Македонско-руски научен собир за Букурешкиот договор
Осум претставници од Русија, предводени од директорот на Институтот за славистика проф. д-р Константин Никифоров и 23 истражувачи од различни области на науките од Македонија во наредните два дена ќе ги претстават своите трудови на Шестата македонско-руска научна средба на тема „Букурешкиот мировен договор 1913 и неговите долгорочни последици за Македонија и Југоисточна Европа“, што денеска беше отворена во Скопје.
Презентираните сознанија од научниот собир, организиран од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во соработка со Руската академија на нуките (РАН), и дискусиите кои ќе произлезат од нив ќе бидат објавени во посебен заеднички зборник во издание на МАНУ што ќе биде презентиран на Седмата руско-македонска научна средба во Москва во 2015 година.
Претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски во поздравниот говор на отворањето на научниот собир Балканските војни и Првата Светска војна ги окарактеризира како голема сага која не е завршена до ден денеска.
- Темата на научниот собир нема само цел да ја осознава историјата, туку и да даде одговори на некои отворени теми - нерешени национални прашања, различни степени на развој и интеграција, различни државно-правни односи во разрешувањето на националните прашања, етаблирање на демократијата и демократските права во балканските држави,..., рече Камбовски.
Според него, последиците од Балканските војни единствено можат да се надминат со мир, дијалог и толеранција и вреднување на принципот дека нема територијални решенија за етничките прашања на Балканот.
Константин Никифоров смета дека Букурешкиот договор имал огромно значење за Балканот, го определил развојот на земјите во регионот со децении. Со него Македонија конечно била разделена, но сепак е добро да се разгледаат архивските материјали.
- Она што се случило во 2013 година има влијание и денеска. Букурешкиот мировен договор за Македонија има двојно дејство, од една страна со него конечно била разделена и долго време останала така, а од друга страна сега еден дел што тогаш се нарекувал Вардарска Македонија стекна независност и стана самостојна држава во која се создаде македонска нација и македонски литературен јазик. За зачувувуање на македонската култура и нација е многу важно што процесите активно се развиваат. Може да се зборува што било добро, а што лошо и какви се уште има нерешени прашања, но Македонија денеска е реалност, постои. Тоа што има Македонци и македонски јазик е факт што не може да се смени, а тоа е најважно, изјави Никифоров.
Академик Блаже Ристовски истакна дека денешниот научен собир има особено значење, бидејќи, како што рече, заедно со РАН, МАНУ организира собир што го одбележува трагичниот датум од пред 100 години.
- Самиот факт што ќе биде издаден зборник од средбата кој ќе оди во светот со фирмата на двете академии веќе има свое значење. Русија беше фактор при склучувањето на Балканските сојузи во војната, беше арбитар на таа војна, а потоа стана и една од земјите што го подржуваа тогашниот сојуз за поделбата на Македонија, рече Ристовски.
Смета дека Букурешкиот договор и по 100 години нема ново влијание за Македонија.
- Букурешкиот договор е свршен факт. Состојбите се исти и по 100 години, но и ставовите на одредени сили за жал остануваат исти. Дојдовме до тоа дереџе дури и името на Македонија да и се оспорува, да се дискутира дури и за нашиот идентитет. Тоа е трагедија на историјата, но таа вистина како научи работници треба да ја регистрираме и да ја претставиме пред нашата и меѓународната јавност, рече Ристовски.
Според него, треба да се знае дека Букурешкиот договор е еден комплот против постоењето на тогашната Македонија како самостојна држава иако, како што рече, во тоа време сите се надевале дека Македонија ќе добие независност пред Албанија што не се случило благодарение на некои големи сили.
- Македонија во тоа време во своите етно-географски граници не беше помала од Грција и од Србија. Грција успеа благодарејќи на односот на Србија да присвои над 50 проценти и сега токму таа се појавува како земја што го одрекува нашето постоење како Македонија и Македонци со свој идентитет и ги имаме проблемите кои ги знае целиот свет, посочи академик Ристовски.
Македонско-руските научни собири се одржуваат секоја втора година наизменично во Русија и Македонија, а по секоја средба се објавува зборник од презентираните реферати од страна на земјата домаќин.
http://www.vest.mk/default.asp?ItemID=95DC85E6BEEF3746BA1B2C37F2C12106