ТАЕН ГРЧКИ ДОКУМЕНТ ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ
Кој поведе идеолошка офанзива против Македонците
Генералштабот на грчката армија побарал од Филипос Драгумис, во интерес на внатрешните и на меѓународните интереси на грчката држава, да најде име за да го прекрсти македонскиот јазик. Според дотогашните прописи, јазикот на Македонците во 1920 година се нарекуваше македонски, во 1928 година - македонско-словенски, и во 1940 година - словенски. Ова произлегува од еден историски документ, всушност доверлив Меморандум од дваесет отчукани страници од Филип Драгумис до Генералштабот на грчката војска, од 12 ноември 1948 година. Меморандумот се наоѓа во личната архива на Ф. Драгумис, во библиотеката „Генадиос“, во поддосието 104. 6, документ број 160 и со наслов „За пограничното бугарофонско население“.
Составувачот на меморандумот Филипос Драгумис (1890-1980) , по потекло од грчкото село Богацико или Богацко, Костурска околија, син на Стефанос, бил висок функционер на грчката држава, чијашто кариера се идентификува со процесот на погрчување на нехелинофоните жители од околиите на Македонија што се инкорпорираа, по балканските војни и Првата светска војна во Грција. Во времето кога е составуван Меморандумот, борбите меѓу сојузничките сили на Демократската армија и НОФ од една страна и грчката војска од друга страна, се воделе со особена жестокост во западна Македонија.
Грчката држава, паралелно со воените операции, организира и идеолошка офанзива против македонската национална заедница. Филипос Драгумис, голем познавач на македонското прашање, бил четирипати пратеник од Леринско-Костурско 1920-1922, 1926-1928. ;1932-1933. ; 1933-1935, поранешен гувернер за Македонија (1932-1934) , помошник министер за надворешни работи (од мај 1944 до јануари 1945 и од април до ноември 1945 година) , министер за одбрана (од ноември 1945 до јануари 1947 година) и пратеник од Солун во тие години (1946-1949 година) , го искажува своето мислење за насоките на конструирањето и доизградбата на грчката пропаганда, имајќи го во предвид брзиот развој на настаните на Балканот. Задачата што му била поставена на Ф. Драгумис, како член на комисијата за национални публикации од страна на Генералштабот на армијата, се однесува на наоѓањето термини за одредување на јазичниот словенски идиом на населението од некои погранични села во Северна Грција и конкретно во Западна Македонија. Тоа значи, со други зборови, дека воениот штаб барал да најде, во согласност со внатрешните и меѓународните интереси на грчката држава, име за да го прекрсти македонскиот јазик. Ф. Драгумис се обидува опширно со својот Меморандум да и помогне на грчката пропаганда да се откаже од дотогашните три принципи кои официјално ги имаше употребено Грција во своите пописи за да го одреди јазикот на Македонците: македонски во 1920 година, македонско-словенски во 1928 година и словенски во 1940 година. Првата глава од Меморандумот е насловена: „Отфрлување на терминот Славомакедонци „, каде е дадено и појаснувањето за причините за отфрлувањето на овој термин. Иницијативата потекнува од Министерството за надворешни работи кое „ја признава штетноста од употребата на Терминот славомакедонски јазик и славомакедонска националност, што намерно го воведоа славомакедонистите во меѓународната употреба и бара тој термин да се отфрли“.
Наспроти фактот дека термините македонски јазик и македонска нација не престанаа да се употребуваат од грчките комунисти, вистина е и тоа дека истовремено, партискиот јазик ја наложи и употребата на терминот Славомакедонци.