Повторно уреднички смени во Канал 5
Васко Попетрески
Сменети главниот уредник Васко Попетрески и заменичката Лидија Јанчовска-Христова
Светлана Унковска
Главниот и одговорен уредник на Канал 5, Васко Попетрески, и неговата заменичка Лидија Јанчовска-Христова од завчеравечер не се веќе на своите функции во телевизијата. Дали поднеле оставки под притисок или биле сменети не е целосно јасно, но на колегиумот на Редакцијата сопственикот Емил Стојменов им соопштил на новинарите дека за иден главен и одговорен уредник е назначена Лидија Богатинова, заменик-главен уредник на Канал 5 плус.
Попетрески не сака да каже кои се причините за оваа промена, но неофицијално се тврди дека раководните кадри на Канал 5 биле под силен политички притисок околу уредувачката политика и дека повлекувањето им било изнудено. Заминувањето на Попетрески од уредничката позиција се случува само три месеци од неговото именување на позицијата главен уредник, на која претходно беше Ацо Кабранов, кој во почетокот на јули, исто така, побара да биде сменет.
Во четвртокот на колегиумот одржан доцна попладнето Попетрески и Јанчовска побарале да се повлечат и да бидат ослободени од раководните позиции во ТВ-куќата. Откако им била прифатена оставката, на истиот колегиум веднаш било соопштено дека за иден главен и одговорен уредник е назначена Лидија Богатинова. Засега е неизвесно кој ќе биде заменик-уредник.
„Побарав да се повлечам од уредничката позиција и тоа е се' што имам да кажам и не сакам да коментирам ништо друго“, ни изјави вчера Попетрески. Тој не сакаше да ги каже мотивите на своето повлекување и дали имал притисоци во уредувачката политика, поради што била неизбежна промената.
Според неофицијални информации во новинарските кругови, од Попетрески било побарано самиот да се повлече од одговорната функција откако не биле прифатени неговите инсистирања темите во новинарските прилози да бидат опфатени од сите страни, што е основно начело во професионалното новинарство.
Нешто слично беше и при смената на ексглавниот уредник на „петка“, Ацо Кабранов, кој побара повлекување, но и тогаш неофицијално се тврдеше дека е тргнат бидејќи не ја прифатил новата уредувачка политика на куќата, која очигледно се променува откако таткото на Емил Стојменов, поранешен министер за финансии и лидер на ВМРО-Македонска, Борис Стојменов, влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Пред три месеци беше сменет и главниот и одговорен уредник на „Шпиц“, Бранко Героски, кому сопственикот на весникот, Велија Рамковски, отворено му рекол дека го трга од кормилото поради политички причини, односно дека единствената причина се ставовите околу спорот со името кои биле спротивни со оние на Владата.
Сопственикот на Канал 5, Емил Стојменов, вчера остана недостапен за коментар за напуштањето на двајцата одговорни уредници во телевизијата. Новоименуваната главна уредничка Лидија Богатинова вчера ни потврди дека од Стојменов и' била понудена уредничката позиција во информативната програма и дека таа ја прифатила.
Попетрески вчера не сакаше да каже какви планови има - дали ќе остане во Канал 5 или ќе замине во друг медиум.
„Се' уште е рано, немам донесено никаква одлука. Засега сум тука, еве и сега сум на работа во телевизијата, па ќе видиме“, вели тој. Но, неофицијално, се вели дека Попетрески и Јанчовска имаат намера да преминат во Алфа.
Хммм... ајде да претпоставиме зошто го смениле :nesum: