Според мене, моралниот пат секогаш е очигледен, иако во одредени ситуации различни личности би имале поинакво размислување. Сепак би рекол дека разликата е во искушението и колку на истото си спремен/способен да одолееш. И тоа влијае врз сопствениот „морал“. Ако ти си во врска и сметаш дека не си способен да одолееш да вараш, ќе имаш тенденција кон мислењето дека не е неморално да вараш, оправдувајќи го истото со некои икс причини. А ако сметаш дека си способен да одолееш, тогаш ќе го сметаш варањето за нешто крајно неморално, бидејќи самото искушение никогаш не те стигнало.
Сепак, тешко е објективно да се издвои што е морално, а што не е, луѓето се премногу различни во исто опкружување, а камоли кога се на различни страни од светот.
Што се однесува пак до мене, пробувам да бидам колку што можам поморален, а моралот го одредувам според правење „добро“, а доброто го одредувам според чинот на помагање на некого или правење на она што не наштетува на никого. Секако дека поставувам граница кога јас сум загрозен. Доколку сум загрозен и единствената можност да се одбранам е да бидам неморален, тогаш ќе бидам. Но, токму таму е моментот каде тоа го правам со тешко срце и со грижа на совест. Секако, не станува збор дека пред да го направам, многу ќе размислам и ќе пробам да најдам алтернативно решение. За среќа ретко сум во таква ситуација. Но, секако дека поголемата дилема е онаа каде што треба да одлучиш помеѓу правење личен напредок на сметка на неморален чин, или да останеш во место и да ризикуваш да паднеш надоле, но да останеш морален. Токму во ова ја гледам главната разлика помеѓу луѓето, и тука тие се делат во две групи, бидејќи зависи од тоа дали на чинот гледаш како агресија, или како одбрана. Ако гледаш на напредокот како лична одбрана со цел да не паднеш, ќе избереш да бидеш неморален, оправдувајќи го чинот преку својот дефанзивен механизам. Доколку на истото гледаш како на агресија, нема да бидеш неморален. Генерално, со чесни исклучоци.
That being said, да, се сметам за морална личност и егоцентрично тврдам дека мојот морален код е „најправилен“, исто како што смета мнозинството луѓе за нивниот. Сепак доволно во животов ми е што имам чиста совест и ретки се моментите каде сум се осеќал виновен за нешто. Не непостоечки, но ретки. Што секако не мора да значи ништо, бидејќи можеби она за што јас не се осеќам виновен, некој ме гледа како неморален. Но, не верувам.