ВИЗАНТОЛОГОТ АЛЕКСАНДАР АТАНАСОВСКИ КОНТРА БУГАРСКИТЕ ТЕЗИ
САМУИЛ НЕ Е БУГАРСКИ ЦАР, ТОЈ СЕ ОТЦЕПИЛ ОД БУГАРСКАТА ДРЖАВА!
Самуил со востание се одметнал од бугарската држава, направил престолнина и патријаршија во Преспа, каде што се наоѓа и неговиот гроб. Самуиловото Царство не било бугарско! Вистината е дека Самуил со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон организирале апостасија, односно востание со отцепување од бугарската држава. Историските извори се сосема јасни и недвосмислени. Тоа што некои бугарски историчари во поново време ги оспоруваат податоците е чисто политичка игра да се покаже наводен бугарски карактер на оваа држава, што не е точно.
Ова го истакна д-р Александар Атанасовски, професор по византологија на Kатедрата по историја на Филозофскиот факултет на УKИМ во Скопје. Тој говорејќи на научниот собир „1.000 години од смртта на цар Самуил“ што деновиве го организира општина Ресен, понуди интересни податоци за појавата и смртта на средновековниот владетел повикувајќи се на валидни историски документи.
Атанасовски врз основа на хрониката од византискиот хроничар Јован Скилица, како година кога било формирано Самуиловото Царство ја посочува 969. Тоа е периодот по обновувањето на мирот меѓу Византија и Бугарија (968) и по смртта на бугарскиот цар Петар на 30 јануари 969 година. При тоа нагласува, иако одредени бугарски историчари се обидуваат востанието да ја датираат порано со цел да се затскрие отцепувањето на комитопулитите (младите кнезови Самуил, Арон, Давид и Мојсеј) од бугарската држава, тоа не е точно.
Центарот на востанието бил во Преспа
- Бугарската држава по смртта на Петар останала без цар, а неговите синови биле заложници во Цариград. Токму таквата состојба ја искористиле комитопулите и организирале востание, односно апостасија. Апостасија буквално е отстапништво, односно одметништво. И Скилица забележува дели дека „ја вознемирувале државата на Бугарите“. По овие настани, Петровите синови биле испратени во Бугарија да го зачуваат татковото царство и да ги спречат комитопулите „да напредуваат“ - потенцира Атанасовски.
Востанието било кренато во југозападна Македонија од каде што се проширило и во другите македонски области. Центарот на востанието, според овој историчар, бил токму во преспанскиот регион. Kомитопулите имале успех и по отфрлањето на бугарската власт на ослободената територија создале нова држава на Балканот, позната како Самуилова, по основачот на царската династија.
- Одметнувањето на Самуил и браќата од бугарската власт порано го признале некои бугарски историчари, како Васил Златарски, иако денешните зборуваат нешто друго - додава Атанасовски.
Тој објаснува дека Самиуловата држава не настанува како резултат на отцепување од византиската власт, туку од бугарската држава. Новата државна ја признала византиската власт, но задржала широка автономија на управување.
- Немало формирана византиска воено-адаминистративна управа во областите западно од градот Сердика, денешна Софија, најголемиот дел на територијата на Македонија, почнувајќи од Скопска Црна Гора на север, на југоисток до средниот тек на реката Струма, на југ до малите теми Драговитија, Бер и Едеса, потоа до темата Хелада со центар Лариса и на запад до областите Драч - вели професорот.
Византиска управа немало во градовите Kостур, Битола, Охрид, Дебар, Прилеп, Скопје, Велес, Штип, Струмица, односно во јадрото на Самуиловата држава.
Гробот и патријаршијата се на Свети Ахил во Преспа
Kако центар на Самуиловото Царство се посочува преспанскиот регион, поточно островот Свети Ахил, кој денес е на грчка територија. Таму царот во 985 година од Лариса ги пренел и моштите на светецот Ахил, учесник на првиот Вселенски собор во Никеја 325 година.
-Тука, на островот во Преспа, каде што бил неговиот дворец изградил достојно место за светецот, тоа било и седиште на Преспанската патријаршија што нашите историчари не сакаат да признат, мислат дека патријархот бил во Охрид. Таков податок нема - тврди Атанасовски.
Овој историчар кој важи за еден од најсолидните познавачи на историјата на средниот век, тврди дека и гробот на цар Самуил се наоѓа на островот Свети Ахил во Преспа. Со ова побива некои од досегашните историски претпоставки дека тој бил закопан во Прилеп. Постојат податоци дека по катастрофалниот пораз во битката на Беласица на 29 јули 1014 година, неговиот син Гаврило Радомир го спасил. Го качил на коњ и го однел на тврдината наречена Прилеп. Но, за Атанасовски тоа не значи и дека починал таму.
- Сметам дека тука е направен еден превид и треба да му веруваме на податоците на Михаил Атаљат, кој кажува дека Самуил умрел на мочурливиот остров во Преспа. И во археолошките ископувања се смета дека таму е откриен гробот на Самуил. Тој ја изградил црквата, нормално е таму да бил погребан. Археолозите тврдат дека има остатоци од повеќе цркви од кои едната била и патријаршиска, верувам дека тука е закопан. Јас стојам на тоа нека повели некој ако има контра аргументи да ме побие- цврст е во ставот професорот.
Законите од времето на Самуил основа на современото граѓанско право
Во јавноста малку е познато дека постоеле закони за епархот, за градоначалникот и за тоа како се уредуваат градоначалничките функции и граѓанското право во средновековната македонска држава, вели д-р Сашо Дуковски, професор на Правниот факултет во Kичево.
- Станува збор за корпус закони донесени во времето на Јустинијановата кодификација и потоа преправени со Василиките. Едноставно, во времето на Самуиловата држава се користи византиското право кое денес е основа на современото граѓанско право - вели Дуковски.
Василиј ги ослепел војниците како одмазда за убиениот војсководец
Постојат недоречености и за тоа кога биле ослепени Самуиловите војници, колку време доаѓале до местото каде што по битката бил сместен Самуил и кој е датумот на царевата смрт.
Трагичната слика за умирањето на Самуил многу сликовито во своите записи ја има опишано хроничарот Скилица. Тој запишал дека византискиот император Василиј наредил на заробените војници да им се извадат очите, а на секој стоти да му се остави по едно за да ги води до Самуил. Царот, не можејќи да ја поднесе храбро и мирно глетката, паднал на земја во несвест. Наскоро присутните го повратиле со вода и мириси и малку закрепнал. Побарал една голтка вода и штом ја испил доби срцев удар и по два дена умрел.
За Атанасовски неприфатливо е царот да починал некој ден по катастрофалниот пораз од византиската војска во битката на Беласица на 29 јули 1014 година. Вели дека византискиот император Василиј веднаш не ги ослепил заробените Самуилови војници, а и тие не можеле за кусо време да пристигнат од Струмичко до Преспа. Затоа постојат претпоставки дека починал во периодот од 14 септември до 6 октомври. Тоа значи дека во овој период од 2014 година точно се навршува еден милениум од смртта на средовековниот цар Самуил.
- Василиј, откако ги заробил, извесно време се задржал околу опсадата на неколку тврдини. Во меѓувреме го испратил својот војсководец Теофилакт Вотаниат да му го исчисти патот до Солун. На враќање тој паднал во заседа од синот на Самуил, Гаврило Радомир, кој лично го убил со своето копје. Василиј ги ослепил војниците како освета заради загинувањето на неговиот војсководец - додава историчарот.
*извор:
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=A4218FE77E40AE42ADDE04B8B5716121