Избор
Али Ахмети во грчкиот весник Катимерини се закани со немири. СеДеСеТо не го осуди тоа, и не се оградија од него. Дали Македонија треба да се подготвува за вонредни избори. Напролет во мај, или наесен во септември, сеедно. Треба ли?!
Паметна политика никогаш не носи одлука од еден ум, и набрзина. Кога носи одлука гледа и лево и десно. Надалеку. До преку океанот. Па кога ќе измери, решава што е можно. Можно, а не што е посакувано.
Во април догодина Македонија треба да добие покана за влез во НАТО. Со тоа би се заокружил меѓународниот легитимитет на државата, за оваа фаза. Член сме на Обединетите нации со оваа територија, јазик и нација. Кандидат сме за Европската унија со истите мерки.
За да го преживееме косовскиот синдром - прекројувањето на границите на Балканот, неопходно ни е да добиеме покана за влез во НАТО. Што е можно поскоро.
Во овие граници, со овој Устав, со овој народ и јазик. После таа покана оваа, и ваква Македонија е далеку посигурна во пресрет на косовската авантура.
А во спротивно?!
Штом не доби досега, Косово нема скоро да добие меѓународна независност. Во март догодина се избори во Русија. Се чека да се види што ќе биде со Путин и новата руска политика потоа. Особено онаа на Балканот.
Догодина се избори и во САД. Во предизборно време никој не презема крупни, ризични чекори што може да го сотрат пред гласачите.
Затоа, САД ќе одигра за Косово онолку колку што мора за да се држат косоварите под антидепресиви. А патем, вербално ќе ги куражат.
Србија за тоа време ќе застане поцврсто на нозе. И економски и политички, и ќе премине на финалето: трампа на Косово за Република Српска.
Европа, како и секогаш последниве пет-шест децении, ќе дреме на страна као богат татин син кој нема појма од фудбал, ама мора да го играат затоа што топката е негова. Во овие времиња нема поголеми тапанари меѓу богатите во светската политика. Евромастиљарите се јалови милионери. Албанските нарко-босови ги купуваат евромастиљарите на распродажба.
Во тој меѓупростор Македонија е без дефиниција: која е, колкава е и каде и се границите. Како се вика... се уште на дистанца од добрите бизнисмени и добрите политичари затоа што ни тие не знаат што ќе биде со нас. Чекаат.
Еден потег на НАТО би сменил се. Би го запрел руското ширење на Балканот меѓу православните, сиромашни пациенти. Дефинитивно, би ја дефинирал Америка како балкански архитект.
Би донел мир во регионот.
Би запреле амбициите на косоварите да ја завладеат северозападна Македонија. Со тоа би запрела и бугарската подршка за косовските амбиции. Бугарија знае дека поделена Македонија нема да може да опстане понатаму сама. Ќе мора со некого да влезе во унија. А нели, блгарчета думат: т,зи е сшт народ. Блгарски.
Нема поалчни за македонска земја од Бугарите. Без дилема. За разлика од 1941, го нема ни Темпо ни Тито против нив. Сами сме.
Го посакуваат ли ова во Грција? Посакуваат ли косовска експанзија се до нивните граници. Посакуваат ли следниот албански скок да биде во нивната Чемерија. Од Јанина па се до Преспа. Посакуваат ли Грците ширење на Бугарија, политички, а потоа и територијално врз Македонија?! Сеедно како се викала. Од Венизелос наваму Грците немале по глупа политика!
Но, не само што не посакуваат, туку и се плашат од тоа. Тогаш, нека оладат со уцените дека нема да добиеме покана за НАТО ако не го смениме уставното име. И онака НАТО не именува како ФИРОМ, и нема тука што да се менува. Ќе има време за уцени со преговорите за ЕУ.
Нека оладат не заради нас, туку заради своите интереси. Пожарот полесно се гаси во комшиски двор, отколку во сопствена куќа.
Шекеринска и Прецедникот гледаат сеир на грчкото условување и можноста догодина да не добиеме покана за НАТО. Гледаат шанса за себе. Капитал за избори. Што полошо за нас, подобро за нив. Ако нема покана од НАТО, Груевски ќе мора да распише вонредни избори. СеДеСето и Бранко играат опасно кога е матно. Кога се светлата изгасени. Нивната врска со Али Ахмети е високопрофитна, а Али Ахмети во Катимерини се закани со немири. СеДеСеТо не го осудија, и не се оградија од него. Се уште немаме нивен јасен став дали се за тоа Македонија да го смени името за да биде поканета во НАТО?! Сите изјави им се и овака, ама и онака...
За разлика од нив, Груевски е против промена на името. За да нема утре вака беше, онака мислеше... најдобро е да се излезе на вонредни избори и побара мандат од граѓаните: Груевски за се она што го прави, плус поддршка да не се менува уставното име. Али Ахемти и Шеќеринска пак за својата политика.
Нека бира народот. Додека се уште има избор.
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=1BCA5080564C964B951285D08F9E15AB