“Нека се молат дома!”
Откако први во Шпанија го забранија носењето бурки во јавни згради, сега градските власти на Леида ја затворија единствената џамија во градот под изговор дека е премногу популарна и им порачаа на муслиманите да се молат од дома.
Социјалистот Анхел Рос, таткото на градот лоциран во североисточниот регион на Каталонија, се пожалил дека џамијата секогаш била преполна со луѓе и наредил нејзино затворање на неодредено време.
Често пати во зградата (фото), која порано служела
како гаража за поправка на камиони, се собирале и по повеќе од 1.000 луѓе и покрај тоа што нејзиниот капацитет е само 240 лица. Во градот се гради нова џамија, но работата е стопирана поради недостиг од пари.
“Општината не е обврзана да обезбеди места за молење. Оние кои сакаат, можат да се молат дома, како што правам јас самиот”, им одговорил Рос на поплаките од муслиманската популација.
На затворањето на џамијата му претходеше воведување забрана за носење бурки во јавни згради. Во јуни годинава, градскиот совет на Леида беше првиот во Шпанија кој нареди таква забрана, по што повеќе од десетина совети го следеа примерот, вклучувајќи го и оној во Барселона.