The Element of Crime
Се мислев дали да пишувам во темата за предлози или овде. Од една страна, преку првата, повеќе луѓе би дознале за филмов. Но, од друга пак, се решив за темава бидејќи токму ваквите маестрални дела ме прават ентузијаст за филмската уметност. Уметност која не служи само за разбивање досада и јадење пуканки во друштво, туку, за нешто повозвишено, за будење чувства, пријатни и непријатни, за влез во свет кој уште од стар е нереален, но во кој има нешто опипливо и блиско, понекогаш и потресно.
Ларс Вон Триер, еден од моите омилени режисери, важи за еден од најконтроверзните филмаџии во последниве децении. И покрај големата популарност, Триер за мене е енигма и неговите филмови понекогаш се тешки за интерпретирање, најверојатно бидејќи претставуваат одраз на човекот кој ги создал. The Element of Crime, неговиот прв филм, претставува добар вовед во неговото понатамошно творење како сценарист, и визуелизација како режисер.
The Element of Crime (понатаму именуван само како Element, колку да не се утепам од притискање alt+shift) го опишува враќањето на поранешниот детектив Фишер во Европа, после 13-годишна пауза во Каиро. Тој е повикан да фати еден сериски убиец на млади девојки. Онаа Европа на која Фишер се сеќава ја нема повеќе и на нејзино место сега има нов, мрачен континент во кој владее хаос. Во потрага по вистината, Фишер бара помош од својот некогашен ментор Озборн и неговиот метод наречен Елементот на злосторство. Во овој метод Озборн го опишува злосторството како хемиска реакција која се одвива под одредени услови. Ова е тој „елемент“, средината во која лошото се раширува како зараза. Совршена дефиниција за во учебник.
Дејството е на некој начин едноставно. Она што не е едноставно е начинот на кој е раскажано, уникатната атмосфера и визуелниот впечаток. Триер смело го користи експресионистичкиот стил во сопствената верзија за пост-апокалиптичниот свет и така успева приказната да ја претвори во кошмар. Целиот филм е сниман со портокалово-жолт филтер, со повремено мешање на плавите тонови на технологијата, контраст помеѓу модерното и општеството во колапс. Со овие две нијанси, Element создава досега невиден целуиден свет. Можеби и намерно гледачот добива чувство дека се наоѓа во фотографска комора - место каде се развиваат сликите, каде матните работи стануваат јасни.
На прв поглед некој можеби ќе рече дека Element е обичен крими-филм со необична естетика и дека не може да понуди ништо друго освен чудната атмосфера. Но, ако се загребе под површината ќе се види дека токму дејството, и начинот на кој е раскажано тоа дејство е она кое филмот го прави да биде ремек-дело. Велат дека the devil is in the details, па така и овде многу работи кои навидум изгледаат рандом всушност совршено се вклопуваат во мозаикот. Како на пример, кога Фишер ја цитира The Rime of the Ancient Mariner од Колриџ. Генијално. Element изгледа необично бидејќи е полн со симболи, двосмислености, противречности и сите тие имаат своја цел. Дури и фактот што нараторот звучи ладно укажува дека истиот сака да се оддалечи од публиката со цел таа да не се поврзе емоционално со ликовите. Или пак, користењето на четирите основни елементи (вода, оган, ветер, земја) кое не' потсеќа дека елементите на злосторствата се насекаде околу нас и дека измислениот свет е инспириран од нашиот свет. Попрецизно, од моралот кој бледее во реалноста.
Друга огромна јака страна кај филмот е дијалогот, кој е доведен до ниво на перфекција. Какви цитати и дијалози можат само да се извлечат. Такви кои не важат само за некоја хипотетичка ситуација во апокалиптичниот свет. Такви кои вистината му ја плескаат во фаца на современото општество.
Иако Триер создал нешто поинакво и оригинално, јасно е дека во филмот црпи инспирации од филмските класици, Хичкок, Казабланка, делата на Агата Кристи. Бидејќи филмската уметност постојано еволуира, она кое зело инспирации враќа во иста мера, односно, инспирираното станува инспирација. Затоа не се ни зачудив кога дознав дека Element му послужил на Финчер при создавањето на Seven и Fight Club.
Во случај некој се' уште да ме чита и да се прашува: кому ти VLJ му го препорачуваш овој филм, да кажам - иако не сакам баш вака, ама ете - The Element of Crime не е за сите, пред се' бидејќи е тежок филм. Доволно зборува факот што многумина го нарекуваат европскиот одговор на Линч. Тоа е зашто дејството и стилот бараат од публиката повеќе од пасивност и лесна интерпретација. Понекогаш изгледа премногу претенциозно, а дијалозите добиваат форма на оксиморони, од типот на „the weather changes constantly, It never alters“. Веќе пишав, гледачот не треба да ги занемарува нештата на екранот, туку треба да се обиде да ја најде позадината позади нив.
Би можел да дискутирам и повеќе, но тоа би преминало веќе во спојлерисување. Ете, за крај, моето главно мислење за The Element of Crime е дека тоа претставува револуционерна филмска уметност, нешто што ретко се гледа на филмското платно. Истовремено застрашува со тоа што прави нереалното да изгледа толку реално, а оддалеченоста да изгледа толку блиска.