Од заседа на патот од караулата Кодра Фура кон Брест, вака е пукано на тројцата полицајци кои околу 13 часот поминувале кај местото Друм, во патрола на северната граница кон Косово. Непозната група со автомати стрелала кон полицајците, џипот се превртел во ендек.
24-годишниот Игор Драганов од Скопје починал на пат кон болницата, имал тешки повреди од превртувањето на џипот.
Тешко е повреден неговиот 34-годишен колега Трајче Ристевски, состојбата му е критична поради набиениците од превртувањето на возилото, а прострелни рани има Синани.
Кој пукал во нив? Полицијата за сега нема одговор.
„Засега немаме сознание за идентитетот на учесниците во групата, ниту пак за нивниот број и не можеме да потврдиме дали се работи за лица кои влегле од Косово, иако постојат одредени сомневање дека е можно да се работи за група која влегла од Косово, но засега не можеме да ги потврдиме тие сознанија, бидејќи немаме такви информации во моментов“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.
Од Танушевци или Косово? Според извори на А1 од МВР, не е исклучено групата нелегално да е уфрлена, од Косово или областа Прешево, но потврда за тоа нема од Косовската полиција.
„Имаме патроли во тој дел зашто тука е границата со Македонија. Испративме гранични патроли на КФОР и ја обезбедуваме нашата страна од границата. Но, во моментов немаме вести ниту информации за осомничените и во нашиот дел од границата е мирно и тивко. Не можам да кажам или коментирам ништо за луѓето за кои велите дека дошле од Косово, односно Прешево“, рече Ветон Елшани, портпарол на Косовската полиција.
Први на помош на нападнатите полицајци дошле нивните колеги од караулата Кодра Фура. Со санитетско возило и хеликоптери ги пренеле на Клиниката во Скопје.
Областа ја пребаруваат специјалци и Граничната полиција, но засега освен траги од пукањето и џипот кој останал во долот длабок 50-тина метри, не е пронајден ниту еден од напаѓачите.
„На местото на настанот не е затекнат никој. Специјални полициски сили вршат засилени безбедносни проверки и мерки во делот на границата кон Косово, во реонот на караулата Кодра Фура за евентуално пронаоѓање на лицата кои учествувале во нападот“, додаде Котевски.
Полицијата нема информации дали групата која го извршила нападот има поврзаност со локалното население, или криминални групи од Македонија.
Mnogu nejasni se rabotite... Presevo e vo Kosovo? dokolku ne se jasni rabotite nemozeme da obvinime nikogo samo mozeme da predpostavuvame.. normalno krivi se tie sto ja vodat drzavata...