ЕДИНАЕСЕТГОДИШНИОТ КАВАДАРЧАНЕЦ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ ТРЕБА ДА БИДЕ ВО КЛИНИКАТА ВО ФРАНКФУРТ
За лекувањето на Емил неопходни уште 15.000 евра
Единаесетгодишниот Емил Новески од Кавадарци за две недели треба да замине на клиника во Франкфурт, Германија каде што треба да му се изврши трансплантација на коскена срцевина. Емил боледува од редок тип на леукемија, а неговото семејство не е во состојба да ги покрие трошоците за лекувањето. Досега собрале 35.000 евра, а за зафатот им се неопходни уште 15.000 евра.
"Го добивме конзилијарното мислење", вели мајката на Емил Јованка Новеска. "Сега, дефинитивно, знаеме дека лекувањето во Франкфурт ќе нè чини 250.000 евра. За да нè примат на клиниката, треба да уплатиме 50.000 евра, остатокот би требало да го намири државата. Тоа е престижна клиника каде што се лекуваат деца со леукемија од целиот свет, така што освен на физичката состојба на детето, мора да се внимава и на точниот датум даден од клиниката, бидејќи не ретко бројот е пополнет и може да се случи да нема место за нови пациенти. Денес ни јавија дека нè очекуваат на крајот на првата седмица во март, па сега веќе сме во паника и не знаеме каде да се обратиме за помош. Од сите хуманитарни манифестации кои досега се организираа за да се соберат средства за лекувањето на Емил, успеавме да обезбедиме само 35.000 евра", кажува Јованка.
Мајката на Емил вели дека и тој е преплашен за неговиот живот, бидејќи е свесен оти тешко можат да најдат толку пари за само две седмици. Емил бил упатен во целата процедура на собирање на пари и многу тешко прифаќал дека мора да моли за својот живот. Благодарна му е на поп-пејачот Игор Узунов и на неговиот менаџер Ќазим Асотиќ од "Ту хартс продукција", без чија помош, како што вели, сигурно немало да соберат ни третина од парите. Тие речиси секој викенд организираат хуманитарни манифестации за помош на Емил и досега не се случило да побараат ниту денар за себе.
"За да се спаси Емилче, мора да се разбуди хуманоста кај сите навреме, затоа што моето дете нема уште многу време", апелира мајката.
Телефони и сметки за помош
Сите што сакаат да помогнат, можат да донираат 100 денари со јавување на бројот 070 143 115, 075-143-350 и 077 143 500 или, пак, да уплатат парични средства на жиро-сметката на Стопанска банка 200-002-018-470-082, за Емил Новески, и на девизна сметка СЊИФТ: СТОБ МК 2Џ ИБАН: МК 072 000 020 184 742 53.
http://www.vest.com.mk/?ItemID=E0A50312DBE9D245B22BBA0599F41119