Odlicni pojasnuvanja od strana na akademk Cvetan Grozdanov (koj patem e clen na SANU) za odnosite Makedonija-Srbija i za afrokefalijata na MPC od Car Samuil navamu!
СПЦ сака да формира паралелна црква во Македонија
Симон ИЛИЕВСКИ
Академик Цветан Грозданов, претседател на МАНУ, е меѓународно респектиран историчар на уметноста, кој поради интердисциплинарниот приод е познавач и на црковната историја на Македонија и на соседните земји на Балканот. Тоа беше повод за разговор околу актуелните црковно-политички случувања.
Случајот со расчинетиот владика Јован Вранишковски, кој деновиве почна да ја издржува казната во затворот "Идризовоои во Скопје, предизвика бурни реакции во соседна Србија, а некои од медиумите отворија вистинска медиумска војна против Македонија и МПЦ. Како ја оценувате оваа состојба, која од меѓуцрковен прераснува во меѓудржавен конфликт, и се заканува да ги влоши добрите односи меѓу Македонија и Србија?
- Сето тоа го доживувам со тага и жалење, а особено ми е жал што поради расчинетиот владика Јован Вранишковски не продолжи дијалогот меѓу г.г Стефан, архиепископ охридски и македонски и поглавар на МПЦ, и г.г Павле, патријарх на СПЦ, закажан на нивната неодамнешна средба во Белград. Сите од дијалогот очекувавме смирување на тензиите и праведен исход на спорот меѓу двете сестрински цркви. Меѓу македонскиот и српскиот народ постојат историски и традиционално добри односи, но, за жал, денес сме сведоци на црковните расправии што нанесуваат многу штета на тој историски континуитет. Сведоци сме и на секојдневни напади врз МПЦ и македонските власти, а никој јавно не кажува во чиј интерес е сето тоа и кој, всушност, ја генерираа оваа несреќа што се наметнува како нов удар врз нашето многувековно опстојување на балканскиот простор.
Во српската јавност денес јавно се протежира ставот дека расчинетиот владика Зоран Вранишковски бил невин, дека се обраќал само кон Бога и дека тоа е само вербален деликт за кој не може да биде осуден. Не сум компетентен правник, но очигледен е фактот дека се настојува по секоја цена во Македонија да се формира паралелен синод и црква, намера што води кон раскол и зад која стојат, за мене, непознати политички и бизнис-магнати. Особено е сомнителна желбата да се направат две паралелни цркви во земја каде што мнозинскиот дел од населението е со православна вероисповед. Претпоставувам дека токму затоа во ,,случајот Вранишковскиии е активиран членот од Кривичниот законик што се однесува на намерно предизвикување верска и етничка нетрпеливост.
Подигнувањето на "случајот Вранишковскиии на ниво на меѓудржавен спор во Србија ја подели јавноста. Очигледно е дека СПЦ, како и неколку пати досега, покажа дека има силно влијание во високите политички кругови во Србија?
- Се прашувам зошто СПЦ за ова прашање не разговара со МПЦ и зошто ги прави своите интервенции преку државните органи, обраќајќи се преку претседателите на српската држава и влада. Ако за православното христијанство карактеристики се трпеливоста, разумот и божјата промисла, се прашувам зошто во овој случај СПЦ бара државна арбитража, веднаш и по секоја цена. Лично, го поддржувам ставот на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, според кој одличните односи меѓу Македонија и Србија не треба да се нарушат поради Вранишковски.
Во македонската јавност се коментира дека случајот со расчинетиот Вранишковски е однапред планиран и дека зад сето тоа стојат сомнителни интереси на некои од сестринските цркви во соседните земји. Се спомнува дека бил одбран токму Вранишковски, бидејќи по секоја цена сакал да ја добие архиепископската титула во Македонија?
- Во ликот на Зоран Вранишковски се препознава еден очигледен пребег зад кој стојат видливи крајни цели и интереси. Поранешниот владика на МПЦ очигледно им ги нудел своите услуги и на српската и на грчката црква. Сум го слушал Зоран Вранишковски како во охридска ,,Света Софијааи пред гости од Грција и од Бугарија ја толкува историјата на храмот. Тогаш со ниеден збор не ја спомна епохалната мисија на св. Кирил и Методиј и на св. Климент Охридски. Се зачудив како може да анулира една сесловенска и светска мисија и писменост на која се преведе и Библијата, по преводите на латински и на старогрчки јазик. Ниту збор не рече за големите придобивки што ги доби словенскиот свет со нормирањето на старословенскиот јазик на кој беа преведени капиталните дела на светската култура. Вранишковски сега ѕида соборен храм на Охридската архиепископија во Нижополе, а знае дека "Света Софијааи е македонскиот соборен и архиепископски храм. Со тоа ги повредува нашите чувства, зашто ,,Св. Софијааи е признат духовен и светски признат споменик на уметноста. Се прашувам дали зад целиот случај е желбата на Вранишковски со помош на СПЦ да стане поглавар на МПЦ и да добие архиепископска титула, притоа не избирајќи средства за да ја оствари целта.
На МПЦ и на некои македонски интелектуалци во последно време од српска страна им се забележува дека се за унијатство, односно за ставање на МПЦ под јурисдикција на папата?
