Министерот Поповски и премиеровиот советник Јаневски, во нова пресметка. Овој пат преку грбот на кавадаречките лозари. Само еден месец пред стартот на откупот на грозјето, Поповски му прати порака на Јаневски.
Преку изјава го потсети дека „Тиквеш“ на државата и должи близу 9 милиони евра - пари што Јаневски не сака да ги плати. Бара попуст, што долгот од 9 ќе го сведе само на 2 милиони евра.
Во паника дека ќе се случи минатогодишното сценарио, кога Поповски ја блокираше сметката на кавадаречката визба за време на откупот, Јаневски овој пат смислено го подготви теренот за последиците.
Пред да му се повтори истата минато-годишна ситуација, му пишал на кавадаречкиот градоначалник. Ова е писмото со кое го предупредува, дека откупот може да се проблематизира поради милионските долгови што ги има винарската визба. Јаневски се жали дека „Тиквеш“ должи цели 20 милиони евра, меѓу нив и 9-те кон државата.
Винарската визба повеќе едноставно нема капацитет да обезбедува и решавање на социјалните моменти, стои во писмото. Извори од врвот на „Тиквеш“ потврдуваат дека ситуацијата врие. Се додека Поповски се заканува со блокади на сметката на „Тиквеш“, нема да биде исплатен ниту денар за грозјето на лозарите, возвраќаат од врвот на компанијата.
Тоа ќе значи дека нема да има ниту откуп ниту пари за лозарите. Новата септемвриска пресметка меѓу Поповски и Свето „Пивара“ е продолжение на препукувањата меѓу Министерот и советникот, што ескалираа по обелоденувањето на даночната пирамида.
Поповски кажа дека криминалот е организиран од бизнис олигархијата. Многумина сметаа дека типува токму на Јаневски. Во негова одбра застана Премиерот.
Со актуелниот судир, политичката пресметка сега ќе се крши на грбот на земјоделците од Тиквешијата.