Ф
Со спектакуларната церемонија што се одржа на покриениот стадион „Бритиш Колумбија“ во Ванкувер беа затворени 21-те Зимски олимписки игри. Најтажните Игри во историјата на олимпизмот ќе бидат запаметени по трагичната смрт на грузискиот санкач Нодар Кумариташвили, еден ден пред официјалното отворање. Отворени во црнина, Игрите беа затворени со фасцинантно шоу пред 60.000 гледачи на кое учествуваа 2.400 изведувачи и бројни канадски естрадни ѕвезди. Домаќинот беше и најуспешен на Игрите со 14 златни медали.
- Дојде време да се збогуваме, да ви се заблагодариме и за момент да ја споредиме минатата Канада со оваа сега, која сите вие многу повеќе ја познавате - изјави претседателот на организацискиот одбор, Џон Фурлонг.
Обраќање имаше и претседателот на ИОК, Жак Рог, кој Игрите ги оцени како одлични и многу пријателски, оддавајќи му уште еднаш последна почит на трагично загинатиот Кумариташвили и повикувајќи ги нациите на следниот собир во Сочи за четири години.
Македонската репрезентација во Ванкувер постигна резултати адекватни на можности и на финансиските вложувања во зимските спортови. Дарко Дамјановски на 15 километри крос-кантри заврши на 85-то место од 95 натпреварувачи, а Кировска трката на 10 километри ја заврши на претпоследното, 77 место.
Алпинецот Ристевски имаше малку подобар настап откако во велеслаломската трка заврши на 53-то место од вкупно 103 скијачи. Слаломската трка, каде што знаменосецот Ристевски полагаше поголеми надежи, за жал не го заврши, останувајќи без пласман.