На колата имам некој дефект нешто, пумпата за бензин не работи како што треба и не прима добро. Едно стотина пати ме оставила колата на најразлични места, и мене и брат ми кој повеќе ја вози сега... и последно го оставила кај паркингот кај пожарна.
И ок, стои колата 2-3 дена таму, оди брат ми да проба дали ќе запали и по некое чудо запали колата, и папакот наместо да оди директно на мајстор дури работи или еве евентуално да ја остави дома па да бараме мајстори, тој отишол да уплати ливче во спорт лајф и нормално го оставила пред спортлајф на место за инвалиди. Не му текна на човекот да ми каже, ми се јавуваат ми велат си станал просечни кладионичар, 2 дена спиеш во спортлајф изгледа должиш на лихвари, не бе велам од каде ова, па колата ти е таму. Му се јавувам на брат ми, ми вели да бе заборавив да ти кажам оди шлепај ја до негде. Кај да ја шлепам сабота навечер јеботе, луѓе пијат, излезени, со женски дечковци, а јас во ниедно време со двајца мои другари ја шлепаме колата до најблискиот паркинг.
Па ретко кога се осеќам бедно, доаѓа еден џуптин, дај 10 денари. Што да ти дадам му велам, го отворам новчаникот, во него - промашен тикет, икона од Богородица, слика од мене како апсолвент, маслиново гранче кое ми го даде баба ми за здравје, картичка од Спорт лајф, искинато ланче од црква кое исто така ми го даде баба ми, за да ми се лепеле пари. Вистински ортодоксен новчаник. Немам ништо му велам џупац, освен едно делче од искинатото ланче за амајлија. И го лажам дека е за амајлија, јас на џуптин му продавам магии и амајлии, не беше бе животов за мене си мислам.
Таман си одам, џупацот вели фала Џими. Од кај ме знаеш бе. Абе те знам, брат ми еднаш ти го украде црвеното ренде кога ти ја уриваа куќата. Не бе уживај и онака не ми требаше. (немам ренде до ден денес али ајде...)
Пешачам до дома, колата не запали, а на празен новчаник фали уште да заврне дожд и некој да те прободи од позади па да искрвавиш поштено. Влегов дома, зедов да читам. Претходно сум оставил недочитана книга, намерно. Не може да се дочита книга кога е дење. Книга се завршува со читање во некој интимен чин, кога е тивко или кога сите спијат а ти си доживеал некоја слатка смрт како завршување на книга.
Ги поистоветувам ноќите со завршетоците на драги книги или речениците кои одамна престанав да ги пишувам, онаа иста слатка смрт која те тера да бидеш храбар ноќе, поради којзнае што, и истата онаа капитулација следното утро кога сфаќаш колку смешно се губи храброста што доаѓа само ноќе, најглупавата од сите храбрости.