Ова ми стоеше на фејсбук ајде нека оди и тука, ваљда повеќе луѓе ќе го видат.
Кратка рецензија за Enter The Void
Филмов не е за секого, не е воопшто лесен. Дури и ако сте гледале трилери, драми, психолошки филмови пак ќе се почувствувате изморени и излудени после филмов. Долг е, вулгарен, навлегува во сите пори на денешното изопачено општество и смрди на трулост и грев. Ќе ви ги измеша чувствата, ќе отвори прашања, ќе ве инспирира, ќе ве остави без зборови. Го ставам во ранг со A Clockwork Orange од аспект на "скокотливоста" која ќе ја предизвика.
Искрено режисерот пред овој филм и не ми беше баш познат, читајќи рецензии на интернет сфатив дека човекот навистина има еден брилијатно изопачен ум и класа кога станува збор за режирање филмови. Брилијантноста на Кјубрик, изопаченоста на Линч, паранојата на Скорцезе, класата на Иствуд, ако успее да воспостави континуитет во снимање на филмовите може да стане уште еден во низата на споменатите великани. Не претерувам бидејќи во време кога сите се обидуваат да внесат што е можно повеќе компјутерски генерирани ефекти, маестрово со еден феноменален пристап во поглед на кинематографијата прави едно мало ремек дело и воведува еден нов стил во снимањето на филмови. Силни контрасти, невообично реалистичен кадар од прво лице, психоделични трипови зачинети со постојани премини меѓу животните портали. Можеби кинематографијата малку потсетува на онаа од 2006та Children of Man, но сепак според мене е далеку подобра и пореволуционерна. Границите на смимањето филмови се поместени, со пристапот кој го завзема Гаспар Ное, шокантен, насилен, вулгарен, луд, екстремен и провокативен. За разлика од Српски Филм, за кој слушав толку многу а го прекинав после 15 минути поради нечовечката, изопачена и дебилна суштина, немањето сценарио и поента овој го изгледав до крај и се импресионирав.
Дејствието е сместено во Токио, приказната е за младиот Оскар, кој во потрага по забава и заработка станува дилер на дрога. Постепено започнува да конзумира дрога, се додека не заврши на оние најопојните и евентуално е фатен во тесно од страна на полицијата кога треба да дила во еден клуб наречен Void. Полицијата го застрелува, ликот умира и тука започнува се. Неговиот дух го напушта неговото тело, се потсеќа на целиот негов живот, на неговата сестра, на неговите родители, на сообраќајката, на тоа како стигна до Токио, на дрогата. Филмот отвара прашања поврзани со Будизмот, задгробниот живот, реинкарнацијата, реалноста, семејството и неговата улога, инцестот и Едиповиот комплекс, психоделичните трипови, психотропните супстанции. Брилијантно е претставено она out of body искуство, главниот карактер додека е жив е претставен со кадар од прво лице со повремени кратки прекини за да се симулира трепкањето, говорот и движењата на истиот е феноменално симулирани а и трип-визијата за психоделичниот секогаш осветлен Токио е неопислива. Се на се, филмот вреди да се погледне јас само ќе ве испровоцирам со овој краток вовед па она другото останува на вас.
http://www.imdb.com/title/tt1191111/
Истотака скоро гледани не толку популарни а ми оставија впечаток, Timecrimes, The Aura и Pi. Особено последниот, не знам како толку време не сум наишол на филмскава класика. Перфекција, можеби и најдоброто од Аронофски.