ВЕСТ меѓу најсвирепите убијци осудени на доживотна робија: Потешко е од смртна казна

city

Модератор - технократ!
Член од
1 март 2005
Мислења
2.780
Поени од реакции
276
[FONT=Arial, Helvetica, sans-serif] Во вторникот напладне во затворот "Идризово" ја немаше вообичаената мешаница, карактеристична за викендите. На една од клупите седеше само една жена која чекаше одговор од затворската управа за сопругот што бил на издржување на затворска казна. На другата страна од влезната порта, затвореник го метеше тротоарот и потпевнуваше.

Се упативме кон стражарската куќичка. На стражарот му објаснивме дека имаме дозвола да ги посетиме затворениците што се осудени на доживотен затвор. Не погледна, заврте со главата, и потоа ја извести затворската управа дека дошле новинари. Откако ни ги зедоа мобилните телефони, го поминавме првиот безбедносен филтер и се упативме кон затворот. Таму не пречека Јакуп Шаќири, раководител на службата за превоспитување. На фоторепортерот, од безбедносни причини, не му беше дозволено да продолжи понатаму. Со началникот тргнавме кон затвореното одделение на затворот во кое се сместени најтешките криминалци. Зградата постојано се држи под клуч и деноноќно е под силно стражарско обезбедување. Се доближивме до високата порта. Повторно требаше да минеме низ стражарска контрола. Се легитимиравме. Ни беше извршен претрес, по што стражарот ја отклучи тешката врата. Влеговме во затвореното одделение. Додека се движевме по бетонската патека кон објектот, морници ми поминуваа по телото од помислата дека треба да се сретнам очи в очи со најсвирепите убијци, кои со своите дела ја шокираа јавноста. Раководителот како да ми ги прочита мислите, па патем ми рече: "Не плашете се, тие се најмирните и најкоректните затвореници, за разлика од другите".

Влеговме во зградата. Тишината ја нарушуваше песната "А моја крв у твојим венама" на некое турбо-фолк радио во некоја од ќелиите Раководителот му објасни на командирот дека дошол новинар кој сака да разговара со затворениците, и го замоли да ги праша дали некој од нив ќе се согласи на разговор. Не верува дека некој ќе прифати и ќе дојде во канцеларијата на воспитувачот. Но и тој се изненади. Петнаесетина минути подоцна на вратата се појавија десетмина. Беа на возраст меѓу 25 и 40 години. Без лисици на рацете. Спастрени, избричени. Кој облечен во фармерки, кој во тренерки. Сите се поздравија. Наспроти моите претпоставки дека ќе бидат дрски, нерасположени и нервозни, изгледаа смирено, како да симнале голем товар од себе. Меѓу нив ги препознав Дино Диневски, осуден за убиството на Александар Китановска, и Николче Гиевски, човекот што лежи доживотен затвор за убиството на Санде и Цвета Тодевски во Драчево. Нив, и покрај тоа што никогаш нема да ја видат светлината на денот, не ги напуштила смислата за хумор. Како што ни објаснија, ова за нив бил посебен ден, бидејќи им се случува нешто ново, поразлично од секојдневната монотонија. "Ако ништо друго, барем ги размрдавме нозете и видовме непознато лице", низ смеа ни рече Дагистан Демировски од Штип, кој е осуден на доживотна робија бидејќи, заедно со уште тројца други во Штип силувале жена, а потоа со камен и ја столчиле главата.

