето за добивање бугарска лична карта.
Вториот документ што го пополни нашиот посредник е молба до претседателот на Државната агенција на Бугарите во туѓина, каде што тој напиша дека сме македонски државјани со бугарска националност, исто како и нашите родители. На прашањето дали имате роднини што живеат во Бугарија, пишаниот одговорот гласеше: „Да, Петрич, Благоевград, Софија“. Следното прашање гласеше: „Ќе се вселите ли трајно во Бугарија, кога и каде?“. На ова посредникот напиша: „Да, на улицата Рокфелер, број 104“.
Ги потпишавме документите и отидовме кај нотарот Љубомир Зарчев.
- Добро ни дојде. Значи уште една млада Бугарка. Така и треба, сите ние сме Бугари - ми рече.
Нашите документи, како и оние на другите тројца клиенти, ги завери без никаков проблем. Посредникот плати и заминавме во Агенцијата за Бугари во туѓина. Пред нас имаше дваесетина лица - сите зборуваа македонски и имаа македонски патни исправи, а поднесуваа документи за бугарски лични карти. На шалтерот ни ги примија документите, по што дојде време да се раздолжиме со посредникот.
- Ова што го направивме досега ќе ве чини 200 евра. За 3 месеци ќе дојдеш да си ја подигнеш привремената лична карта. Потоа ќе те пријавам на некоја адреса и за тоа ќе платиш уште 80 евра. Ако имаш некои познати луѓе во Бугарија, можеш и сама да го завршиш тој дел за да немаш трошоци. Значи се што ти треба е улица на живеење, никој нема да те провери дали навистина живееш таму. По два месеца ќе ја добиеш личната карта. Ако сакаш и државјанство, процедурата е подолга и трае неколку години - ни рече посредникот.
Му го оставив бројот на телефонот и се разделивме.
Преку лажна адреса и посредник се отвора вратата кон Европа
Привремената бугарска лична карта што ќе ја добиеме за три месеци е ист документ како што е дозволата за привремен престој во Македонија, Србија и други држави. Единствената разлика е што со овој документ може да се патува во државите-членки на ЕУ, па токму од тие причини македонските државјани аплицираат за да ја добијат. Начинот на кој се добива овој документ е исто така сомнителен, со оглед на тоа што адресите на кои се пријавуваат дел клиенти се лажни. Така на пример вакви документи имаат некои Македонци што студираат или работат во Бугарија, но тие имаат точни податоци за местото на живеење и не мора да се изјаснуваат како Бугари по националност за да го добијат овој документ. Оние, пак, што немаат друг начин за да стигнат до документот, тргнуваат по нелегалниот пат - се пријавуваат на лажна адреса, плаќаат посредници на рака, се пријавуваат дека се Бугари по потекло и стигнуваат до визата за Европа.
Во МНР немаат инструмент за регистрирање, ниту пак за евиденција на бројот на издадени бугарски патни исправи и лични карти. Таму не упатија да се обратиме до бугарските надлежни институции за повеќе информации.
Михо Михов, амбасадорот на Бугарија во земјава, вели дека не сака да го коментира начинот на издавање бугарски документи.
- Јас навистина немам такви ингеренции. Јас сум тука испратен за да создавам добри односи помеѓу двете држави. За тоа што ме прашувате вие е надлежна бугарската влада. Јавете се во Агенцијата за Бугари во туѓина и таму побарајте одговор - ни изјави Михов.
Колку за пример, доколку сте странец, а сакате да извадите дозвола за привремен престој во Македонија (за три месеци), треба да докажете дека ќе работите или студирате во земјава, дека сте тука поради специјализација или научни истражувања, лекување или поради хуманитарни причини. Според Законот за странци, дозвола за привремен престој се издава и доколку странецот е член на македонско семејство, има македонско потекло или е дете на македонски државјанин. Дипломатско-конзуларното претставништво на Македонија во странство што примило барање на странец за издавање дозвола за привремен престој во земјава го доставува барањето до МВР. За ова тој треба да достави докази дека има законски престој во Македонија, за семејните врски, изворите за издржување, обезбеденото сместување за членовите на потесното семејство, како и лично здравствено осигурување. Според ова, начините за добивање дозвола за привремен престој меѓу државите се слични, со тоа што во Бугарија начинот за добивање на овие документи е многу полесен и поедноставен.
