Милионери во илегала
Дали државата форсира тајност на имињата на најбогатите, со оглед на тоа дека тие се најчесто големи финансиери на политиката на одредена влада?
Александрија Стевковска
Колку милионери има Македонија и колку тие тежат, е вистинска загатка за македонската јавност. Љубопитноста ја подгрева и прашањето како во време на немаштија во нашето соседство има многу луѓе што поседуваат палати, водат успешен бизнис, возат исклучително скапи автомобили. Токму тие нерасчистени дилеми се честа тема на седенките.
Луѓето соочени со безизлезноста и бесперспективноста на сопственото живеење, долгите вечери ги пополнуваат во муабетење кој и како се збогатил. Дали тоа било за време на транзицијата или, пак, станува збор за новопечени богаташи, кои имотот го стекнале во поново време. Со оглед на тоа дека денеска е тешко да се стекне богатство по легален пат, освен на лото, се оди дотаму што истите тие луѓе се обвинувани дека дошле до богатство по нелегален пат.
Ваквите информации или дезинформации најмногу доаѓаат до израз кога други земји објавуваат свои листи на домашни богаташи, како што тоа беше направено деновиве во Србија, или кога „Форбс“ ќе ги обелодени имињата на најбогатите во светот, а кај нас таквите листи се вистинска табу-тема. Токму затоа е многу тешко да се дојде до податоци кој од нашите познати имиња колку имот поседува. Зад параванот, пак, на нивната бизнис-експонираност, воопшто не се спомнува дека има многу богати луѓе од нашето маало, кои живеат во сенка и нивните имиња јавноста воопшто и не ги знае, а тие прават големи финансиски обрти. Овде се наметнува прашањето дали државата форсира тајност на имињата на најбогатите, со оглед на тоа дека тие се најчесто најголеми финансиери на политиката на одредена влада. Токму затоа се претпоставува дека кај нас се' уште никој не направил валидна листа на најбогатите Македонци. Тие и нивните богатства се кријат како змија нозете, па се останува во доменот на чаршиски муабети.
Еден од начините да се дознае колку нули вреди богатството на нашите милионери е преку Централниот депозитар за хартии и пресметка на акциите што тие ги поседуваат во фирмите кои котираат на Македонската берза на хартии од вредност, бидејќи за да имаш големо легално богатство, вообичаено е тоа да се прикаже преку големи фирми што се играчи на берзата.
Сепак, во овие податоци не се вбројуваат можеби најголемите македонски милионери, иако тие често се спомнувани меѓу луѓето, во контекст колку тежат и каде ги чуваат парите. Тука се спомнуваат имињата на Минчо Јорданов, Ристо Гуштеров, Зоран Зелениковски, како и скопскиот ексградоначалник Трифун Костовски, чие богатство, пак е во опаѓање. Тука е и Шефки Идризи од „Ренова“, кој, заедно со брат му Ќенан, ја издигна фирмата на највисоко рамниште. Во оваа група богати моќници не може да не се спомнат и Владимир Тодоровиќ, кој направи вистинска империја од синџирот маркети „Тинекс“, како и Штерјо Наков. Некаде на врвот се наоѓа и Орце Камчев, кој со текстилот и со здравствените услуги што ги нуди на граѓаните, стана вистински милионер.
Најбогатите Македонци најчесто одбиваат да зборуваат за своите милиони. Тие не сакаат јавно да ги обелоденуваат своите заработувачки, за разлика од светските милионери, кои се тркаат да излезат на ранг-листите на „Форбс“. Сопствениците на акционерски пакети, пак, во македонските фирми воопшто не сакаат да се тркаат со милионите.
Газдите чии акции и богатство очигледно се преку легални канали се оние инвеститори што поседуваат над пет отсто од акциите во котираните компании во Централниот депозитар. Кога овие податоци ќе се вкрстат со оние од Македонска берза, за тоа колку котираните компании имаат издадено вкупно акции во фирмата и колку вредат, може да се дојде до некои информации за бројот на акциите и за нивната вредност на најголемите газди на домашните компании. Поединечни акционери на македонските топ-компании на свое име не поседуваат повеќе од 20 отсто од вкупниот број акции, освен во некои случаи, како што е, на пример, Љубисав Иванов-Ѕинго, кој поседува 54,26 отсто од обичните акции во „Силекс“, но оваа компанија не котира на берзата, па нема обврска да објавува податоци за тоа колку вкупно обични акции има издадено фирмата.
Како еден од поголемите сопственици во „Бетон“ фигурира фирмата „Репро уан лимитед“, со 23,22 отсто од акциите. Се претпоставува дека сопственик на оваа фирма е бизнисменот Минчо Јорданов, а таа се јавува и како сопственик на 74,97 отсто од акциите и на фирмата РЖ „Институт“. На свое лично име Јорданов има акции во РЖ „Интертраншпед“ каде што поседува 21,1 отсто од акциите. Во оваа фирма акциите на Јорданов вредат околу 300 илјади евра, додека вредноста на акциите на фирмата „Репро уан лимитед“ во РЖ „Институт“ е еден милион евра, а во „Бетон“ изнесува три милиони евра. Значи, богатството на Јорданов најмалку тежи меѓу четири и пет милиони евра, при што во него не се вклучени бројките за неколку други бизниси на овој успешен инвеститор. На ова богатство треба да се додаде и новоотворената винарска визба „Стоби“, инвестиција тешка 15 милиони евра, а тука се и површините под земјоделски култури и лозови насади, комбинатите „Вардар“ - Градско и „Црвени брегови“.
Во „Гранит“, исто така, водечка градежна компанија кај нас, Страшо Милковски располага со 15,91 отсто од обичните акции. Вредноста на акциите на Милковски е 6,6 милиони евра. Најголемиот акционер во нашиот фармацевтски гигант „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на свое име поседува 6,29 отсто од вкупно издадените акции на компанијата, кои моментно вредат 8,3 милиони евра. Во „Реплек“ најголем акционер е компанијата „Хенделс“, со 20,2 отсто, но веднаш потоа следуваат Славица Туџарова-Трајковска со 11,57 отсто од акциите и Иван Туџаров со 11,06 отсто. Компанијата „Реплек“ поседува 9,95 отсто од акциите. Вредноста на акциите на „Хенделс“, според просечната цена, е 3,7 милиони евра, а акциите на Туџарови вредат по околу два милиона евра.
Во компанијата „Фершпед“, на пример, доминантни акционери од минатата година се синовите на бизнисменот Штерјо Наков. Драган Наков поседува 11,83 отсто од обичните акции на „Фершпед“, а нивната вредност, според сегашната просечна цена на акциите, изнесува 3,2 милиона евра. И неговиот брат Сашо Наков поседува 11,04 отсто од обичните акции на „Фершпед“ или малку над три милиони евра. Акционерскиот капитал на Кираца Трајковска, втор човек во компанијата, тежи 10,63 отсто или 2,8 милиони евра.
Во „Скопски пазар“ фамилијата Давитковски поседува 25,76 отсто од акциите на компанијата, вредни околу четири милиони евра.
извор