Сите беа бледи. Не паметат кога последен пат виделе сонце и вдишале чист воздух. Ним денот им почнува и им завршува во затворската ќелија. Ги има дваесет и двајца. Со нив во крилото се и осуденици со над 10-годишни затворски казни. Во соби се сместени по двајца, по петмина, а во некои и по осуммина. Контактот со реалноста го одржуваат преку прозорските решетки. Еден по еден, некои нервозно, а некои од нив пополека зборуваа за затворскиот живот, за згодите и незгодите во ќелиите. Забрането им е да работат. "Не знаеме што да правиме со себе. Порано ни беше дозволено да работиме по нешто во ќелиите. Правевме разни фигури од кибритчиња, кој цркви, кој џамии. Но сега и тоа ни го забранија. Дозволено ни е само да гледаме телевизија. Ама не можеме деноноќно да гледаме кон телевизорот, ќе ни се расипе умот. Живееме како семејство. Сами се грижиме за хигиената оти знаеме дека тука ќе останеме цел живот. Кога добиваме пакет, го делиме подеднакво. Солидарен сме", велат тие.
Иако се свирепи убијци, тие се големи борци за сопствените права. Законот го знаат напамет и го толкуваат онака како што ним им одговара, и покрај тоа што завиле многу семејства во црно "Знаеме дека сме осудени доживотно. Но неправилно. Страдаме и ние, но и тие што ги загубиле најмилите, затоа што знаат дека ние сме живи", почнаа нервозно да раскажуваат за нивниот затворски живот. Никој од нив не сакаше да зборува за злосторството кое го направил. Некои од нив дури не се сеќаваа ни на имињата на жртвите.

Повеќето се каеја за она што го направиле. Велат дека доколку сега се најдат во иста таква ситуација, би направиле поинаку. "Но што е тука е. За тоа што го направивме сега сме тука". Сите живеат со помислата дека еден ден ќе се смени законот во нивна полза.

Ги прашав: "Која е вашата иднина?". Одговорот на сите беше идентичен: "Надежта последна умира. Човечки е да се надеваме дека еден ден ќе ја видиме светлината на денот. Тоа не одржува во живот. Немој да мислите дека ние сме живи, но мртви души. Оваа казна е потешка и од смртната. Вака умираш пополека, секојдневно. Но трошка надеж кај нас постои, бидејќи законот предвидува можност по 15 години поминати во затвор да бараме помилување од Претседателот на државата. Надеж дека може да се спасиме ни даде и еден наш осуденик кому деновиве Врховниот суд му ја укина доживотната казна и му ја замени со 15-годишна затворска казна. Не ви кажувам за кого се работи", вели Дагистан Демировски.
Иако сите, без исклучок, мечтаат еден ден да се најдат на слобода, сепак, повеќето се плашат од тоа. "Ние веќе не сме истите луѓе како порано. Повеќето ќе бидеме старци, околината нема да не прифати. Како би се снашле. За нас најбезболно е да не наредат на sид и да не стрелаат. Само така правдата ќе биде задоволена", вели кумановецот Зоран Арсовски, кој пред две години во нивната семејна куќа ја уби неговата бремена сопруга и нејзината мајка.

***

Живеам за посетите на родителите

Пред неколку недели Апелациониот суд во Скопје на Николче Гигевски, со прекар Кинезот, му ја потврди казната доживотна робија. Тој има само 26 години, а осуден е за свирепо убиство. Во Драчево уби двајца старци. Со нож го закла Санде Тодевски во неговиот кревет, а неколку недели подоцна од тепањето почина и неговата сопруга Цвета Тодевска.

Видно здебелен, смирен, со тетоважи на десната рака, Николче почна да објаснува дека нему му е нанесена судска неправда, бидејќи го убил само Санде, а не и неговата сопруга. Бев пијан и не се сеќавам што сум направил. Се каам за тоа што го сторив. Па тие луѓе ме израснаа. Но враќање назад нема. Иднина не гледам, иако сум млад. Живеам само за посетите на родителите кои редовно ми доаѓаат. Тоа ме одржува во живот".

Во затворов безделничиме. Денот ни е како година, да ни дадат барем нешто да работиме, така времето побрзо ќе ни минува. Занеме дека немаме никакви затворски привилегии. Никој не ни обрнува внимание. Ние сме осудени да гниеме во затвор. Ова не е живот", вели Гигевски.

