Македонци во приказната за Стенвеј и синовите

A__

Супер модератор
Член од
16 март 2005
Мислења
4.594
Поени од реакции
7.821
Повеќе од 95 проценти од сите оркестарски и пијано концерти во светот се изведуваат на пијаната „стенвеј“

напишал и фото: АЉОША СИМЈАНОВСКИ



Приказната за Стенвеј и синовите испловува од океанот во Хилсборо Мајл, во едно топло попладне на плажата на т.н. дијамантска линија на брегот на Флорида, што се протега од Џексонвил на север, преку Дејтон, Палм Бич, Бока Ратон, Помпано, Форт Лодердејл се' до Саут Бич во Мајами. Били Благоја Шврга, еден од ретките Македонци што живеат на оваа проминeнтна дестинација, носталгично се потсетува на бурните шеесетти години од минатиот век, кога понесени од традиционалниот гурбет-инстинкт, неколку млади од битолско „бегаат“ преку граница за Америка. Најпрвин, неколку месеци во прифатниот камп Лаврион во Грција, а потоа пристигнуваат во Њујорк, започнуваат да го живеат својот сон. Прво вработување, се сеќава Били, наоѓа во фабриката „Стенвеј и синовите“, каде што работи на клавирски чеканчиња и дампери, што се вградуваат во светски познатите пијана. На работа во фирмата Били подоцна ќе ги доведе нашинците Петре и Олга Кочишки, Крис, Веселин, Ценко и други што својот сон и својата енергија долги години ќе ги насочат и ќе ја вградат во светски извесната марка клавири „Стенвеј и синовите“.

Пред повеќе од 150 години започнува една приказна слична на нашата и милиони други неизвесни стории од возбудливиот американски сон. На повик од својот роднина Чарлс Стенвеј, вработен како тон-регулатор и клавир-штимер во фирмата „Бејкон и Равен“, како и милиони други емигранти, привлечен од економските можности, Хајнрик Енглхарт Стејнвег (подоцна Стенвеј) со пет од своите седум деца и сопругата впловува во њујоршкото пристаниште. Во времето кога семејството Стенвеј пристигнува во Америка, производството на пијана е силна индустриска гранка која вработува над 1.900 работници кои произведуваат 9.000 илјади пијана годишно и остваруваат 2,1 милион долари вкупен износ (што за тоа време е неверојатна цифра). Вистинската приказна започнува во март 1853 година кога вработените во „Бејкон и Равен“, најголемата фирма за производство на пијана во тоа време, каде што работи и семејството Стенвеј, стапува во штрајк. Најдобри четворица работници, таткото Хенри и неговите три сина, решаваат да започнат сопствен бизнис, во едно мало здание подолу во Менхетн, што за помалку од десет години ќе стане најголема светска фабрика за производство на пијана што ќе го претвори името Стенвеј во симбол на бескомпромисен квалитет и престиж.

Наздравуваме со ликер „франџелико“ во „Асторија“, за љубезноста и одобрението од менаџментот и следниот ден го проведувам во погоните на „Стенвеј“ во Лонг Ајленд. Овде компанијата во 1910 година од градот закупува 400 акри и малата фабрика од потегот меѓу Парк Авенија и 52. улица, каде што денес е „Валдорф Асторија“, ја преселува на комотна локација каде што ги заокружува и консолидира производните операции и дејности. Тука денес работат 600 врвни мајстори и персонал кои вредно и стрпливо ја продолжуваат приказната за волшебниот инструмент, што започнува некаде во 1711 година, од денот кога Бартоломе Кристифори го создава пијанофортето, па преку францускиот мајстор инвентор Себастијан Ерард, кој во 1823 година со цел да се подобрат резонанцата и динамиката, го засилува инструментот со вградување метални барови, со што се засилуваат техничките перформанси. Петнаесет години подоцна бостонскиот мајстор Јонас Кикеринг создава едноделен метален одливок на пијано-плоча, што во европското искуство остана непознато до 1870 година. Основната забелешка за тенкиот и метален тон со низа вешти дотерувања мајсторите во „Стенвеј“ го рафинираат и усовршуваат тонот на своите инструменти, го додефинираат и во 1855 година во „Кристал палас“ го изложуваат коцкестиот модел Гранд-пијано и од Американскиот институт ја добиваат наградата за иновација. Во 1860 година овој модел се доусовршува и го добива обликот на денешниот Гранд-пијано. Хенри Стенвеј јуниор го патентира и заштитува моделот на кој истата година со Њујоршката филхармонија настапи С.Б. Милс, при што го изведе и му даде едно ново значење на Шопеновиот концерт во Ф–мол, за кој критиката во „Њујорк тајмс“ воодушевено подвлекува: „Тоа е еден од највеличествените инструменти што некогаш е чуен во концертните холови“.

Во 1862 година на светската изложба во Лондон, пијаното „стенвеј“ ја воодушеви и вчудовиди европската рафинирана публика и ја освои првата награда. И така супериорниот инструмент во комбинација со креативниот маркетинг доживува метеорски успех.

Помеѓу 1865 и 1875 Ц.Ф. Теодор Стенвеј во соработка со физичарот Херман фон Хелмхолц, развива и патентира серија револуционерни пронајдоци, го заокружува моделот Гранд-пијано. Притоа малата мануфактура „стенвеј“ во Варик стрит на Менхетн континуирано расте и станува бренд, синоним за перфекција и квалитет.

