Грчката левица Македонија ќе ја вика со уставното име
Ирена Чаушевска
09.03.2006 Неколкумина грчки интелектуалци и членови на вонпарламентарната левица составија петиција во која декларираат дека ќе ја прекинат врската со официјалниот став на грчката Влада, Македонија да ја ословува со референцата ПЈРМ и во иднина соседната земја ќе ја нарекуваат со нејзиното уставно име Република Македонија.
Според нив, името Република Македонија е единственото легитимно и вистинско име на земјата.
Во текстот на петицијата стои дека десетици држави веќе ја признаа Република Македонија под тоа име и како таква е впишана во јазикот и меморијата на сите луѓе ширум светот, освен кај грчките националисти.
Со цел да добие помасовна поддршка на својата иницијатива, тие уште пред месец дена текстот на петицијата по пат на интернет го доставија до околу 5.000 грчки државјани од земјата и во странство, по што успеаа да соберат само 56 потписи.
Меѓу потпишаните може да се забележат имиња на политички научници, историчари, новинари, инжинери, адвокати, но ниту еден грчки пратеник или член на грчката Влада.
Меѓу потписниците на петицијата се и Атанасис Парисис, претседател на грчката канцеларија на Европското биро за помалку употребувани јазици и Павлос Воскопулос, член на колективното раководство на политичката партија на Македонците од Грција Виножито.