- За такво нешто во Македонија никој не размислува, меѓутоа факт е дека секоја година македонска црковна и државна делегација чествува на гробот на св. Кирил во базиликата ,,Сан Клементееи во Рим. Св. Кирил е основач на словенската писменост. Живеел пред шизмата меѓу Ватикан и Цариград, односно расколот меѓу православието и католицизмот. Св. Кирил еднакво е признат од сите земји во Европа, а пред неколку години св. Кирил и Методиј беа прогласени за културни татковци на Европа. Српскиот народ ги почитува св. Кирил и Методиј, зашто тие се автори на кирилицата, која е државно писмо и во Србија. Св. Климент Охридски е духовен и просветен продолжувач на Кирило-методиевата традиција и втемелувач на охридскиот духовен и просветен центар. Тој е патрон на Охридската архиепископија, на МПЦ и на Охрид. Токму поради ова се прашувам од каде е основаноста на тезата дека Македонците ќе го прифатат унијатството.
Фактот дека МПЦ е очигледно продолжување на традицијата на Охридската архиепископија најчесто се игнорира од страна на СПЦ. До пред 20 години велеа дека е грчка, а сега тврдат дека Охридската архиепископија е српска?
- Охридската автокефалија живее од Цар Самуил до крајот на 18 век, односно приближно 800 години. Таа е укината речиси истовремено со Пеќската патријаршија, односно во 1766 година. Охрид имал автокефалност и во времето кога Македонија била во состав на државата на Цар Душан, заедно со Пеќската патријаршија, и во состав на бугарската држава, паралелно со Трновската патријаршија.
До пред 15-20 години највисоките достоинственици на СПЦ тврдеа дека Охридската архиепископија е грчка. Се прашувам за сегашното менување на ставот според кој Зоран Вранишковски треба да биде Јован архиепископ охридски и егзарх српски во Македонија. Како дојде наеднаш Охридската архиепископија да не може да има континуитет во лицето на МПЦ, туку еднаш да биде грчка, а друг пат српска. Во 1958/59 година СПЦ на чело со патријархот Герман на МПЦ Ј призна статус на автономија на чело со првиот поглавар на МПЦ, архиепископот охридски и македонски, г.г. Доситеј. Со истиот документ се тврди дека Уставот на СПЦ не важи во Македонија. На таа релација постоеја низа несогласувања, меѓу другото, и за преписката што требаше да се води на македонски јазик. Така, во нивната комуникација со светот, архиепископот на МПЦ, г. г. Доситеј, беше претставуван како митрополит скопски.
Тогаш народот, свештенството и архијереите прогласија автокефалија на МПЦ. Тоа наиде на голем отпор од српска страна. На Македонците тогаш им беше сугерирано дека автокефалниот статус може да го добијат само на Вселенски собор. Знаеме дека последниот таков собор е одржан во 787 година, речиси пред 1.300 години. Се прашувам како беше можно пред неколку години без одржување Вселенски собор Православната црква во Албанија да добие автокефалност.
За да ја придобие довербата на своите верници, СПЦ во јавноста пласира и видни историски искривувања за важноста и за традицијата на Охридската архиепископија?
- Низ целокупната историја на црковните односи, македонската црква само 20 години, од 1921 до 1941 година, била под јурисдикција на СПЦ. Познато е дека тоа било направено со откуп во злато платен на Цариградската патријаршија. Македонците незадоволни од таквите постапки, во екот на антифашистичката борба на слободната територија во селото Издеглавје, на свештенички собор, донесоа одлука во идната слободна македонска држава да се обнови Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Одлуката беше потврдена во 1944 година на Првото заседание на АСНОМ. Охридската архиепископија е свето име и институција длабоко втисната во свеста на македонскиот народ. Во својата долга и драматична историја нејзината територија се протегала од Молдавија до Сицилија, до Црно Море и Тесалија. Денешната територија на Република Македонија секогаш била основното јадро на Охридската архиепископија. Под охридска власт биле и сите православни општини во Албанија, вклучувајќи го и Драч. Само кус период Скопската митрополија била вклучена кон Пеќската патријаршија, по нејзината обнова во 1557 година.
Постои ли реално и заедничко прифатливо решение за МПЦ и за СПЦ за надминување на спорот?
- Во разговорите меѓу МПЦ и СПЦ, пред да се вжештат релациите, беше постигната согласност на сите граѓани од српска националност во Македонија да им се овозможи вршење богослужба и верска поука на српски јазик. Завршницата на преговорите ја попречи расчинетиот владика Зоран Вранишковски. Мислам дека треба да се исправи грешката што ја направија македонските власти со одредбата околу носењето на облеките и ознаките на свештениците и великодостоинствениците на СПЦ кога транзитираат низ Македонија. Проблемот е во тоа што српските свештеници се обидуваат без одобрување на МПЦ да држат проповеди и други духовни чинови во Македонија. Тоа не е можно во Македонија, како што не е можно ни во Србија. Тоа значи дека ниту во Србија владиката од Срем не може без дозвола на надлежниот митрополит да венчава во Шумадија. Истото канонско правило важи и за поглаварите на МПЦ и на СПЦ, кои за држење служби се договараат со надлежните митрополити на епархиите. Токму затоа држењето на проповедите не треба да се злоупотребува за нарушување на меѓуцрковните и меѓуетничките односи.
Господине Грозданов, како прв човек на МАНУ, сметате ли дека "случајот Вранишковскиии може да ги влоши односите со САНУ?
- Односите меѓу МАНУ и САНУ се извонредно плодни, содржински богати и со нови визии за иднината. На научно ниво досега немаме никакви недоразбирања и успешно реализираме заеднички проекти.
Со жалење ја примаме новата состојба на влошување на односите меѓу МПЦ и СПЦ, која може да влијае и врз вкупните меѓусебни односи на Македонија и Србија.