Кривични пријави за 11 навивачи што дивееја во Тетово
Тетовската полиција поднесе кривични пријави против 11 лица кои учествувале во инцидентите што се случија по завршувањето на фудбалскиот натпревар помеѓу Тетекс и Шкендија.
Единаесетте пријавени, од кои десет од Тетово и едно од Гостивар , на возраст од 15 до 44 години, се сомничат дека извршиле кривични дела: „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста’’, „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие’’ и „насилство’’, а двајца од нив се товарат дека сториле и кривично дело „Загрозување на безбедноста’’.
- Осомничените: В.А ( 25 ), В.Џ ( 21 ), А.Х ( 39 ), Ш.З ( 44 ), Б.И ( 31 ), С.А ( 23 ), Ш.М ( 22 ), С.А ( 16 ), Е.Д ( 15 ), Е.А ( 16 ) и Ф.Е ( 18 ), на 15-ти овој месец околу 16 часот, по завршувањето на натпреварот, учествувале во толпа и ги спречувале полициските службеници на СВР Тетово во одржување на јавниот ред и мир - рече Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Како што истакна Јосифоски, осмничените ја загрозиле безбедноста со дивеењето низ градот.
- Тие ги нападнале полицајците со камења и други предмети, при што повредиле тројца службеници, а оштетиле и едно патничко моторно возило. Покрај ова, тие насилнички се однесувале по улиците на Тетово, со што предизвикале чувство на вознемиреност, страв и несигурност на граѓаните, додека двајца од нив упатиле и сериозни закани по животот на еден полициски службеник - истакна Јосифоски.
СВР Тетово работи и на идентификување и на другите учесници во инцидентите истакнаа од полицијата.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=38B042585E2C1143BBF88F94632CF578