Стојановски: Со ваков буџет го рушите суверенитетот на земјата
Овој буџет, освен што дава можност Груевски да ги троши парите како сака и каде сака, реално не донесува ништо. Реално не можат да се соберат повеќе пари од 2,5 милијарди евра. Ќе треба да се отплати долгот од 250 милиони евра, а ќе фали уште 1 милијарда евра, за која дополнително ќе треба да се задолжуваме, рече во својата дискусија Благоја Стојановски од СДСМ за време на расправата по Предлог буџетот за идната година во собраниската Комисија за финасирање и буџет.
- Со парите што ќе се соберат ќе има за платите на администрацијата, за субвенциите и за социјалните трансфери, ама ќе нема за стоките и услугите за капиталните расходи и за отплаќање на долговите. Значи пари нема, ама вие продолжувате да се задолжувате. Само по основа на дефицит ќе се задолжите со 300 милиони евра. Каде е отплатата на кредитите, парите за отплата на кредитите на јавните претпријатија. Вие со овој буџет не само што ги трошите парите на граѓаните, туку и на нивните деца и нивните внуци. Правејќи ваков буџет во кој со задолжување се покриваат непродуктивни проекти и дупките, ние го губиме суверенитетот на земјата - рече Стојановски.
Тој по теркот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ направи споредба на задолженоста на земјата во периодот кога владеел СДСМ и во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
- Во 2002 година долгот изнесуваше 45,7 отсто од БДП. Во 2005 33,2 отсто.Во 2008 година кога министер беше Трајко Славевски долгот изнесуваше 23 отсто од БДП. А знаете зошто е дојден Зоран Ставревски за министер? За да го зголеми долгот од 23 отсто на 47 отсто, но во него со новата пресметка која ја донесовте вие, не се влезени и долговите на јавните претпријатија од 625 милиони евра. Со него долгот на државата би стигнал над 50 отсто од БДП - рече Стојановски.
Стојановски ја прокоментира и дискусијата на пратеникот ов ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, во која тој презентира податоци дека власта што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ два пати ја зголемила вработеноста и ги зголемила платите на вработените.
- Велите дека бројот на вработени од 498.864 во 2004 година пораснал на 699.688 во 2015 година, но не знам од каде ви се овие бројки. Според податоците на Фондот за здравство во 2014 година имало 530.000 вработени кои плаќале здравствено осигурување, а тоа се активни вработени и активни земјоделци. Според податоците на пензискиот фонд, пак, лани имало 536.000 регистрирани вработени. Тогаш кажете ми каде се загубија 170.000 кои ги сметате за вработени. Според овие бројки, стапката на невработеност реално е 36 отсто, а не како што тврдите 26 отсто - рече Стојановски.
Мукоски во својата реплика потсети дека Македонија моментално е една од трите најнезадолжени земји во Европа и направи споредба на растот на домашниот бруто производ во периодот 2005 - 2016 година.
- Домашниот бруто производ во 2005 беше проектиран на 4,57 милијарди евра, а оној за 2016 е проектиран на 9,47 милијарди евра. Тоа зборува за постигнувањата. Капиталните инвестиции се 2,25 отсто повисоки од оние во 2005 година, а инвестициите во здравството , образованието исто така се зголемени за повеќе пати - рече Мукоски.
Расправата за Предлог буџетот за идната година во собраниските комисии и на пленарна седница на Собранието ќе трање 15 дена. Владата треба да се произнесе и за 418 амандмани поднесени од пратениците.