Ленче, Дане и Штерјо
Многу време помина, се сменија многу власти, се менуваа премиери, претседатели на државата, претседатели на судовите, министри, директори, началници и подначалници, но добра инсталација си е добра инсталација. Тие, како хипнотизирани на знак, на дразба, на и најмал сигнал за опасност, сосема независно од штабот, се будат, ја креваат главата, пишуваат соопштенија, пишуваат пресуди, кријат пресуди, даваат изјави или молчат во зависност од случај до случај и во зависност од моралнополитичката подобност
Три случаи во последниве десетина дена, неврзани еден со друг, повторно ја вратија на виделина целата мрачна инсталација што Бранко Црвенковски и неговите со години грижливо ја градеа, ја негуваа и ја развиваа. Многу време помина, се сменија многу власти, се менуваа премиери, претседатели на државата, претседатели на судовите, министри, директори, началници и подначалници, но добра инсталација си е добра инсталација. Тие, како хипнотизирани, на знак, на дразба, и на најмал сигнал за опасност, сосема независно од штабот, се будат, ја креваат главата, пишуваат соопштенија, пишуваат пресуди, кријат пресуди, даваат изјави или молчат во зависност од случај до случај и во зависност од моралнополитичката подобност. Веќе се работи за инстинкт на одбрана, инстинкт на опстанок и инстинкт за одржување на морално подобно стекнатите позиции.
Да одиме со ред. Ленче Софрониевска, со години една од клучните фигури во македонското судство и пријателка и соработничка на Бранко Црвенковски, исто толку години упорно го води судскиот спор против две новинарки, Мери Јордановска и Антонија Поповска, за нивното пишување порано во „Време“, сега и во „Нова Македонија“, за бизнис-империјата што таа ја стекна како државен службеник. Ја отворивме темата за потеклото на имотот на семејството на Софрониевска и влеговме во еден импозантен лавиринт на фришопови, фирми и фирмичиња на сопрузи, на ќерки, зетовци и на блиски пријатели, влеговме во една навистина интересна шема на регистрации и пререгистрации на фирми и нивните адреси, бевме сведоци на неверојатни брзи реакции за промена на седишта и содружници во фирмите врзани со семејството на Софрониевска. Тоа за ниту еден суд, за ниту еден даночен инспектор, за ниту еден обвинител не значеше сигнал за тревога. Не, на такви сигнали хипнотизираните не реагираат. Не се будат од хибернацијата. Но затоа тука е Ленче, која многу добро знае што, каде и како треба да се прави, па го покренува системот, пишува тужба за тоа дека сме напишале дека сите тие фирми имаат 1.000 квадратни метри деловен простор во скопскиот трговски центар, а биле само 600 квадратни метри. Тоа за судот е закон и крај - пресудата е донесена. Виновни се Јордановска и Поповска затоа што напишале дека фирмите поврзани со нејзиното семејство поседуваат или имаат под кирија 1.000 квадратни метри деловен простор во ГТЦ, а Софрониевска вади документи дека има 600. За киријата никој никого не прашува. Добро, и да е така. Сме промашиле за 400 квадрати, кои биле под кирија, а не во сопственост. А што е со другото - со очигледно мотивираните брзи пререгистрации на фирми по објавувањето на дел од текстовите, што е со потеклото на имотот, што е со годишните даночни пријави, дали тие соодветствуваат со откриениот имот, што е со законската обврска за пријавување на имотот на државните функционери...
Случај втор. Фирма „Македонија турист“. Една од фирмите приватизирани во мрачниот период на приватизацијата на државните компании, во времето кога премиер беше - Црвенковски. Со години бивши вработени во оваа фирма се обидуваа да докажат дека при трансформацијата на капиталот не поминало баш сé според законот. Конечно, години и години потоа, некои од нив успеаја да докажат на суд барем дел од неправилностите при работењето на менаџерскиот и сопственичкиот тим на компанијата. Донесена е и пресуда. Без да навлегуваме во тежината на пресудата и во ептен поинаквиот аршин за затворска казна за слични дела, во случајов е интересна една друга димензија. За пресудата против менаџерите на оваа фирма, Доне Таневски и Соња Бибановска, прв дозна неделникот „Фокус“, и тоа еден месец по донесувањето на пресудата. „Македонија турист“ е фирма што котира на берзата. Секој од актерите на берзата е должен да информира за берзански чувствителни информации врзани за компанијата. Што може да биде почувствително од пресуда за затвор на двајца менаџери и истовремено поединечно најголеми акционери во таа компанија. Но, молк. Никој никого не информира. Никој ништо не знае. За на крај, по објавувањето на тие информации во „Фокус“, комисијата за хартии од вредност, официјално, повикувајќи се на неделникот, да побара објаснување од берзата за криенката со овие навистина чувствителни информации. Значи, имаме државни институции, комисија, суд, имаме сериозни правни субјекти, „Македонија турист“ и „Македонска берза“, но сите молчат и чувствителните информации ги бараат однадвор, а не ги разменуваат меѓусебе и не ги споделуваат со јавноста, како што бара законот. И пак никому ништо.
И третиот, најтазе-случај - „Фершпед“. Царината досега издаде пет вакви слични забрани за исклучување шпедитерски фирми од царинската постапка. Забрана како и секоја забрана. Закон си е закон. Кој грешел, ќе го крка. Е, не било баш така. Кога таква иста грешка е откриена кај „Фершпед“ и кога исто таква забрана е издадена за оваа компанија (за која, патем, се водеа долги судски спорови за начинот на приватизацијата на компанијата, трансформирана кога ако не во периодот на Црвенковски) хипнотизираните ја кренаа главата, инсталацијата е покрената. Па имаме изјави, прес-конференции, огласи, организации на шпедитери што збор не рекоа кога се казнуваа други нивни колеги, шпедитерски фирми. Демек казната била за лижавчиња. Да, од кога е важно за што е казната, дали е за лижавче или за бела техника, ако се работи за прекршок, ако се работи за непочитување на законот. Таа логика не можам да ја разберам, освен се разбира ако не сте дел од споменатата инсталација и инстинктивните реакции за опстанок.
Ниту една влада досега не успеа да расчисти со криминалните приватизации, со организираниот криминал, со директното државно учество во шверцот со цигарите и со нафтата, со незаконското збогатување на поединци блиски во тоа време на сдсмовската номенклатура. Тоа го најави Љубчо Георгиевски, како прв премиер што не беше дел од таа инсталација, но очигледно брзо ги научи правилата на однесување. Тоа го најави и сé уште го најавува и Никола Груевски, вториот премиер што не и припаѓа на таа номенклатура, но никако да го почне тој процес. Да, тоа е процес, а не поединечни случаи и само вадење жолти картони. Или ќе расчистиме со нашето криминално минато и ќе ја спроведеме лустрацијата онака како што треба или пак ќе прогласиме амнестија за сé - и одиме понатаму. Секој по свое и со своите.
Автор: Александар Дамовски
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=65913337917&id=13&prilog=0&setIzdanie=21705