Одамна немам пишано мислење на форумов, најверојатно поради други обврски и двајцата мали нинџи по дома, но темава ми се виде интересна.
За мојот музички вкус најголемо влијание има еден братучед, кој ми беше како брат, а почина во 2010-та година на само 26 години од рак. Истиот беше колекционер на касети во фамозните 90-ти години. Ние по некоја случајност имавме дома касетофон со опција за преснимување касети, па добро се сеќавам уште како мал дека често пати идеше кај нас и преснимуваше копии најчесто за другарите, а некогаш оставаше и по некој примерок за мене. Од тоа што паметам, први бендови кои сме ги слушале и од кои сум добил касета беа Архангел (не можам да се сетам точно кој албум), Нирвана (Nevermind, бидејќи се сеќавам на паковката со бебето), и имаше едни касети нешто гласеа Best Alternative (најверојатно некој си имаше правено компилации) со музика претежно 90-ти од разни бендови. Една од најслушаните касети беше Nirvana-MTV Unplugged каде ја знаевме секоја пауза, секое закашлување и издишување на Кобејн, од што ни беше отепан од слушање. Тогаш за нас несватливо беше маж да плачи по девојка (Where did you sleep last night) па кога идеше таа песна ја доживувавме со некаква возбуда, траорност па дури и хорор би рекол, бидејќи ни беше кажано дека пеел за некаква девојка, а ние како мали деца абер немавме од англиски.
Братучедот чуваше касети во неколку кутии од чевли, онака во паковки со слика од албумот, кои и до ден денес ги паметам. Дури и мирисот уште им го чувствувам.
Дел од нив по смртта негова, ги остави вујко ми кај нас. Уште стојат нефатени, долу во дуќанот.
Потоа дојде ерата на цедиња, а со тоа и првиот допир со Kid A, Amnesiac, OK Computer и омилените Radiohead. На почетокот ги слушав некако со чудење, во смисла каква ли е оваа музика недефинирана, но претпоставувам дека меланхолијата која ја носат нивните песни, беше клучна да се поврземе со некаква силна врска. И тоа беше бендот кој ни стана и ни остана омилен до крај.
Некој погоре ги спомна Muse, па се сеќавам дека една женска (по име Бјанка или Бианка) му даде поклон за роденден, цеде од Muse (Origin of summetry). Најпрво како и некои членови од погоре, мислевме дека се некаква копија на Radiohead, меѓутоа со тек на време сфатив дека се речиси целосно различни. Тогаш почетокот на Plug in baby рснат на максимум на систем, беше рамно на оргазам, за кој не бев свесен ни дека постои како момент (или што би рекол Албахари во Опис на смртта, тоа чудно затемнување).
Во меѓувреме идат средношколските денови, каде се бркаат женски, се излегува по кафичи каде настапуваат Врчак, Мекич, Јован Јованов, Ламбе и компанија, но никогаш не се врзав со тој тип музика, иако можеби ги научив без да сакам и тие песни, пошто женските го сакаа тоа нели. И тој период беше некоја година две, се до моментот кога влегов во добро познатиот прилепски кафич Апореа, каде се слушаше исклучиво рок музика, со викендашки свирки, фестивали, со реалност од друг универзум. И таму завлеков нога по вина на братучедот, кој ме собра еден викенд со другарите, иако бев далеку помал од нив. Се сеќавам како на таванот од кафичит го видов нацртан омотот од Closer на Џој Дивижн кои до тогаш ми беа познати како бенд но не и активно слушани, па така тој период некаде 2005-2006 година, го посветив на нив.
Тамошниот диџеј Биџо (кој и ден денес се занимава со музика и продажба на винили) ни пушташе музика од Архангел, Мизар, Анастасија, Падот на византија, па ЕКВ, Азра, Идоли, Електрични Оргазам, Рундек, па од странскиве Pearl Jam, Tool, Offspring, Bad Religion и тн и тн.
Пропратно имавме привилегија да слушаме разни македонски изведувачи од Флукс, до Верка, Паркети, Пеперминт (овие по битолска линија) и останати имиња да не ги редам.
И некаде 2008 или 07 ги откривме и Porcupine Tree. Морам до спомнам дека неколку дена пред смртта на братучедов, му направив блуза со бендов која сакав да му ја дадам, но мајка ми ме одврати од намерата, во смисла за некој ден му е роденден, тогаш ќе му ја дадеш почекај. Не го дочека роденденот за два дена. Истата ја ставивме во ковчегот...
После една таква основа, сам продолжив со откривање бендови. Музиката ми стана некако пасија. Споделив голем дел од моето знаење и тука на форум како некогашен модератор, а воедно научив и нова музика од тукашните членови со кои се најдовме на иста или слична бранова должина.
Денес еве в канцеларија слушам нешто Brian Eno колку да брчи во позадина дури пишувам.
Тоа е отприлика.