Папатемелис се трка за Европарламентот за да го „заштити“ името
Над половина Грци
биле за формирањето на новата грчка националистичка партија во Грција чија основна цел е да ја блокира нашата држава во ЕУ и да го „заштити“ името Македонија како „грчко“, покажувале тамошните предизборни анкети. Ова го тврди Ставрос Виталис, еден од кандидатите на партијата Сегрчки македонски фронт на претстојните избори за Европскиот парламент. Прв на изборната листа на партијата што на изборите во јуни ќе тргне во битка по гласови со поддршката од грчката дијаспора е Стелјос
Папатемелис, бивш министер на Северна Грција, кој важи за жесток националист.
На иницијатива на Папатемелис во 1988 година, Министерството на Северна Грција е преименувано во Министерство на Македонија, а солунскиот аеродром го доби името „Македонија“.
- Целта ни е да освоиме барем еден пратеник кој во Европскиот парламент ќе го внесе и на тој начин ќе го заклучи името „Македонија“ како грчко и истовремено ќе му ја отежне можноста на Скопје да го користи сонцето со 16 краци кое е наш партиски симбол - вели Виталис.
Тој тврди дека партијата ужива најголема поддршка во Северна Грција каде настојуваат да и се спротивстават на партијата на Македонците „Виножито“, кои пак објаснуваат дека партијата на Папатемелис има мал рејтинг во Грција.
- Станува збор за националистичка партија која има само 0,02 отсто рејтинг во Грција. Ако тие успеат да освојат еден пратеник што е невозможно, тогаш ние ќе треба да освоиме три до четири европратеници - велат од „Виножито“.
Виталис објаснува дека дури и во партиската програма отворено ја имаат зацртано основната цел - да и се спротивстават на нашата држава на актуелната власт во земјава.
- Преку нашата програма се обидуваме да ја укажеме историската вистина дека во соседната земја живеат Словени и Албанци, а не Македонци - вели Виталис.
Сегрчкиот македонски фронт планира да ги покани европратениците да дојдат во Грција со намера, како што велат, на самото место да се уверат дека „античката историја е само грчка“.
http://novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=2&fCat=1&EditionID=403&top=1&ArticleID=25425