***

Ова е најнехуманата казна

"Во затворов сум повеќе од три години", вели скопјанецот Тони Јаковчевски (32) и седна на едно од столчињата. Беше толку смирен, зборуваше со тивок тон, просто човек не може да поверува дека тој сторил злосторство и ги убил Велко и Драгица Станковски, за пари, во куќа во Пржино. По убиството избега во Шведска. Лани со фалсификувани документи се обиде да се врати во државава. Но беше уапсен.

"Ќе зборувам доколку вие напишете се што ќе ви кажам". Застана и чекаше одговор. Откако му ветив дека така и ќе биде, почна да зборува .Раскажуваше за себе, за деновите поминати во странство каде што избегал по извршеното злосторство, за двете малолетни деца кои не ги видел, бидејќи сопругата не сакала да му ги даде, за студентските денови и деновите додека работел во хотелот "Континентал" во Скопје. На се се сеќаваше, но не и за убиството. Дури не сакаше да ги каже ни имињата на жртвите. Вели дека за него оваа казна е најнехуманата во едно демократско општество, бидејќи никој за нив не водел грижа. Но и тој, како и сите други, се надева дека во иднина нешто ќе се смени. Се жалеше дека се без работа, дека не им даваат да прошетаат барем половина час во текот на неделата.

"Досега не бев осудуван. Ова ми е првата казна, и најтешката. Но кој ми е виновен. Друштвото влијаеше врз мене. Од мирен човек, станав sвер. Кога ќе ги ставам на вага двата човечки живота и причините зошто ги убив, наттежнуваат околностите". Но кои, не сакаше да каже, и продолжи: "Кога би можело да се врати времето. Но тоа не се враќа. И со 20 години ќе бев задоволен. Која е целта на ваквото казнување. Повеќе страдаме од жртвите на кои им ги одзедовме животите", продолжи смирено да раскажува Јаковчевски.

***

Се молам на Господ Китановска да стане и да каже кој ја уби

Додека другите ги раскажуваа своите животни приказни, Дино Диневски нервозно тапкаше со нозете во место. Видно ослабен, без заби, распартален, гледајќи ме право в очи, речиси без здив, ја повтори веќе слушанатата изјава: "Јас не ја убив Сандра Китановска. Секој ден се молам на Господ таа да стане и да каже кој и го стори тоа. Еве, уште еднаш јавно ќе прашам како се случи никој да не ја пронајде девојката на местото на кое е убиена. По тоа патче има врвулица од народ. И никој не ја забележа, се додека не ја најде нејзиниот татко. Полицијата знаеше дека јас сум криминалец кој влегува и излегува од затвор, па за да си го расветли случајот, ми го накалеми убиството. Да ја убиев, ќе се каев. Но јас тоа не го сторив".

Во затворот, за разлика од другите затвореници, Дино нема кој да го посети. Не добива ни пакети. Тој нема ни родители ниту, пак, роднини. Дино е дете оставено на улица.

Тој е осуден на доживотен затвор бидејќи откако ја силувал, ја задавил скопјанката Сандра Китановска, а потоа со неговата пријателка заминал во Прилеп. Неколку дена по свирепото убиство тој беше уапсен. Беа пронајдени траги од крв, но и остатоци од влакна кои со ДНК анализа се потврди дека се негови.

***

Душата ми е мртва

"Поминав седум години во затворов. Сега бројам нови седум за да стигнам до бројката 15, и потоа ќе барам помилување. Но не се надевам", беше искрен Ѓорѓи Ангелов (44) од Берово, осуден за убиство на неговата невенчана сопруга Славица Ангелова, која ја убил пред очите на нејзината мајка. За класичното убиство, како што го оквалификува тој, бил осуден на 15 години затвор. Потоа, по жалба во Апелациониот суд во Штип, за истото дело бил осуден на доживотен затвор. Судот ваквата одлука ја образложил со тоа дека единствено ваквата казна превентивно ќе дејствувала врз сторителите на вакви кривични дела кои зачестиле во Источна Македонија. Од тој момент Ангелов изгубил верба во судството. "Седам, лежам, но крај нема ".

