Драгич;
Сум си вратила биоритам, мхм конечно. Си легнуваш во 8, стануваш во 5. Штета што нема сонце иначе ќе земев тренерката и на трчање.
Кафево и книгата ме чека.
Ама пред да станам, да ти раскажам случка стара два дена.
Дефинитивно работите полесно се кажуваат на странец, отколку на луѓето кои ги познаваш. Веројатно е така, бидејќи непознатите не гледаат какви сме, а не какви што сакаат да бидеме. Земи се ти за пример. Ти си виртуелен дневник кој што го читаат илајдници непознати. Луѓето ти пишуваат за да се олеснат и да бидат прочитани од народ на кој му е доволно досадно во раните утрински часови, како што на таксистот му е кога патникот се олеснува.
Пред некој ден и мене ми беше досадно. Скопско "дежа ву", поради кое заминав порано. Ги колнев штиклите, потпрена на прозорот во такси, кое што минуваше низ утробата на градов.
Окапав на нив два саати. Не е прв пат. По којзнае кој пат си ветувам дека уште утрото ќе завршат во ќесата со ѓубре. И исто толку пати не завршуваат. Знаеш зошто?
Сеуште постои опцијата фати такси и оди си дома т.е спречи ја Марија во намерата, но затоа пак помачи ја неколку саати. Како беше она, за лепота сестро се се трпи. Да скратам. Пред да почне колнењето, беше патешествието на нив во една дискотека.
Избегнувајќи ја вешто гужвата, наидов на слободен конопој со мое име на ливче. Климнав со главата преувеличувајќи ја случајноста со гестот "види-го-ти-тоа". И почна анализирањето. Фаци, фаци, фаци. Премногу за еден локал, премалку за цел град, но доволно за да најдеш расположени друштва, заљубени двојки, очајни ергени, девојки кои што трчаат по пар панталони како кучка по нужда и секако неизоставениот дел, бескрајното исмејување. Филувано со шепотење и кикотење кое знае да прерасне во кубење на коси и префрлување на вулгаризми. Типична македонска работа. Види и ги штиклите, види и ја косата, види и ја фацата. Човек не мора да е видовит за да го предвиди шепотењето. Но мора да биде, за да го избегне буткањето или навремено да застане во круг за сеир. И ден, два подоцна пишуваш вакви дешавки по форуми.
Добро, бар не сликав зa мотика.
Иронија е кога исмејуваш, а истовремено си исмеан од зад грб. После "видовитоста" или посочувањето дека си исмеан, реакцијата на луѓето е различна. Некои ќе се насмевнат, некои ќе се намуртат а некои ќе го сфатат доволно сериозно, за да се пресметаат физички. Јака причина е да слушнеш "сељанка" која што ти го исмејува новото фустанче, кое долго време си го меркала и "случајно" си го купила на првата распродажба. Причина за нечие привремено осиромашување на неколку прамени од косата. Па што се замишљава бре она. Плус, поттик се другарките, како придружба и подршка со неколкуте чаши вино за создавање акција која што ќе ја "живне" дискотеката.
Голема причина, признавам.
Но уште поголема е онаа, кога на некој му свириш за да се тргне од улица, бидејќи решил да кочи цел сообраќај со уште една кола. Разбирливо е дека не се видел со другарчето од средно, па радости, па довикувања, свирења итн. Ама патникот ти станува нервозен кога таксиметарот врти како стоперица, па стануваш и ти нервозен и упорно свириш. За после минута, две мангупот да излезе од кола и да дојде на прозор со муабет " Што кур сакаш бе ти ".
Ја навлеков најангелската од сите мои насмевки и со лежерен чекор го напуштив таксито за да избегнам ситуација како и претходната.
Влегов во друго такси со помислата дека е неверојатно колку луѓето кокодакаат. Човекот не настанал од мајмун, настанал од кокошка. Очигледно.