Грчките власти имаат црна листа на Македонци
Грчките власти имаат национален регистар, или црна листа на Македонци, граѓани на Република Македонија, на Австралија, на Чешка или на Канада на кои им е забранет влезот во Грција, без никакво образложение.
Грција за својата црна листа не сака ништо да каже. За лицата на грчката црна листа не постојат информации дека се терористи или, пак, дека претставуваат закана за државата.
Апсурдот на овој список е во тоа што овие лица, главно Македонци, можат да ја преминат границата преку другите соседни држави на Грција, но тоа не можат да го направат само преку границата со Македонија, односно на премините кај Меџитлија, Богородица и кај Дојран.
Доне Раковски по потекло од Лерин од селото Клабушница, Грција, подоцна преименувано во Полиплатанос, на 3-ти овој месец бил вратен од граничниот премин Меџитлија кај Битола. Во документот што тој го добил освен информацијата дека неговиот влез е забранет не добил никакво друго објаснување. Бил советуван само да се обрати до чешките надлежни органи чии државјанин е. Раковски вели дека тука не застанува и дека ќе ги употреби сите правни можности кои му се нудат за да го олесни својот влез во Грција и да го посети своето родно место.
Од политичката партија на Македонците во Грција „Виножито“ велат дека случајот на Раковски е уште пример за очигледна дискриминација на Република Грција против Македонците.
“Оваа листа содржи имиња на многу македонски политички бегалци од граѓанската војна во Грција кои и по 60 години од нејзиното завршување не можат да ги посетат своите роднини“, се вели во реакцијата од „Виножито“.
Според нив на листата се наоѓаат Македонците од Австралија, Канада, САД, како и од Македонија. За нив е изненадувачко што целата оваа ситуација трае и до ден денес кога Грција е членка на ЕУ и најавуваат дека токму овде ќе го изнесат случајот Раковски. Димитри Панајотис, првиот човек на Грчкиот хелсиншки монитор, вели дека со овој гест Грција ги крши европските стандарди.
„Не може на една личност да и биде забранет влезот на еден граничен премин, а на друг да може слободно да помине. Тоа едноставно се коси со основниот принцип на Европа за слобода на движењето“, вели Панајотис.
Според него, ЕУ треба да реагира на ваквите испади на Грција.