"Пред неколку недели ме пикнаа во самица. Ме обвинија дека сум играл комар со другите затвореници. Поминав пет дена во четири sида. Но тоа не е тешко,тешка е неизвесноста. Душата ми е мртва. Во затворов има осуденици кои за исто дело се осудени на затворски казни од 15 години, а јас доживотно. Која е таа правда", револтирано рече Ангелов и стана од столчето. Не сакаше повеќе да зборува.
[/FONT]
 
Член од
5 јануари 2008
Мислења
2.801
Поени од реакции
3.053
Убаво напишано.. толку ме занесе.. немам зборови браво!
 

**Buli**

засекогаш дете!!!
Член од
3 декември 2007
Мислења
125
Поени од реакции
2
Да да, супер ти е срочен текстов, браво!
..а инаку, па да....тоа и е целта на доживотната робија, да се почувствува грижата на совест како морална казна, а воедно и да делува воспитно на околината...која е користа од смртната казна, тоа се случува за неколку секунди....и престанува....ова е права казна, да те тишти нешто од кое нема каде да избегаш...
 

iis

Mraf4i
Член од
12 септември 2007
Мислења
432
Поени од реакции
16
Stvarno prekrasno napisano isuper dolovena situacija. Inaku ja mislam deka za vakviluge ne treba pomiluvanje, zasto bi imalo 1 odzemen chovechki zivot poveke vrediod bilo sto,i seto toa sho im se sluchuva im se sluchuva kako zamena za nivnoto zlostorstvo.
 

Chombe_United

Да ми бричите ташаците!
Член од
14 декември 2007
Мислења
8.809
Поени од реакции
452
А бе се убаво ама како викаат старите, после *бење нема каење!
 

Apokalipto

Tredici
Член од
4 март 2007
Мислења
15.576
Поени од реакции
2.585
Епа рече некој погоре -тоа е смисла на доживотната казна која се дава за тешки злосторства.
 
Член од
12 септември 2007
Мислења
502
Поени од реакции
4
Добар текст,нема што ,ама кој им е крив што не размислувале и направиле таква глупост.Сепак се работи за тешки злосторства и сакале тие или не,ќе мора да си ја одработат казната
ама не за џабе викаат...Think before you act
 
V

Viktoranius

Гостин
Убаво напишано, ама па сакат помилување ? WTF ?
Јас на вакви свирепи убијци не доживотно, 10 доживотни ќе им дадам.
 
Член од
29 ноември 2007
Мислења
1.149
Поени од реакции
38
Додека го читав текстот се чувствував како и јас да сум присуствувала таму тој ден.Неможе некој да убие и да добие само неколку години казна или да добие смртна казна.Ако можат убиените да станат од гроб тогаш и тие ќе можат да излезат од затвор.
 

^Exotic^

Wanderstruck
Член од
25 ноември 2007
Мислења
5.969
Поени од реакции
1.059
Sunshinebaby во право си.Не заслужуваат помилување.А текстот е навистина прекарасен.
 

Esobar

Македонија над СЕ !
Член од
12 февруари 2008
Мислења
4.895
Поени од реакции
453
ехх кинез кинез
 
Член од
18 ноември 2007
Мислења
609
Поени од реакции
41
:helou:Текстот е сликовито напишан ,од разговорот се насетува кај сите надеж дека ќе бидат помилувани ,малку од нив покажаа дека им е жал за тоа што го направиле дека казната е заслужена , односно дека е подобро оваа казна отколку цел живот мачење на совеста ,но кај никој не насетив дека има совест.:smir:
 

Kajgana Shop

На врв Bottom