Да си знаете шо ни спремаат, мора да кажат предвреме инаку нема да вати вавилонската мајџија...
Хари Костов бара ;Да се формира валутен борд во кој ќе седат и странски експерти и ЕУ
Во изјава за Нова Македонија поранешниот премиер, и министер на БЦ, и главен извршен директор на Комерцијална банка А.Д. Скопје, предлага итни и „радикални“ решенија за излез од политичката криза.
– Дали постои и каде е излезот од актуелната политичка криза? Како и во многу потешки кризи што се јавуваат насекаде во светот, теоретски секогаш постои излез. Но практично, во наши услови, нема ниту малку политичка волја, ниту лидерство, ниту демократски капацитет таа да се реши. Дејствувањето на главните политички партии доведе до такви поделби, не само меѓу партиите, туку и кај обичните луѓе и борби за лични интереси, што веќе не постои демократска дискусија или борба на различни идеи и концепти. Напротив, секој обид за аргументирана дискусија веднаш се етикетира како да е од некој сдсмовец или вмровец, од патриот или предавник, јазикот на омразата е доминантен, нема доволна критична маса кај граѓаните, притисокот на јавноста е недоволен, се истоштуваме во секојдневни тривијални прашања и подметнувања, никој не работи на остварување на стратегиските цели.
Во услови на такви поделби и поради сплет на различни околности, не очекувам дека денешните политички партии и елити, кои се и основни носители на корупцијата, можат да нѐ извлечат од актуелната криза.
Мора да се создадат инструменти, нови институции што ќе го одземат „суверенитетот“ врз јавните финансии од власта и ќе функционираат со консензус (за задолжувањето и извршувањето на буџетот), нешто како домашен валутен борд или фискален совет, во кој ќе седат и експерти од меѓународни финансиски институции, со право на одлучувачки глас. Да се формира влада на широка коалиција, без учество на компромитирани личности, чија политика ќе биде под постојан мониторинг на ЕУ во процесот на создавање европско законодавство и практики, со силни контролни механизми.
За да се неутрализира внатрешниот непродуктивен судир, неопходен е авторитетот на меѓународните партнери за обезбедување јасна патека на политичките и финансиските текови. Впечатокот дека се заговара протекторат е помало зло од „суверенитетот“ на неодговорните политички елити, кои ја поткопаа иднината на државата. Тоа е пораз за сите нас, но, за жал, јас така размислувам. Во спротивно, ќе продолжат политичките поделби и омрази, а Македонија незапирливо ќе оди кон сценарио на економски и финансиски колапс – вели Костов во изјава за Нова Македонија.
http://centarnews.net/HQ/mk/index.php/news/mk/item/12579-hari-kostov-bara-da-se-formira-valuten-bord-vo-koj-kje-sedat-i-stranski-eksperti-i-eu