Во духот на подемот и растот на компанијата во 1866 е изграден Стенвеј хол, здание со 2000 седишта и неверојатна акустичка перфекција, во која свој деби имаше пијанистот Антон Рубинштајн, виолинистот Хенри Виењавски, вокалистот Парера Роса. Како дел од американската турнеја во тогаш престижниот Стенвеј хол и Чарлс Дикенс одржа серија од 13 книжевни вечери. Стенвеј хол е и официјалната сцена на Њујоршката филхармонија се' до отворањето на Карнеги хол во1891 година.

На 8 февруари 1871 година „Њујорк тајмс“ објавува дека Хенри Стенвеј сениор, сопственик на „Стенвеј и синовите“, почина во својата резиденција на 53. улица. Во пригодниот текст е подвлечено - талентиран, темелно образован и подготвен мајстор за пијано, од својата матична татковина Германија тргнува во потрага по поширока можност за остварување на својот сон и создава вредност и врвен квалитет, бренд-пијана на кои музицираат најголемите светски виртуози.



Во рамките на својата бизнис-стратегија долго пред т.н. глобална економија, во 1880 година компанијата „Стенвеј“ ја проширува дејноста и гради фабрика во Хамбург со цел да го освои пазарот во Европа и во Азија. Во духот на германската традиција, синовите Вилијам Т. и Теодор Стенвеј од 18-годишна возраст ги изучуваат вештините и тајните на занаетот за подоцна да преземат и да го продолжат семејниот бизнис и траењето на светски извесниот бренд.

И еве сме, според ден претходно закажаното, на посета во производствениот погон во Лонг Ајленд Сити, каде што од љубезните домаќини ми е овозможено да разгледам и фотографирам во производствените погони, каде што вештите мајстори ја продолжуваат 150-годишната традиција и произведуваат врвни инструменти. И додека останатите производители на пијана во своето производство континуирано ги вклучуваат придобивките од новите технологии, пијаната „стенвеј“ и денес грижливо се изработуваат рачно.

Има малку пијана „стенвеј“ во Македонија и секогаш мака мачиме и ги селиме оние два-три инструменти од една до друга локација, објаснувам со цел да разберат за кој дел од светот станува збор. За концертот на прочуениот Чик Кореја на Скопскиот џез-фестивал пијаното „стенвеј“ беше транспортирано од Катедралната црква во Охрид до концертниот подиум во Скопје, се обидувам по малку анегдотски, да ги објаснам нашите искуства со овој светски бренд.

- Повеќе од 95 проценти од сите оркестарски и пијано концерти во светот се изведуваат на пијаната Стенвеј, се надоврзува Лорета Русо-– маркетинг директора на компанијата. - Посветуваме големо внимание при одбирот на суровиот материјал, квалитетно дрво што расте на Алјаска. Мајсторите во Стенвеј ги редат препарираните дрвени слоеви и потоа на ист начин како низ сите 150 години, ги свиткуваат на Гранд-пијано калапот. Понатаму се одвива призводствен процес кој од сурово дрво до финалниот производ трае една цела година. И додека компанијата „Стенвеј и синовите“ ги ужива придобивките од богатото наследство, единствено од овој вид во Американската индустрија, актуелниот менаџмент не спие на лаврите. „Горди сме на нашето минато - истакнува преседателот на компанијата, Брус Стивенс - но не живееме во него. Продолжуваме да работиме и да ја доизградуваме приказната и сонот на ’Стенвеј и синовите‘“.

И како што првата генерација на менаџментот на компанијата во 1880 година ја отвора фабриката во Хамбург, сознавајќи го значењето на глобалниот пазар, „Стенвеј“ денес го продолжува континуитетот и ја шири дистрибуцијата во Азија, во Јапонија, како трет најголем пазар, и се насочува кон светски најголемиот потенцијален пазар Кина.

Денес одекнуваат чувствата и воздишките на 1.300 врвни артисти низ светот што настапуваат на пијаната „стенвеј“ и сите се согласуваат и изјавуваат во еден глас - денес „стенвеј“ е подобар од кога било.

И така еве како за крај, овде покрај еден од традиционалните модели во салонот за презентација, седнувам и свирам, џез-скица на тема на македонската традиционална балада „Мост ми ѕидале девет мајстори“ и во волшебниот звук на „стенвеј“, препознавам далечно ехо и меланхолија од душите на нашите вредни гурбетчии, чиј дел од сонот за Америка започнал токму во погоните на Стенвеј во Лонг Ајленд.

И Ленон беше воодушевен



„Imagine all the people sharing all the world”, отсвири и отпеа Џон Ленон на своето пијано „стенвеј“ - модел Z upright, во 1971 година, песна што стана химна на генерации поклоници, евергрин-балада на мирот. Ова пијано во 2000 година на јавно наддавање го купи поп-ѕвездата Џорџ Мајкл за рекордни 2,1 милион долари и во име на мирот ја приреди прочуената турнеја „Стенвеј“ низ Америка.

Падеревски и Рубинштајн на „стенвеј“
Како значаен дел на метеорскиот раст и корпоративното дејствување, Вилијам Стенвеј организира гостување на Антон Рубинштајн, кој на 215 концерти низ Америка настапи на пијана „стенвеј“, за што на крајот во писмо и' се заблагодари на компанијата за врвниот квалитет на инструментите и за големото задоволство при изведбите.

Игнациј Јан Падеревски, по покана на Вилијам Стенвеј, во Америка одржува 67 пијано-рецитали во 24 града и во своето прво гостување идниот полски премиер заработува неверојатни 180.000 долари. Подоцна во 1923 година бокс-офисот на пијанистот Падеревски доживува епски димензии кога во организација на „Стенвеј и синовите“ за само17 настапи заработува повторно фантастични 180.000 долари и пијаната на Стенвеј го заработуваат епитетот - бесмртни инструменти.

Глобус
 

Kajgana Shop

На врв Bottom