Едно беше референдумот за името, кога беше доволно само да седиш дома и да правиш ајвар, и сега ова, кога на површина ќе излезе она „македонското“. Кај може македонче да седи дома и да не отвори врата. Ќе му пуштат е вака некој медиумски црв од типот казни, затвор, на утринска емисија ќе отвори тема, Роберт со Милена, и таму Исо на 24, за казните и пописот. Да не почнувам сега и дека скоро па и да не постои фамилија што не е на некој начин закрепостена од државата, дали со плата, пензија, субвенции...па згора на тоа ако земеме во предвид како резонира просечното македонче, од страв да не го набркаат од работа, ја скинат пензијата, субвенциите...има да се попише од превентива, не за друго, туку од „купи ден помини“ и „наведната глава сабја не ја сече“ менталитет, има со кафе и локум да ги пречека попишувачите.
А ако некој пак се дрзне да бојкотира, да стави клуч на врата, комшијата прв ќе го накодоши, ќе рече оти е дома, ќе го пренесе на цело маало, кое што во меѓувреме 99,9% се попишало, па ќе му се смеат оти се криел во подрум, ќе го направат недоветен.