Москва, 2 јули (МИА) - Поранешниот руски премиер и министер за надворешни работи Евгениј Примаков во авторски текст објавен во неделникот „Московские Новости” предлага поделба на Косово, доколку косовските Албанци и Србите не успеат да постигнат компромис околку статусот на покраината.
На Србија треба да и бидат дадени деловите од Косово во кој живеат Срби, како и областите во кои се наоѓаат познатите цркви, наведува Примаков во текстот под наслов „Излез од косовскиот лавиринт”, додавајќи дека за поделбата согласност треба да дадат и Србите и Албанците.
- Ако Американците престанат да го поттикнуваат албанскиот сепаратизам, раководството во Приштина ќе го прифати решението за поделба на Косово. Верувам дека и Белград ќе се согласи со таквото решение, бидејќи прогласувањето независност на Косово е уште поголемо зло, оценува Примаков.