Наместо државјанства, преминаа на издавање лични карти
Пред влегувањето на Бугарија во ЕУ ескалираа барањата за бугарски пасоши. Кон почетокот на 2007 година во бугарскиот дневен весник „Труд“ на насловната страница беа објавени податоци за странци што зеле бугарски пасоши пред Бугарија да биде примена како членка на Европската Унија. Под наслов „Навалица за б’лгарски паспорти“ во „Труд“ беше објавено дека голем број „наши бугарски роднини од Македонија, Србија, Молдавија и Украина побарале од државните служби државјанство и бугарски пасош“. Според Агенцијата за Бугарите во туѓина, за трите месеци од 2007 година 6.423 лица поднеле барање за бугарско државјанство. Само на 27 декември 2006 година, непосредно пред новогодишните празници, биле поднесени 382 барања за бугарско државјанство.
Во последниот извештај на Државната агенција за Бугари во туѓина пишува дека во 2007 година биле издадени 12.045 уверенија за бугарска националност на лица што се граѓани на други држави. Основните цели на Агенцијата, како што пишува на нивната веб-страница, се зачувување на духовното наследство на нацијата во светот и создавање бугарски лоби-групи во други држави.
„Агенцијата е важна за процесите на добивање бугарско државјанство и постојано живеење во Бугарија“, пишува на веб-страницата.
Европската комисија пред околу една година и препорача на Бугарија да ги заостри правилата во однос на издавањето државјанства за странци. Бугарските власти се придржуваа кон ова до одреден степен, но најдоа нов начин за да привлечат бугарски граѓани - преку лесната процедура во издавањето лични карти, со кои може да се патува во сите европски држави-членки на Европската Унија. Со оглед на тоа што ЕУ не смее да се меша во внатрешната политика на државите-членки, Бугарија има целосно право да ги утврди условите за издавањето бугарски документи.
Единствен мотив ми беше егзистенцијата
На Ангел Стојанов од Скопје минатата година бугарската влада му издаде лична карта.
- Чув дека многумина од Македонија ваделе бугарски лични карти, и тоа преку посредници, односно лица што за одреден надомест ги средувале потребните документи. Стапив во контакт со лице од Струмица и договоривме ден кога да ја завршиме работата. Ми рече само дека единствен документ што ми е потребен е изводот од матичната книга на родените. Се најдовме во Софија, ми даде документи за аплицирање, ги пополнивме, заверив и изјава на нотар дека јас и моите родители сме чистокрвни Бугари и тие документи ги поднесовме во Агенцијата за Бугари во туѓина - раскажува Стојанов.
Единствен мотив за да извади бугарската лична карта нему му била борбата за егзистенција.
- Со години сум невработен. Единствената шанса ја гледав да излезам надвор од државата и да заминам на печалба, но и тоа не можев да го сторам заради визните ограничувања. Со бугарската лична карта можам непречено да влегувам и да престојувам во државите од Европската Унија. Значи само со личната карта. Бугарски пасош немам ниту ќе извадам бидејќи не ми треба. Доволна е само личната карта. Благодарение на таа лична карта јас веќе една година престојувам и работам во Германија - вели тој.
Голем број македонски студенти во Бугарија имаат бугарски лични карти, но тие имаат пријавено живеалиште во оваа држава. Оние што преку лажна адреса на живеење стигнуваат до документот што им ја отвора вратата кон Европа најчесто тоа го прават не затоа што се чувствуваат како Бугари, туку од егзистенцијални или од здравствени причини.
Како се вади бугарска лична карта?
- Договор со посредник
- Средба во Софија
- Посредникот ги пополнува документите (молби до Агенцијата за Бугари во туѓина и до Министерството за правда), каде што Македонецот се изјаснува дека има бугарско потекло и живее на бугарска адреса
- документите се заверуваат кај нотар
- заверените документи се поднесуваат во Агенцијата за Бугари во туѓина
- на посредникот му се плаќаат од 150 до 200 евра
- за 3 месеци се добива привремена лична карта, а за уште два месеца постојана.
Зарем толку лесно го продаваме она исконското за кое генерации наши предци гинеле... а и зарем соседот ни наш толку е безобразен и дрзок и ова планирано го изведува:
Видете ги и коментарите од татарите кои ги оставиле таму, невредни и омаловажувачки да се спомнат тука.Ги потпишавме документите и отидовме кај нотарот Љубомир Зарчев.
- Добро ни дојде. Значи уште една млада Бугарка. Така и треба, сите ние сме Бугари - ми рече.