Домашниот кромид в река, увозниот на пазар
Увозниот кромид се троши по пазарите низ Македонија, а домашниот скапува. Во крушевските села каде лани се произведоа 10 милиони килограми кромид, цели ридови од фрлен кромид скапува покрај патиштата и депониите.
Вреќи кромид се газеа со тракторите и се фрлаа в река за да се укаже дека нешто мора да се направи, но попусто.
Штетата кај земјоделците се проценува на над половина милион евра.
„Ланската реколта на нула ни беше со кромидот. Јас исфрлив околу 40 тони и никој не се заинтересира и се пожаливме до Владата, никој не презеде мерки“, вели производител на кромид.
Освен земјоделците, сега и потрошувачите реагираат на негрижата која довела од нивни џеб да се плаќа увозниот кромид, а домашниот да се остави да скапе.
На пазарите увозниот кромид се продава за 40 до 50 денари
„Купив вчера и се изненадив од цената, и тоа од Бит Пазар 40 денари, и потоа ја слушнав емисијата дека нашиот кромид скапува, а овој е увозен - тоа е бесмислено. Тој што го јадеме од 50 денари е увозен, тоа е срамота. Не е во ред, наш производ може да се продава за евтини пари, а тие увезуваат скап, за луѓето е многу скапо“, рекоа граѓаните.
Новиот министер со потврда дека во земјава се влезени 269 тони кромид, што е увоз на околу 15-тина шлепери.
„Има увоз од 269 тони од Словенија, Хрватска, Холандија и Србија, во изминатите 10-дена заради недостигот на тој артикл на пазарот“, изјави Љупчо Димов, министер за земјоделство.
„Ако се најдеше некој купувач и да го складираше во некои ладилници, сигурно ова немаше да биде во нашето село и другите околни села“, рече Цане Аршиноски, производител на кромид од Бучин Крушево.
Во Македонија годишно се произведуваат околу 38 илјади тони кромид, што е двојно повеќе од потребите на домашниот пазар, кои се се проценуваат на околу 19 илјади тони годишно.
http://www.time.mk/story_e0c8459b20_article_b25103c553.html