Многумина од оние кои површно го следат нашиот фудбал се прашуваат од каде па сега тој Бобан Јанчевски "излезе". Од каде па тој Јанкер така лесно ги решета противничките мрежи. Кој е тој човек кој во црно ги завива голманите на Работнички К, Македонија ЃП и Победа оваа пролет? Кој е тој напаѓач кој е во фокусот на вниманието на нашата фудбалска јавност, се разбира со неговата Ренова која "дрма" во првенството и победува с$ по ред не признавајќи фаворити? А во таквата Ренова токму Јанчевски е централната фигура.
Е тој центарфор фудбалски потекнува од Тетово, инаку е роден во Виена (Австрија) пред 29 години, значи има и тоа какво искуство. Тој е човекот кој пред неколку сезони со Локо Пловдив беше шампион во Бугарија, беше и најдобар стрелец странец во тамошниот шампиоант. Во натпреварите во Купот на УЕФА беше стрелец на натпреварот Болтон - Локо за водство на бугарската екипа. Оваа сезона Јанчевски е најдобриот стрелец со досега постигнати 25 голови. И замислете, таков расен и класа напаѓач никогаш не добил адекватна шанса да заигра во некој наш поголем клуб, а за репрезентацијата и да не говориме. Па со право се прашуваме што уште треба да направи Јанкер да добие адекватна шанса во мак - фудбалот. И дали е време селекторот Среќко Катанец да го повика макар на поширокиот список?
"Искрено и јас се прашувам што навистина треба да постигнам, да направам. Уште колку голови треба да постигнам. Видете, не е моја одлика преку весници да се препорачувам, но мислам дека оваа сезона навистина ја играм во голем стил. Затоа веројатно и заслужувам повик во репрезентацијата. А за тоа зошто не сум играл во некој наш поголем клуб (н.з играл за Тетекс, Македонија ЃП, Тиквеш, Башкими и Локо Пловдив - Бугарија) мислам дека е тоа сплет на околности. Но, не се жалам. Сега играм во Ренова, во клуб кој е еден од нашите најдобри и најголеми клубови со големи амбиции. Штета што есеноска Ренова не освои неколку бодови повеќе па сега да се бориме за титулата. Навистина ќе беше многу поинтересно. Особено по нашите успеси во натпреварите против Победа, Вардар, Македонија ЃП и Работнички К. Во серија освоивме од можни 12, десет бода", вели Јанчевски.
На тие средби Јанчевски постигна пет гола. На Победа & "стегна" хет - трик, додека со "лавовите" и "романтичарите" на ефектен начин ги матираше голманите на овие клубови.
"Не сум само јас заслужен за головите. Тука се Беќири, Крстев, Исени, потоа Мемеди, Емини, Османи и сите останати кои се мои соиграчи. Имаме прекрасна атмосфера, одличен тренер, раководство како што може да се посака и секако да не ги заборавам нашите најверни навивачи 'гипсари'. Нивниот број од натпревар во натпревар е с$ поголем и од нив имаме голема поддршка на секоја средба. Задоволство е да се игра во таква средина. Ако успееме да го задржиме ова ниво на успеси, ако се засилиме со 2-3 играчи тогаш во наредната сезона ќе атакуваме и на самиот врв на табелата", посочува напаѓачот кој е во центарот на вниманието во нашата фудбалска јавност. Напаѓачот кој е страв и трепет за голманите, за противничките одбрани. Напаѓачот кој е кошмар за тренерите.
"Само си ја работам својата работа најдобро што знам. А не ми е лесно. Особено кога Ренова игра во тие дерби натпревари. Во нашата Прва лига има одлични дефанзивци како што се на пример Јовановски и Вајс (Работнички К), Деспотовски (Македонија ЃП), а морам да го посочам и мојот соиграч Игњатовски. Тоа се најдобрите дефанзивци во шампионатот и навистина е тешко да ги надмудриш".
