Јас не можам да ја разберам целта на лустрацијата и кој се се лустрира. Сите кои се прогласени за кодоши работеле за тогашниот систем, без разлика дали од патриотски побуди или биле финансиски мотивирани. Помагале во јакнење на безбедноста на државата. Сега се црнат како државни непријатели... Не можам да ја најдам логиката.
Го прочитав досието на Угриновски. Човекот бил студент на Архитектонски факултет и повремено ги известувал тајните служби за активностите на палестиските студенти се со цел да се спречи појава на струи на либерализам и иницијативи за самоуправување или не знам што се уште... Што згрешил? Што соработувал во спречување на евентуален државен удар (најстрашно сценарио)?
Може грешам, ама според мене ова се глупости. Кога ќе се смени некогаш државното уредување, треба ли сегашните соработници да се прогласат за кодоши?
Еве, ако некој е поупатен, нека објасни која е потребата од лустрирање на луѓе кои соработувале со тајните служби?
Потребата од лустрација беше повеќекратна. Друго е како и дали ќе функционира, дали ќе се злоупотреби или не, тоа настрана. Јас сметам дека сега е доцна за тоа.
Дел од лицата кои кодошеле и известувале во минатиот систем, наводно од идеолошки причини, денес глумат дека се најголеми демократи, борци за човечки права, за плурализам и сл. Некои од тие кодоши си изградија кариери уништувајќи животи на луѓе на кои им се претставувале како пријатели и истомисленици. Многу од нив биле подготвени за да испаднат поспособни и да се истакнат, да ги зачинат информациите што ги даваат, да подизмислат нешто. Значаен дел од нив кодошел за подобро работно место, за пари, стан или едноставно од навика. Не биле сите со петокраката на чело. И не сите што настадале биле „закоравени националисти“ со калашникови во подрум и карта на обединета Македонија на таван. Најчесто биле обични луѓе, кои си ја сакале сопствената република повеќе од тогашната федерација и биле доволно непромислени пред некого да го признаат тоа. Понекогаш една изјава, коментар во погрешно време и на погрешно место биле доволни за да биде некој жигосан (националист-терорист со по 5 бомби кашикари во секој џеб) и да го јаде стапот, независно колку од денешна гледна точка тоа изгледа бесмислено.
Има една интересна книга на Јасна Котеска, со наслов
Комунистичка интима која нуди поширок увид во тоа што се случувало на дел од македонската кодошка сцена, за тоа како си поминал нејзиниот татко, поетот Јован Котески. Јас на пример, баш би сакал да ги знам имињата на тие почитувани, ценети интелектуалци, на таа македонска кодошка елита, која е способна да си игра со судбината на еден (навистина) невин човек. Арно ама, тие се навреме затемнети во досиејата, за да не им се помати угледот стекнуван со децении. Ќе страдаат само ситните риби и оние што му се замериле на некој поголем батка.
Сметам дека треба народот да знае за минатото на јавниот службеник, политичар и сл. Оти тој непосредно ги троши и располага со народните пари.
Од друга страна имало и такви кои кодошеле под принуда, биле уценети, исплашени (закана со отказ на работно место, со случајна несреќа на некој член од нивното семејство и сл.). Тоа тешко дека ќе го има во досиејата, уште потешко дека ќе го има името на државниот службеник што го обработувал идниот кодош. Се рабира имало и искрени лица, кои мислеле дека со известувањето на службите за државна безбедност станале подобри луѓе.
Како што реков на почетокот, мислам дека е касно за лустрирање сега. 1991 година или година-две потоа ќе беше идеално. Тогаш многумина од големите кодоши со невина крв под ноктите (и симболички и буквално) биле се` уште живи. Имено, по ослободувањето, односно по резолуцијата на Инфромбирото (1948), многу лични, семејни, имотни спорови и кавги биле решавани со тоа што едната страна (во случајот поблиска со партијата) ќе ја посочи другата како соработник со окупаторот, или пак дека е приврзаник на Сталиновиот режим (што во многу случаи не било точно), па по кратка постапка, не секогаш на суд, проблемот бил решаван со куршум в чело, со долгогодишен престој во Идризово, или на Голи Оток. Подоцна ваквите радикални мерки изостанале, но кодошлакот продолжил да цвета како одлично платен занает.
Секако дека имињата на оние кои кодошеле во сообразност со горенаведените примери, со клеветење, заради стекнување материјална корист и заради напредување во кариерата, треба да ни бидат познати. Да ги видиме што сурати се, или што е ,за жал, многу поверојатно,биле.