И на крај на прашањето дали има амбици повторно да се "проба" надвор од нашите граници низ насмевка потенцираше дека сега во преден план му е Ренова. А ако стигне нешто тогаш "газда" Кенан Идризи ќе го има последниот збор. Барем толку му должи на првиот човек на Ренова.
З. Ѓоршоски
Заковски прв ме нарече Јанкер
Јанчевски е попознат по надимакот Јанкер, по германскиот робусен напаѓач Карстен Јанкер.
"Убаво се сеќавам пред десет години кога играв во Тетекс, мојот тренер Стеве Заковски по еден мој гол извика 'Еј, гледајте како малиот дава голови, исти Јанкер' и од тогаш во нашата фудбалска јавност ме препознаваат по тој надимак. Немам ништо против така да ме нарекуваат".
Да заокружам на 30 голови
Досега Јанкер на четири кола до крајот има постигнато 25 голови (н.з тука се сметаат и есенските голови во дресот на Башкими). Има убава можност до крајот, а неговата екипа игра со Башкими, Шкендија 79, Силекс и Влазрими таа бројка да ја зголеми.
"Досега 25 пати се радував на тресење на противничките мрежи. Ако ме послужи здравјето, ако успеам да ја задржам добрата голгетерска форма тогаш се надевам дека ќе стигнам до бројката 30. Убаво ќе биде оваа извонредна сезона за мене да ја заокружам со бројката од 30 постигнати голови".
Имаме поддршка од "газдата" Идризи
"ФК Ренова е еден од помладите клубови во нашата земја. За неполни 4-5 години од најнизок ранг дојде до врвот на мак - фудбалот. За тоа покрај играчите и тренерите секако дека е најзаслужен и претседателот и спонзор г. Кенан Идризи. Човекот работи професионално. Нема доцнење со исплатата на финансиите, се обидува во секој случај да ни овозможи адекватни услови за работа и напредок во нашите кариери. Ретки се таквите претседатели на клубови во Македонија, а ретки се и таквите клубови како што е Ренова. Еве пред некој ден Идризи дојде на тренинг и ни даваше поддршка, ни честиташе за последните успеси. И покрај ремито со Работнички К тој н$ пофали истакнувајќи дека тој е презадоволен од нашиот настап. Исто како да сме победиле".
Што гледаа зимоска Ѓоре, Цапар и Радмило!?
Јанкер минатата зима си замина од Башкими и имаше неколку неуспешни обиди да пронајде трансфер надвор од Македонија. Интересно е тоа што и тогаш беше водечки стрелец во Првата лига, но уште поинтересно е што од Башкими не се пресели во некој наш поголем клуб кој има амбиции за титулата. Но тренерите Ѓоре Јовановски (Работнички К), Драган Канатларовски (Вардар) и Радмило Иванчевиќ (Македонија ЃП) не пројавија којзнае каква желба да го ангажираат во своите редови. Јавно прашуваме што ли голедаа тогаш тренерите на водечките клубови кога доволија Јанчевски да замине во Ренова.
ВЛАТКО КОСТОВ:
Класа напаѓач
Влатко Костов, тренерот на Ренова, има свое мислење за квалитетите на Бобан Јанчевски.
"Во секој случај Јанчевски е класа напаѓач, секако дека најдобриот во лигата. Да се постигнат толку голови не е мала работа. Секако дека заслужува да се најде барем на поширокиот список на селекторот Среќко Катанец. Покрај него тука се и Мемеди и Емини. Но да се вратиме на Јанкер. Кога тој дојде во Ренова физички не беше подготвен. Но со одлична работа во текот на зимските подготовки работите си дојдоа на своето место. На стартот на пролетниот дел имаше мала повреда, но затоа кога 'влезе' во форма во целост го искажа својот квалитет. Покрај головите морам да кажам дека Јанкер е голем мотиватор во екипата. Максимално се дава себеси на секој тренинг, на секој меч. Воопшто не е себичен како и повеќето останати центарфори. Него го краси и тоа што е позитивна личност. Немам повеќе зборови, мене ми е чест што во мојата екипа имам таков фудбалер и пред с$ таква личност".